A A A A A
Bible Book List

Матеј 5Macedonian New Testament (MNT)

ИСУСОВАТА ПРОПОВЕД НА ГОРАТА

Кога Исус виде толку народ, се искачи на ридот, па откако седна, Му пристапија Неговите ученици и Тој започна да ги поучува вака:

Кого ќе благослови Господ?

„Благословени се оние кои се чувствуваат духовно сиромашни, зашто на таквите им припаѓа небесното царство!

Благословени се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени!

Благословени се кротките луѓе, зашто тие ќе бидат наследниците на Земјата!

Благословени се луѓето кои се гладни и жедни за правда, зашто тие ќе бидат задоволени!

Благословени се милостивите луѓе, зашто тие ќе бидат помилувани!

Благословени се луѓето со чисто срце, зашто тие ќе Го видат Бога!

Благословени се миротворците, зашто тие ќе бидат прогласени за Божји деца!

10 Благословени се прогонуваните поради тоа што се справедливи, зашто ним им припаѓа небесното царство!

11 Благословени сте и вие ако ве навредуваат и прогонуваат поради тоа што сте Мои следбеници и ако изнесуваат злобни лаги против вас. 12 Радувајте се и ликувајте, зашто на небото ве чека голема награда; така беа прогонувани и Божјите пророци кои живееја пред вас.“

Сол и светлина на светот

(Мк. 9:50; Лк. 14:34-35) 13 „Вие сте во улога на сол на Земјата; ако солта стане блуткава, како ќе и се врати солениот вкус? Таа ќе стане безвредна - ќе биде фрлена да ја газат луѓето.

14 Вие сте во улога на светлина на светот, како осветлен град изграден на врв планина, за сите да го гледаат. 15 Никој не пали свеќа за да ја покрие со капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на сите во куќата. 16 Така и вие бидете светлина пред луѓето, нека видат добри дела во вас, па ќе Го слават вашиот небесен Татко.“

Осврт на Божјиот Закон

17 „Немојте да мислите дека сум дошол да ги укинам Божјиот Закон и учењата на пророците. Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам. 18 Зашто, ве уверувам дека, се додека постојат небото и Земјата, ниту најмал детаљ од Божјиот Закон нема да се укине се додека целосно не се исполни! 19 Затоа, секој што ја прекршува макар и најмалата меѓу овие заповеди, па и другите луѓе ги учи така да прават - ќе биде најмал во небесното царство; додека, пак, секој што живее според Божјиот Закон, па и другите луѓе ги учи да прават така - ќе биде прогласен за голем во небесното царство. 20 Зашто, ви велам, доколку вашата праведност не ја надмине праведноста на сегашните вероучители и на фарисеите[a] - вие никогаш нема да влезете во небесното царство!“

За гневот

21 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано: ,Не убивај! Кој ќе изврши убиство, ќе му биде судено[b]!‘ 22 Јас, пак, ви велам: ,Секој што истура гнев против својот ближен, заслужува осуда! Знаете дека секој што ќе навреди ближен, бива изведен пред вашиот Врховен суд[c], а доколку го проколнуваш[d] својот ближен, можеш да завршиш и во огнениот пекол[e]!‘ 23 Така, кога ќе носиш жртвен прилог на Божјиот олтар, ако се сетиш дека твојот ближен ти е лут за нешто, 24 остави го твојот прилог таму пред олтарот и појди прво помири се со својот ближен, а потоа врати се и принеси го својот жртвен прилог.

25 Со секој што сака да те тужи пред законот, потруди се брзо да се спогодиш, уште додека сте заедно на патот, за да не те тужи на суд, а судот да те предаде на стражарите кои ќе те фрлат в затвор. 26 Те уверувам дека нема да излезеш оттаму додека до грош не си го исплатиш долгот!“

За прељубата

27 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон е заповедано:

,Не врши прељуба[f]!‘ 28 Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне туѓа жена и во мислите ќе ја посака - во своето срце тој веќе извршил прељуба со неа! 29 Ако, на пример, твоето десно око те наведува на грев - извади го и фрли го; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот. 30 И ако, на пример, твојата десна рака те наведува на грев - отсечи ја и фрли ја; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот.“

За разводот

(Мт. 19:9; Мк. 10:11-12; Лк. 16:18) 31 „Во Мојсеевиот Закон беше заповедано и ова:

,Ако некој маж реши да се разведе од својата жена,

нека и даде потврда за развод[g]‘.

32 Јас, пак, ви велам: ,Секој што се разведува од својата жена - освен ако таа извршила прељуба - ја наведува на прељуба; и секој што стапува во брак со разведена жена - извршува прељуба.‘“

За заклетвата

(Иса. 66:1; Јак. 5:12; Пс. 48:2; Кол. 4:6) 33 „Познато ви е и тоа, дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано вака: ,Не кршете ги своите заклетви; исполнувајте го тоа што сте го ветиле пред Господа!‘ 34 Јас, пак, ви велам: ,Не заколнувајте се воопшто: ни во небото, зашто тоа е Божји престол; 35 ни во Земјата, зашто таа е подножје на Неговите нозе; ни во Ерусалим, зашто тој град е на Великиот Цар; 36 ни во својата сопствена глава, зашто не можете да создадете ни едно црно или бело влакно; 37 кажете само ,Да‘ или ,Не‘; а секакво заколнување покрај ова е поттикнато од Злиот.‘“

За одмаздувањето

(Лк. 6:29-30; Рим. 12:7; 1Кор. 6:7; 1Пет. 3:9; 5Мојс. 15:8) 38 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано вака:

,Око за око, заб за заб[h].‘

39 Јас, пак, ви велам: ,Не возвраќајте им на оние што ви прават зло! Ако некој те удри по едниот образ, сврти му го и другиот. 40 Ако некој те тужи за да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото. 41 Ако некој те присили да му ги носиш торбите еден километар, ти носи му ги два километри. 42 Кога некој ќе запроси нешто од тебе - дај му; и не одбивај човек што бара да позајми нешто од тебе.‘“

За непријателите

(Лк. 6:27-28, 32-36) 43 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано и ова:

,Сакај ги своите ближни, а мрази ги своите непријатели[i].‘

44 Јас, пак, ви велам: ,Покажувајте љубов и спрема своите непријатели и молете се за доброто на оние што ве прогонуваат; 45 на тој начин вие ќе се однесувате како деца на вашиот небесен Татко, чие сонце изгрева и за лошите и за добрите. Тој им испраќа дожд и на праведните и на неправедните. 46 Зашто, ако ги сакате само оние кои вас ве сакаат, тогаш, каква награда очекувате за тоа? Та, зар не го прават тоа и подмитливите собирачи на данок[j]!? 47 И ако сте љубезни само спрема своите ближни, тогаш, по што се разликувате од другите луѓе? Та, тоа го прават и паганите! 48 Вие треба да се однесувате совршено исто како што се однесува вашиот небесен Татко!‘“

Footnotes:

  1. Матеј 5:20 Види ја белешката за Мт. 3:7.
  2. Матеј 5:21 Види 2 Мој. 20:13 и 5 Мој. 5:17.
  3. Матеј 5:22 Во ориг: Синедрион - Тогашен еврејски Парламент и Врховен суд.
  4. Матеј 5:22 Буквално: доколку го наречеш „глупак“.
  5. Матеј 5:22 На грчки: геена, на хебрејски: геј-хином. Исто и во стиховите 29 и 30.
  6. Матеј 5:27 Види 2 Мој. 20:17 и 5 Мој. 5:18.
  7. Матеј 5:31 5 Мој. 24:1.
  8. Матеј 5:38 2 Мој. 21:24; 3 Мој. 24:20; 5 Мој. 19:21.
  9. Матеј 5:43 3 Мој. 19:18.
  10. Матеј 5:46 Наплатувачи на данок за окупаторската римска власт, кои меѓу Евреите биле презирани и сметани за отпадници и грешници.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes