A A A A A
Bible Book List

Римјаните 10Macedonian New Testament (MNT)

10 Драги пријатели христијани, мојата најголема желба и молитва кон Бог е Израелците да се спасат. Знам дека тие се многу ревносни за Бог, но таа нивна ревност не произлегува од правилно разбирање. Тие не го знаат начинот на кој Бог им подарува праведност на луѓето. Сакаат да се здобијат со сопствена праведност, преку придржување кон Мојсеевиот Закон, наместо да ја прифатат Божјата праведност. Христос ја исполни целта на Законот[a]. Сега сите што веруваат во Христос се здобиваат со праведност пред Бог.

Праведност преку вера

Пишувајќи за стекнување праведност според Божјиот Закон, Мојсеј вели: „Кој ќе се придржува до сите наредби во Законот, ќе живее[b].“

А праведноста што се стекнува преку вера вели вака: „Не треба да се искачиш на небото за да Го доведеш Христос и не треба да слегуваш во светот на мртвите за да Го вратиш Христос меѓу живите[c]!“ Пораката за спасение преку вера во Христос е лесно достапна, како што и се вели во Светото Писмо:

„Пораката е близу до тебе,

таа е на твоите усни, во твоето срце[d].“

Ова е учењето за верата што ние го проповедаме.

Ако со својата уста Го признаваш Исус за Господ, и ако во своето срце веруваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе бидеш спасен. 10 Ако длабоко во себе имаш таква вера, Бог ќе те смета за праведен. Ако со својата уста ја исповедаш оваа вера, ќе бидеш спасен.

11 Светото Писмо вели вака: „Ниту еден од оние што веруваат во Него нема да се разочара[e]!“ 12 Без оглед на тоа дали се работи за Евреин или за припадник на некој друг народ. Единствениот Господ што постои е за сите и Тој е дарежлив спрема сите што бараат помош од Него. 13 „Секој што ќе Му се обрати на Господ, ќе биде спасен[f].“

14 Но како ќе Му се обраќаат на Господ, ако не веруваат во Него? А како ќе поверуваат, ако не чуле за Него? Како ќе чујат, ако некој не им проповеда? 15 А како може некој да проповеда, ако не е испратен од Господ? Затоа во Светото Писмо пишува:

„Благословени се стапалата

на луѓето што ја разгласуваат Радосната вест[g]!“

16 Но сите не ја прифатија Радосната вест. Пророкот Исаија вели: „Господе, има ли некој што верува во пораката што ја проповедаме[h]?“ 17 Сепак, верата доаѓа преку слушање, и тоа преку слушање на Радосната вест за Христос[i].

Неверството на Израелците

18 Но зарем Израелците не чуле? Се разбира дека чуле:

„Гласот на Божјите созданија низ целата Земја се ори

до крајот на светот зборот им се гласи[j].“

19 Пак ќе речам, зар на Израелците не им е јасно? Уште преку Мојсеј Бог им порача:

„Ќе предизвикам љубомора кај вас,

благословувајќи други народи што сега не се Мој народ,

ќе се лутите кога ќе ги благословам

неупатените народи[k]!“

20 Пророкот Исаија храбро им кажа од името на Бог:

„Ме најдоа оние што не Ме бараа,

им се објавив на оние што не прашуваа за Мене[l].“

21 А за Израелците, Бог вели:

„По цел ден ги ширев рацете кон вас,

непослушен и инаетлив народе[m]!“

Footnotes:

  1. Римјаните 10:4 Или: Христос го означува крајот на важењето на старозаветниот Закон.
  2. Римјаните 10:5 3 Мој. 18:5.
  3. Римјаните 10:7 5 Мој. 30:12-13.
  4. Римјаните 10:8 5 Мој. 30:14.
  5. Римјаните 10:11 Иса. 28:16.
  6. Римјаните 10:13 Јоел. 2:32.
  7. Римјаните 10:15 Иса. 52:7.
  8. Римјаните 10:16 Иса. 53:1.
  9. Римјаните 10:17 Или: Сепак, кога се проповеда Христовото Слово, кај слушателите се раѓа вера во Христос.
  10. Римјаните 10:18 Псалм 19:4.
  11. Римјаните 10:19 5 Мој. 32:21.
  12. Римјаните 10:20 Иса. 65:1.
  13. Римјаните 10:21 Иса. 65:2.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes