A A A A A
Bible Book List

Матеј 14Macedonian New Testament (MNT)

Смртта на Јован Крстител

(Мк. 6:14-29; Лк. 9:7-9) 14 Во тоа време, вестите за Исус допреа и до Ирод - царот[a] на покраината Галилеја, кој им велеше на своите службеници: „Тоа мора да е Јован Крстител кој воскреснал од мртвите и затоа има моќ да прави вакви чуда!“ Бидејќи Ирод го беше уапсил Јована, и во пранги го беше фрлил в затвор, за да и удоволи на Иродијада - жената на Филип, кој му беше брат на Ирод. Јован постојано му велеше на Ирод: „Ти немаш право да ја присвојуваш жената на брат ти!“ Ирод сакаше да го убие, но се плашеше од народот, зашто сите го сметаа Јован Крстител за пророк. Но, на роденденот на Ирод, ќерката на Иродијада танцуваше пред сите и толку му угоди на Ирод, што тој со заклетва и вети дека ќе и даде се што ќе побара. По совет на мајка си, таа му рече: „Донеси ми ја овде, на послужавник, главата на Јован Крстител!“ Царот зажали за своето ветување, но поради својата заклетва и поради гостите, тој заповеда желбата да и биде исполнета. 10 Испрати луѓе кои во затворот му ја отсекоа главата на Јован, 11 и ја донесоа на послужавник кај девојката, а таа ја однесе кај мајка си. 12 Потоа дојдоа Јовановите ученици, го зедоа неговото тело и го погребаа, а потоа Му јавија и на Исус.

Исус нахранува над 5.000 души

(Мк. 6:30-44; Лк. 9:10-17; Јвн. 6:1-14) 13 Кога Исус слушна за погубувањето на Јован Крстител, си замина оттаму со бротче и дојде насамо на едно пусто место. Но народот од градовите дозна за тоа и се упати пеш дотаму. 14 А Тој, излегувајќи од бротчето, виде голема толпа народ. Душата Му се исполни со сочувство и ги исцелуваше болните меѓу нив.

15 На квечерина кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Доцна е веќе, а местово е пусто. Пушти ги луѓето да се вратат по селата и да си купат храна!“

16 А Исус им рече:„Нема потреба да одат; дајте им вие нешто да јадат.“ 17 Тие Му одговорија: „Ние имаме овде само пет леба и две риби!“ 18 „Донесете ми ги!“ - им рече Исус. 19 Тогаш им рече на луѓето да поседнат по тревата, а Тој ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им ги даде на учениците, а тие им ги разделија на луѓето. 20 Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници полни со парчиња што преостанаа. 21 Тие што јадеа беа на број околу пет илјади мажи, а имаше и жени и деца.

Исус оди по површината на водата

(Мк. 6:45-52; Јвн. 6:15-21) 22 Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротче и да испловат пред Него кон спротивната страна на езерото, додека Тој не го отпушти народот. 23 Штом го отпушти народот, Тој се искачи на гората да се моли насамо. Веќе беше ноќ, а Тој се уште беше таму сам. 24 А бротчето се наоѓаше сред езеро, под удар на силни бранови, зашто дуваше силен ветар во спротивна насока. 25 Некаде меѓу[b] три и шест часот наутро Исус се упати кон нив, чекорејќи по водата. 26 Кога Го забележаа како чекори по водата, учениците се исплашија и извикаа: „Ова е дух!“ И почнаа да пискаат. 27 Но Исус веднаш им проговори и им рече: „Не плашете се, тоа сум Јас; смирете се!“ 28 Во одговор, Петар Му рече: „Господе, ако си навистина Ти, направи да дојдам до Тебе газејќи врз водата!“ 29 „Дојди!“ - му рече Исус. Тогаш Петар се спушти од бродот и се упати кон Исус одејќи по водата. 30 Но кога ги виде високите бранови, се исплаши и почна да пропаѓа во водата и да вика: „Господе, спасувај!“ 31 Исус веднаш му подаде рака, го прифати и му рече: „ Колку малку вера имаш! Зошто се посомнева?“ 32 Штом влегоа во бротчето, ветрот престана. 33 Учениците кои беа во бродот паднаа ничкум пред Него и Му рекоа: „Ти Си навистина Божјиот Син!“

Исус исцелува во Генисаретскиот крај

(Мк. 6:53-56) 34 Кога допловија на другата страна дојдоа на Генисаретска земја. 35 Таму луѓето ги препознаа и разгласија по целата околина, па Му ги доведуваа сите болни, 36 кои Го молеа да им дозволи да се допрат барем до работ на Неговата облека; и секој што ќе се допреше, оздравуваше.

Footnotes:

  1. Матеј 14:1 Во оригиналот: тетрарх, владетел на една од четирите римски покраини на Палестина.
  2. Матеј 14:25 Буквално: во текот на четвртата ноќна стража.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes