A A A A A
Bible Book List

Откровение 1Macedonian New Testament (MNT)

Откровение

од Исус Христос

дадено преку апостол Јован

Предговор

Ова е откровение од Исус Христос. Бог Него Го овласти да им го открие на Своите следбеници она што наскоро ќе се случи. Потоа Христос испрати Свој ангел преку виденија да му ја пренесе пораката на Божјиот слуга Јован. Јован овде верно ја кажува Божјата порака, сведоштвото на Исус Христос и се што видел. Бог ги благословува оние што јавно ги читаат[a] овие пророштва, како и оние што ги слушаат и ги прифаќаат пророштвата запишани во оваа книга. Зашто, предопределеното време за нивно исполнување е на прагот!

Поздрави до седум цркви

Од Јован, до седумте цркви во Азија[b]:

Ви пожелувам милостива благонаклоност и мир од Бог[c], Кој постои, Кој отсекогаш постоел и Кој ќе дојде;

и од седумкратниот[d] Дух пред Неговиот престол,

и од Исус Христос - верниот Сведок, Првороденецот од мртвите и Владетелот над земните цареви. Тој нас не љуби и со Својата крв не откупи од власта на гревот. Тој од нас направи Царство на свештеници кои служат пред Бог, Кој е Негов Татко. Нему Му припаѓаат славата и власта во вечни векови - Амин!

Еве Го, доаѓа со небесните облаци! Секое око ќе Го види - дури и оние што Го прободеа! Сите народи на Земјата ќе проплачат поради Него! Да, навистина[e]!

Господ Бог, Семоќниот, вели: „Јас сум Алфа и Омега - Оној Кој постои, Кој отсекогаш постоел и Кој ќе дојде!“

Видение на Јован за воскреснатиот Христос

Јас сум Јован, ваш брат и сострадалник, кој како следбеник на Исус заедно со вас трпеливо ги поднесувам страдањата што ни доаѓаат нам кои му припаѓаме на Неговото царство. Се наоѓам во прогонство на островот Патмос[f], поради тоа што ја проповедав Божјата порака и сведочев во полза на Исус.

10 Еден неделен[g] ден, додека општев со Духот, чув како зад мене одекна глас силен како од труба. 11 Гласот ми рече: „Запиши го во книга тоа што ќе го видиш и испрати го до седумте цркви во градовите[h]: Ефес, Смирна, Пергам, Тијатир, Сард, Филаделфија и Лаодикеја.“

12 Кога се свртев да видам кој ми зборува, видов седум златни свеќници[i].

13 Таму, меѓу свеќниците, видов Еден што личеше на Синот Човечки[j], облечен во долга облека до стапалата и препашан околу градите со златен појас. 14 Главата и косата Му беа бели како снежно бела волна, очите Му беа како огнен пламен, 15 стапалата Му блескаа како бронза пречистена во вжарена печка, а гласот Му беше силен како бучава од забревтани води. 16 Во Својата десна рака Тој држеше седум ѕвезди, а од устата Му излегуваше двостран остар меч. Лицето Му болскотеше како Сонцето во полна сила.

17 Кога Го видов, паднав како мртов пред Неговите нозе! Тој ме допре со Својата десна рака и ми рече: „Не плаши се! Јас Сум Првиот и Последниот. 18 Јас Сум Живиот! Бев мртов, но сега Сум вечно жив и ги имам клучевите[k] од смртта и од Адот[l]. 19 Запиши го тоа што го виде: и тоа што е сега и тоа што ќе се случи подоцна. 20 А еве што е таинственото значење на седумте ѕвезди што ги виде во Мојата десна рака, и на седумте златни свеќници: седумте ѕвезди ги претставуваат седумте гласници[m] на седумте цркви, а седумте свеќници ги претставуваат седумте цркви.“

Footnotes:

  1. Откровение 1:3 Се мисли на јавно читање пред луѓе, како, на пример, на богослужба.
  2. Откровение 1:4 Дел од Азија која тогаш била источна провинција на Римската империја. Таа област денес е во Турција.
  3. Откровение 1:4 Во ориг: Од Оној Кој е ...
  4. Откровение 1:4 Или: од седумте духови.
  5. Откровение 1:7 Во ориг: Амин! Овој збор значи Вистина е или Така нека биде.
  6. Откровение 1:9 Мал остров во Егејското Море, каде што Римјаните ги собирале затворениците.
  7. Откровение 1:10 Буквално: Во Господовиот ден. Се мисли на недела, т.е. во неделен ден.
  8. Откровение 1:11 Сите овие градови се во денешна Турција. Ефес бил во средината, а останатите шест градови прават полукруг околу него.
  9. Откровение 1:12 Зборот што Евреите го користат за свеќник е менора.
  10. Откровение 1:13 Тоа е Исус. Појаснување за овој израз има во Матеј 8:20.
  11. Откровение 1:18 т.е. ја имам власта над ...
  12. Откровение 1:18 Адот е светот на мртвите, Подземјето.
  13. Откровение 1:20 Буквално ангели. На грчки, ангел значи гласник. Во овој случај станува збор за водачите (проповедниците, свештениците, итн.) на црквите, преку кои се претставени соодветните цркви.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes