A A A A A
Bible Book List

Матеј 11Macedonian New Testament (MNT)

Исус и Јован Крстител

(Лк. 7:18-35) 11 Кога Исус им ги предаде овие упатства на Своите дванаесет ученици, си замина оттаму и отиде да поучува и проповеда по нивните градови.

Кога Јован Крстител, кој беше во затвор, слушна за она што го прави Месијата, тој испрати двајца од своите ученици да Го прашаат: „Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или некој друг да чекаме?“ Исус им одговори: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го слушате и гледате: слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исцелуваат[a], глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосната вест[b]. Блазе си им на оние кои не се колебаат во однос на Мене!“

Додека тие си заминуваа, Исус почна да му зборува на народот за Јован Крстител: „Кога одевте во пустината, кај Јован, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот? Што излеговте да гледате: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати! Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви кажувам Јован е и повеќе од пророк! 10 Јован е тој за којшто Бог во Светото Писмо вели:

,Еве, испраќам Свој гласник, кој ќе го подготви патот пред Тебе[c].‘

11 Ве уверувам дека, меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител; и покрај тоа, и најмалиот во небесното царство е поголем од него. 12 Откако Јован Крстител започна да проповеда и да крштава, па се досега, има навала во небесното царство и во него со навала се влегува! 13 Зашто, се до Јован, сите пророци, како и Книгите на Законот, него го претскажуваа. 14 И ако сакате да знаете, Јован е оној „Илија“ што требаше да дојде. 15 Кој има уши, нека слуша!“

16 „Со што да ја споредам оваа генерација? Овие луѓе се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите:

17 ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте;

потоа ви запеавме таговни песни,

но вие не заплакавте!‘

18 Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој не одеше на веселби да јаде и да пие, а тие велеа ,Демони има во него!‘ 19 Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој одам на веселби, јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е лаком и пијаница, другар на наплатувачи на данок[d] и на грешници!‘ Меѓутоа, Божјата мудрост се оправда со своите резултати.“

Осуда на некои тогашни жители

(Лк. 10:13-15) 20 Тогаш Исус почна да ги укорува градовите во кои Тој направи голем број чуда, а тие сепак не се покајаа, не се обратија кон Бог.

21 „Тешко тебе, Коразине! Тешко тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел[e]! 22 Но, ви велам, полесно ќе им биде на Судниот ден на Тир и на Сидон, отколку вам! 23 А ти, граде Кафарнауме што сакаш до небото да се издигнеш! Ете, до адот ќе се струполиш! Да беа во Содом извршени чудата што ги виде ти, тој град до денес ќе постоеше. 24 Но, ти велам, на Судниот ден ќе му биде полесно на градот Содом, отколку тебе!“

Повикот на Спасителот

(Лк. 10:21-22) 25 Во тој момент Исус рече: „Те славам, Татко, Господару на небото и на Земјата, што им го откриваш на скромните она што си го скрил од оние кои се сметаат себе за мудри и учени. 26 Да, Татко, зашто така сакаше Ти.“

27 „Мојот Татко Ме има овластено Мене за се. Никој друг не Го познава Синот[f], освен Таткото, и никој друг не Го познава Таткото, освен Синот и оние на кои Синот сака да им Го објави.“

28 „Дојдете кај Мене сите вие кои сте изморени и натоварени со тешки бремиња, Јас ќе ве одморам! 29 Земете го Мојот јарем на себе и дозволете Ми да ве научам, бидејќи Јас сум со нежен и кроток дух, и тогаш вашите души ќе се успокојат. 30 Јаремот Мој е лесен, како што е лесен и товарот што ви го давам.“

Footnotes:

  1. Матеј 11:5 Буквално: се исчистуваат.
  2. Матеј 11:5 Или: Евангелие. На грчки: евангелион = радосна (добра) вест.
  3. Матеј 11:10 Во книгата на пророкот Исаија 40:3 и на Малахија 3:1.
  4. Матеј 11:19 Појаснување во Мт. 5:46.
  5. Матеј 11:21 Во тоа време, луѓето кои се каеле или тагувале, се облекувале во посебна облека од груб материјал - нешто како вреќа - и си ги посипувале главите со пепел.
  6. Матеј 11:27 Исус зборува за себе во трето лице. Види ја белешката во Мт. 8:20.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes