A A A A A
Bible Book List

Матеј 15Macedonian New Testament (MNT)

Отфрлање на човечките обичаи и преданија

(Мк. 7:1-13) 15 Во тоа време од Ерусалим дојдоа кај Исус некои фарисеи и вероучители[a] и Го запрашаа: „Зошто Твоите ученици не ги почитуваат нашите стари обичаи!? На пример, тие не го практикуваат ритуалното миење на рацете пред јадење!“ А Исус им одговори: „А зошто вие, со вашите обичаи, ги кршите Божјите заповеди!? На пример, Бог заповедал вака: ,Почитувај ги мајка си и татка си. Кој ќе проколне татко или мајка да се казни со смрт!‘ А вие велите: ,Доволно е само некој да рече дека имотот што го има му го посветува на Бога, и со тоа се ослободува од обврската да ги издржува своите родители!‘ На тој начин, со своите преданија вие ја укинавте Божјата заповед! Лицемери! Имаше право Бог кога преку пророкот Исаија за вас напиша:

,Овој народ со усните Ме почитува,

но срцето му е далеку од Мене!

Се залажуваат дека Ме почитуваат,

а всушност ги шират своите човечки обичаи

како да се Мои заповеди[b]!‘“

Што го опоганува човекот?

(Мк. 7:14-23) 10 Тогаш Исус го повика народот да Му се приближи и му рече: „ Слушајте и сфатете дека, 11 не го погани човекот храната што ја внесува преку устата, туку она што го зборува и што го прави.“

12 По ова Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите се навредија од она што Ти го кажа?“ 13 А Исус им одговори: „Секоја садница што не е насадена од Мојот небесен Татко, ќе биде искоренета! 14 Оставете ги; тие се слепи водачи кои водат слепи луѓе; а кога слепец води слепец - обајцата ќе паднат во јама!“ 15 Петар проговори и праша: „Објасни ни што сакаше да кажеш со оваа споредба?“ 16 Тој им одговори: „Зар и вие уште не сфаќате!? 17 Не сфаќате ли дека се што се јаде преку устата минува низ стомакот и се исфрла надвор? 18 А зборовите што се изговараат низ устата и делата што излегуваат од срцето можат да го опоганат човекот. 19 Зашто, злите планови, убиствата, прељубите, блудствата, кражбите, лагите и пцостите произлегуваат од срцето на човекот. 20 Тие работи го поганат човекот, а не непочитувањето на ритуалното миење на рацете!“

Силната вера на една жена Хананејка

(Мк. 7:24-30) 21 Заминувајќи од Галилеја, Исус се повлече на север, во пределот на градовите Тир и Сидон. 22 Една жена, Хананејка, која живееше таму, дојде кај Него и наеднаш извика: „Имај милост спрема мене, Господе, Сине Давидов! Ќерка ми ја измачуваат демонски духови!“ 23 Но Исус воопшто не и одговори. Тогаш Му пријдоа Неговите ученици и Го молеа: „Исполни и ја молбата, да не вика по нас!“ 24 Но Исус им одговори: „Јас Сум пратен само кај Израелскиот народ, кај Божјите загубени овци“ 25 А жената Му пријде и паѓајќи ничкум пред Него, Му рече: „Господе, помогни ми!“ 26 Но Исус и одговори: „Не е право да се одземе лебот од децата и да им се фрли на кучињата!“ 27 Тогаш, таа одговори: „Така е, Господине; но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари!“ 28 На ова, Исус и одговори: „Голема вера имаш ти, жено! Нека ти се исполни желбата!“ Во истиот миг нејзината ќерка беше исцелена.

Исус исцелува многу луѓе

29 Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна. 30 Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше. 31 Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог.

Исус чудотворно нахранува над 4.000 луѓе

(Мк. 8:1-10) 32 Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“ 33 А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“ 34 Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“

35 Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата, 36 па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот. 37 Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа. 38 А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.

39 Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан[c].

Footnotes:

  1. Матеј 15:1 Види фусноти во Мт. 9:34 и Мт. 2:4, соодветно.
  2. Матеј 15:9 Исаија 29:13.
  3. Матеј 15:39 Во некои ракописи стои Магдала или Магдалан.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes