A A A A A
Bible Book List

Откровение 5Macedonian New Testament (MNT)

Книгата и Јагнето

Потоа, во десната рака на Оној што седеше на престолот забележав Книга[a] испишана и однадвор и однатре, запечатена со седум печати. Тогаш видов и еден силен ангел кој со многу силен глас запраша: „Кој е достоен да ја отвори Книгата, да ги скрши нејзините печати?“ Но не се најде никој, ни на небото, ни на Земјата, ниту пак во Подземниот свет, што можеше да ја отвори Книгата и да ја прочита.

Јас многу плачев поради тоа што не се најде ниту еден што ќе биде достоен да ја отвори Книгата и да ја прочита. Тогаш еден од старешините ми рече: „Не плачи! Еве Го Победникот - Лавот од племето на Јуда, Давидовиот Потомок - Тој ќе ги скрши печатите и ќе ја отвори Книгата!“

Тогаш погледнав и Го видов Јагнето. Стоеше сред престолот, опкружено со четирите суштества и со дваесет и четирите старешини. Јагнето имаше лузна како некогаш да било заклано. Имаше седум рогови и седум очи, кои Го претставуваа седумкратниот[b] Божји Дух испратен по целата Земја.

Јагнето пристапи и ја зеде Книгата што ја држеше во десната рака Седнатиот на престолот.

Небесниот хор

Кога Јагнето ја зеде Книгата, четирите суштества и дваесет и четирите старешини паднаа ничкум пред Него. Секој од нив во рацете имаше харфа и златен пехар полн со запален темјан, што ги претставуваше молитвите на Божјите луѓе[c]. Тие пееја нова песна со следниве зборови:

,Ти Си достоен да ја земеш Книгата, да ги скршиш нејзините печати и да ја отвориш, зашто Ти беше убиен и со Својата крв откупи за Бог луѓе од сите племиња, јазици, народи и раси. 10 Нив ги направи Божјо царство и Негови свештеници кои ќе владеат на Земјата.“

11 Во моето видение понатаму чув песни од многубројни ангели собрани околу престолот, околу четирите суштества и околу старешините. Бројот на ангелите беше многу милиони 12 и тие пееја громогласно, во хор:

„Јагнето што беше убиено е достојно да добие власт, богатство, мудрост, моќ, чест, слава и благослов!“

13 Тогаш чув како проговорија сите суштества на небото, на земјата, под земјата и во морето. Сите пееја здружени во хор:

„Благослов, чест, слава и моќ за Оној што седи на престолот и за Јагнето, за вечни векови!“

14 А четирите суштества одговараа: „Амин!“, додека дваесет и четирите старешини паднаа ничкум и им се поклонија на Бог и на Јагнето.

Footnotes:

  1. Откровение 5:1 Книга, или свиток, обично од кожа или пергамент, кои во тоа време служеле наместо хартија за пишување. Доверливите документи честопати биле завиткани во ролна и на повеќе места запечатени со восок.
  2. Откровение 5:6 Или: седумте Божји Духови испратени ...
  3. Откровение 5:8 Буквално: на светиите.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes