A A A A A
Bible Book List

Матеј 20Macedonian New Testament (MNT)

Споредба со наемни работници

20 „Небесното царство може да се опише со ваква споредба: Еден домаќин излезе рано наутро да повика наемни работници за своето лозје. Се погоди со нив да им плати по една надница и ги испрати на лозјето. Околу девет[a] часот наутро, тој повторно отиде на пазарот и виде и други луѓе кои чекаа за работа, па им рече: ,Одете и вие на моето лозје, а јас ќе ви платам колку што ви следува.‘ И тие отидоа. Потоа го направи истото околу дванаесет[b] часот, и уште еднаш околу петнаесет часот. Кога излезе околу седумнаесет[c] часот, виде и други луѓе како стојат, па им се обрати: ,Зошто безделничите овде цел ден?‘ ,Никој не ни понуди работа‘ - му одговорија тие. Тогаш и ним им рече: ,Одете и вие на моето лозје!‘ Кога се стемни, господарот му рече на својот надзорник: ,Повикај ги работниците и исплати им по една надница на сите, почнувајќи од последните, па до првите.‘ И така, оние што дојдоа на нивата во седумнаесет часот добија по една надница. 10 Кога дојдоа на ред првите мислеа дека ќе добијат повеќе, но и тие добија по една надница. 11 Штом ги примија парите, тие почнаа да мрморат против господарот, велејќи: 12 ,Овие последниве работеа само еден час, а ти ги израмни со нас, кои се мачевме цел ден на жегата!‘ 13 Обраќајќи му се на еден од нив, тој му рече: ,Пријателе, јас тебе не те оштетив. Зар не се погодивме за надницата? 14 Земи си ја и оди си! А јас сакам да му платам на последниот колку и тебе; 15 зар немам право да правам што сакам со своите пари? Или, пак, окото ти е завидливо затоа што сум дарежлив!?‘“

16 И така, тие што сега се последни, тогаш ќе бидат први, а тие што сега се први, тогаш ќе бидат последни“ - заклучи Исус.

Исус третпат ја навестува Својата смрт

(Мк. 10-32-34; Лк. 18:31-34) 17 Одејќи кон Ерусалим, Исус ги тргна настрана дванаесеттемина и додека чекореа по патот, им рече: 18 „Еве, на пат сме кон Ерусалим; таму Јас, Синот Човечки, ќе им бидам предаден на свештеничките поглавари и на вероучителите[d]. 19 Тие ќе Ме осудат на смрт и ќе Ме предадат на Римјаните да Ми се подбиваат, да Ме камшикуваат и да Ме распнат. Но на третиот ден Јас ќе воскреснам.“

Алчност за власт над другите

(Мк. 10:35-45) 20 Тогаш кај Исус дојде мајката на Завдаевите синови, заедно со своите двајца синови, Јаков и Јован, клекна пред Него и Го замоли за една услуга. 21 „Што сакаш?“ - ја праша Исус. „Дај им на моиве два сина почесни места од Твојата десна и лева страна во Твоето царство“ - Му рече таа. 22 Исус им се обрати на двајцата нејзини синови и им рече: „Не знаете што барате. Ќе можете ли да пиете од чашата на Моите страдања, од која Јас ќе пијам?“ А тие Му одговорија: „Ќе можеме!“ 23 „Добро, и вие ќе пиете од Мојата чаша - им одоговори Исус - но Јас не можам да одредам кој ќе седи од Мојата десна страна, а кој од левата. Тие места им припаѓаат на оние за кои ги определил Мојот небесен Татко.“

24 Кога преостанатите десет ученици разбраа за ова, им се налутија на двајцата браќа. 25 Тогаш Исус ги повика кај Себе сите заедно и им рече: „Знаете дека владетелите на овој свет владеат сурово над луѓето. 26 Но, меѓу вас не треба да биде така. Напротив, ако некој сака да биде водач меѓу вас - нека им служи на сите. 27 Тој што сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга - 28 како што Јас, Синот Човечки, не дојдов за да Ми служат, туку Јас да им служам на луѓето и да го дадам Својот живот како откупнина за мнозина.“

Исцелување на двајца слепи питачи

(Мк. 10:46-52; Лк. 18:35-43) 29 На излегување од градот Јерихо, голема толпа народ врвеше по Исус и Неговите ученици. 30 Покрај патот седеа двајца слепи и штом слушнаа дека Исус минува оттаму почнаа да викаат на сиот глас: „Господе, Сине Давидов[e], покажи милост спрема нас!“ 31 Народот се обидуваше да ги замолкне, но тие уште погласно викаа: „Господе, Сине Давидов, покажи милост спрема нас!“ 32 Исус застана, ги повика кај Себе и ги праша: „Што сакате да сторам за вас?“ 33 „Да прогледаме, Господе!“ - му одговорија тие. 34 Исус се сожали и им ги допре очите и тие наеднаш прогледаа и тргнаа по Него.

Footnotes:

  1. Матеј 20:3 Во оригиналот: околу третиот час, што одговара на девет часот претпладне по нашето денешно броење на часовите.
  2. Матеј 20:5 Во оригиналот: околу шестиот и околу деветтиот час.
  3. Матеј 20:6 Во оригиналот: околу единаесеттиот час.
  4. Матеј 20:18 Види појаснувања во Мт. 2:4.
  5. Матеј 20:30 Уште еден синоним за Месијата. Види Мт. 12:23
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes