A A A A A
Bible Book List

Римјаните 1Macedonian New Testament (MNT)

Писмо од апостол Павле до христијаните во

Рим

Авторство и поздрави

Од Павле, во служба на Исус Христос, повикан од Бог да бидам Негов апостол и да се посветам на проповедање на Радосната вест. Таа Радосна вест Бог уште одамна ја вети, преку Своите пророци во Светите писма. Радосната вест зборува за Неговиот Син. Тој според Својата човечка природа беше потомок на царот Давид. Што се однесува до Неговата божествена светост, огромна сила потврди дека Тој е Божјиот Син кога Бог Го воскресна од мртвите. Тоа е Исус Христос, нашиот Господ. Преку Него и во Негово име Бог ни ја даде таа привилегија да бидеме Негови апостоли и да ги повикуваме луѓето од сите народи да веруваат во Бог и да Му бидат послушни.

Меѓу оние што се повикани да Му припаѓаат на Исус Христос сте и вие, драги христијани во Рим. Вие сте Му мили на Бог и Тој ве повикува да бидете Негов свет народ.

Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.

Благодарности на Бог

Готовност за проповедање во Рим

Најнапред сакам да Му заблагодарам на мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, бидејќи за вашата вера се раскажува по целиот свет. Бог, Кому јас Му служам со сето свое срце[a] и ја проповедам Радосната вест за Неговиот Син, Тој ми е сведок дека во моите молитви постојано си спомнувам за вас.

10 Секогаш во моите молитви барам, ако е Божја волја, патот да ме наведе еднаш да дојдам кај вас.

11 Копнеам да ве видам, за да можам да споделам со вас некој духовен дар, па да зацврснете. 12 Сакам да ве охрабрам во вашата вера, но сакам и јас да се охрабрам од вас.

13 Сакам да знаете, драги пријатели, дека многупати посакував да дојдам кај вас, за да има плодови и меѓу вас од мојата работа, како што има меѓу другите народи. Но се досега бев спречен.

14 Се чувствувам должен и спрема просветените народи и спрема варварите, и спрема мудрите и спрема неразумните, 15 па, колку што тоа зависи од мене, желен сум да дојдам и кај вас во Рим, за да ви ја проповедам Радосната вест.

Спасението е преку вера

16 Не, јас не се срамам од Радосната вест за Христос. Таа е силата со која Бог ќе го спаси секој што верува: почнувајќи од Евреите, а потоа и другите народи. 17 Таа ни открива дека Бог не оправдува само преку вера. Токму тоа и го пишува во Светото Писмо: „Праведникот ќе живее преку вера[b].“

18 Бог го излева Својот гнев од небото против сите безбожни и неправедни луѓе, што ја отфрлаат вистината[c], 19 затоа што тие го имаат неопходното знаење за Бог, Кој кај сите нас го има всадено тоа знаење. 20 Она што кај Бог е невидливо, имено Неговата вечна моќ и божествена природа, можат јасно да се согледаат уште од создавањето на светот и да се разберат преку се што е создадено. Затоа нема оправдување за оние што немаат почит спрема Бог.

21 Значи, тие знаат за Бог, но ниту Го почитуваат како Бог, ниту Му се благодарни. Напротив, си измислија свои богови, а умовите им се помрачија и збркаа. 22 Се сметаа за мудри, но испаднаа глупави. 23 Наместо да Го слават бесмртниот Бог, тие слават ликови на смртни луѓе, на птици, четвороножни животни и влечуги.

24 Затоа Бог ги препушти да ги води похотата на нивните срца, да се опогануваат, еден со друг да си ги обесчестуваат телата. 25 Ја заменија вистината за Бог со лага, па му служат и му се поклонуваат на создаденото, а не на Создателот, Кој е благословен за вечни времиња. Амин!

26 Поради тоа Бог ги препушти на нивните срамни страсти. Дури и нивните жени веќе не водат љубов на природен начин, туку прават противприродни работи. 27 Истото го прават и мажите. Напуштајќи го природниот однос со жените, ги распалуваат страстите еден спрема друг, мажи со мажи прават срамни нешта и врз себе добиваат заслужена казна за својата расипаност.

28 Бидејќи тие одбија да го прифатат Бога во своите умови, Тој ги препушти на нивните изопачени умови, да прават непристојни работи. 29 Се исполнија со секаков вид неправедност, лошотија, алчност, злоба, завист, убиства, раздор, измама, подмолност и озборувања. 30 Клеветат, Го мразат Бога, дрски се, арогантни, фалбаџии, постојано измислуваат нови начини да направат некое зло. Непослушни се спрема родителите, 31 неразумни, ветеното не го исполнуваат, бездушни се и безмилосни. 32 Иако знаат дека според Божјиот праведен Закон сите што така постапуваат заслужуваат смрт, сепак, не само што си тераат по свое, туку ги поттикнуваат и другите така да прават.

Footnotes:

  1. Римјаните 1:9 Или: Му служам во мојот дух.
  2. Римјаните 1:17 Цитат од пророкот Авакум 2:4.
  3. Римјаните 1:18 Или: попречуваат да се дознае вистината.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes