A A A A A
Bible Book List

Марко 7Macedonian New Testament (MNT)

Расправија околу обичаите и традициите

(Мт. 15:1-9) Околу Исус се насобраа неколку фарисеи и вероучители[a], дојдени од Ерусалим. Тие забележаа дека Исусовите ученици не го практикуваат ритуалното миење на рацете пред јадење. Имено, фарисеите, па и сите Евреи, држејќи се до преданијата од своите предци, не седнуваат да јадат додека ритуално не си ги измијат рацете до лактите; кога се враќаат од пазар, не јадат додека ритуално не се измијат, а се држат и до многу други преданија, како што се ритуалното миење чаши, стомни и други садови.

Затоа, фарисеите и вероучителите Го прашаа Исуса: „Зошто Твоите следбеници не постапуваат според преданијата од старите и седнуваат да јадат без ритуално да си ги измијат рацете?“

Исус им одговори: „Лицемери! Убаво рекол за вас Бог, преку пророкот Исаија:

,Овој народ Ме почитува со устата,

но срцето му е далеку од Мене!

Се залажуваат дека Ме почитуваат, а всушност

ги шират своите човечки обичаи како да се Мои заповеди[b]!‘

Вие ги оставивте Божјите заповеди, а ги чувате човечките преданија! Лукаво ги укинувате Божјите заповеди за да ги чувате своите преданија!

10 Зар Мојсеј не ви заповеда да ги исполнувате обврските спрема своите родители, и со смрт да го казните[c] оној што ќе ги проколне мајка си или татко си? 11 А вие ги учите луѓето дека е доволно да го ветат својот имот на црквата, како подарок[d] за Бог, 12 со што ќе се ослободат од обврската да се грижат за своите родители! 13 Значи, укинувате Божја заповед за да ги воведете своите преданија! И многу други вакви работи правите!“

Што навистина ги опоганува луѓето?

(Мт. 15:10-20) 14 Тогаш Исус повторно го повика народот кај Себе и му рече: „Слушајте Ме внимателно и со расудување! 15 Ниедна храна што ја јадете нема духовно да ве опогани, туку лошите зборови и постапки ве опогануваат!“ 16 [e]

17 Кога Исус се раздели од народот, влезе во една куќа, а Неговите ученици Го прашаа за значењето на споредбата. 18 А Тој им рече: „Зар и вие сe уште не разбирате? Зар не сфаќате дека храната што ја јадете духовно не ве опоганува, 19 зашто таа не влегува во срцето, туку во стомакот, и оттаму се исфрла!?“ Со ова Исус го одобри[f] секој вид храна. 20 Потоа продолжи: „Човекот духовно се опоганува од она што излегува од него. 21 Зашто, однатре, од човековото срце, излегуваат грешните мисли кои водат кон неморал, кражби, убиства, 22 брачни неверства, алчност, лошотија, измами, завист, навреди, горделивост и безумија. 23 Сите овие лоши работи излегуваат однатре и тие се што го опогануваат човекот.“

ДЕЈСТВУВАЊЕТО НА ИСУС НАДВОР ОД ГАЛИЛЕЈА

Импресивната вера на една жена

(Мт. 15:21-28) 24 Заминувајќи си оттаму, Исус отиде во пределот на градовите Тир и Сидон. Се смести во една куќа и се трудеше никој да не дознае за тоа, но не можеше да остане во тајност. 25 Една жена, чија ќерка беше обземена од демонски дух, дозна каде е Исус. Веднаш дојде кај Него и падна на колена. 26 Жената беше Гркинка, родум од областа Феникија, во Сирија. Таа Го замоли Исуса да ја ослободи нејзината ќерка од демонот. 27 Но Исус и рече: „Дозволи најпрво Божјите избрани деца, Израелците, да се нахранат! Не е право да им се одземе лебот на децата и да им се даде на кучињата!“ 28 „Така е, Господине, но и кучињата под масата ги јадат трошките што им паѓаат на децата!“ – Му одговори таа. 29 Тогаш Исус и рече: „За ваквиот одговор, оди си, ќерка ти веќе ја излекував од демонскиот дух!“ 30 Кога жената се врати дома, ќерка и лежеше в постела излекувана од демонскиот дух.

Исус исцелува глувонем човек

31 Враќајќи се од месноста околу градот Тир, преку градот Сидон, Исус се упати назад кон Галилејското Езеро, во подрачјето на Декаполис[g]. 32 Му донесоа еден глувонем човек и луѓето Го молеа да го излекува со Својот допир. 33 Исус го тргна човекот настрана и со Своите прсти му ги допре ушите. Потоа со плунка на прстите му го намачка јазикот. 34 Со поглед кон небото и со длабока воздишка, Исус рече: „Хипатах!“ - што на арамејски јазик значи: „Отвори се!“ 35 Слухот на човекот веднаш му се отвори, а во исто време почна јасно и разбирливо да зборува. 36 Исус им нареди никому да не кажуваат за ова. Но, колку повеќе им забрануваше, толку повеќе тие зборуваа за тоа. 37 Сите беа исполнети со восхит и говореа: „Сe што прави Тој е добро! На глувите им дава слух, а на немите моќ на говор!“

Footnotes:

  1. Марко 7:1 За фарисеи и вероучители види појаснување во Мт. 2:4 и Мт. 9:34, фусноти.
  2. Марко 7:7 Исаија 29:13.
  3. Марко 7:10 2 Мој. 20:12; 21:17; 3 Мој. 20:9; 5 Мој. 5:16.
  4. Марко 7:11 Буквално: курбан, што значи жртва.
  5. Марко 7:16 Некои ракописи содржат и стих 16, кој гласи: Кој има уши, нека слуша!
  6. Марко 7:19 Согласно контекстот, Исус јасно става на знаење дека од верски аспект не смее да се забранува ниеден вид храна. Барем пред Бог, храната не го прави човека ниту повеќе ниту помалку свет и богоугоден.
  7. Марко 7:31 Декаполис значи Десет градови.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes