A A A A A
Bible Book List

Марко 2Macedonian New Testament (MNT)

Исцелување на парализиран човек

Првите негодувања против Исус

(Мт. 9:1-8; Лк. 5:17-26) По извесно време, Исус повторно се врати во Кафарнаум и набргу се дозна дека Тој е дома. Тогаш толку народ се насобра, што веќе немаше место ни пред вратата. Исус им ја проповедаше Божјата порака.

Четворица мажи, носејќи на носила еден парализиран човек, се упатија кон Исус. Бидејќи не можеа да дојдат до Него, поради многубројниот народ, тие се искачија на кровот, направија отвор над местото каде што стоеше Исус и ги спуштија носилата со парализираниот човек.

Гледајќи со колкава вера го прават ова, Исус му рече на парализираниот: „Синко, гревовите ти се простуваат!“

Тука беа присутни и некои вероучители, кои во себе почнаа да се прашуваат: „Како смее да зборува вака!? Тој се прави Бог[a]! Кој може да простува гревови освен Бог!?“

Во истиот момент, Исус ги проѕре нивните мисли и им рече: „Зошто ви идат такви зли мисли? Што е полесно за Мене: да му речам на парализираниот дека му се простуваат гревовите или да му речам да стане, да си ја земе постелата и да си оди дома? 10 Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт да простувам гревови на Земјава!“ Тогаш Исус му рече на парализираниот: 11 „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“

12 Пред очите на сите, човекот веднаш стана, си ја зеде постелата и излезе. Луѓето беа вчудовидени и Му оддаваа слава на Бога, велејќи: „Вакво нешто досега не сме виделе!“

Исус го повикува Левиј (Матеј) за апостол

(Мт. 9:9-13; Лк. 5:27-32) 13 Исус повторно отиде на брегот на Галилејското Езеро. Голема толпа луѓе се собра околу Него и Тој ги поучуваше. 14 Одејќи, Исус го забележа Алфеевиот син Левиј. Тој седеше на своето работно место - собирач[b] на данок. Исус го повика: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Левиј стана и Му се придружи на Исус.

15 Подоцна Исус и Неговите ученици беа поканети на вечера кај Левиј. Меѓу поканетите беа и голем број собирачи на данок и други грешници кои одеа по Исус.

16 Некои од вероучителите беа припадници на фарисеите[c]. Гледајќи како Исус вечера со грешници и собирачи на данок, тие им приговорија на Исусовите ученици, велејќи: „Зошто Исус вечера со собирачи на данок и со грешници!?“

17 Исус ги слушна и им одговори: „На здравите луѓе не им е потребен лекар, туку на болните. За Мои следбеници не дојдов да поканувам „праведници“, туку грешници!“

Прашања за постот

(Мт. 9:14-17; Лк. 5:33-39) 18 Учениците на Јован Крстител, како и фарисеите, практикуваа постење. Затоа некој дојде кај Исус и Го праша: „Зошто Твоите ученици не постат, како што постат учениците на Јован Крстител и на фарисеите?“ 19 Исус им одговори: „Зар очекувате сватовите да постат за време на свадбата, додека младоженецот е со нив? 20 Ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.

21 Не се крпи стара облека со нова крпа од непрано платно! Зашто, крпата од новото платно ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка!

22 Не се става ново вино во стари кожни мешини! Новото вино ферментирајќи ќе ги пукне старите мешини! Тогаш и виното ќе истече и мешините ќе се уништат. Ново вино се става во нови мешини!“

Прашања околу саботниот ден

(Мт. 12:1-8; Лк. 6:1-5) 23 Еден саботен ден Исус минуваше преку некои ниви, а Неговите ученици кинеа клавчиња. 24 Некои од фарисеите Му приговорија, велејќи: „Зошто го прават во саботен ден она што не смее да се прави во сабота!?“

25 Исус им одговори: „Зар не сте читале што направи Давид кога заедно со неговата дружина се најдоа во невола и огладнеа? 26 Тоа беше во времето на Првосвештеникот Евјатар. Давид влезе во Божјиот храм, и тој и неговата дружина јадеа од посветените лебови, од кои само свештениците смеат да јадат!“

27 Во заклучок, Исус им рече: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата! 28 Затоа, Јас, Синот Човечки, Сум господар и на саботата.“

Footnotes:

  1. Марко 2:7 Или: Тоа е богохулство!
  2. Марко 2:14 Собирачите на данок биле Евреи кои работеле за римската окупациска власт, наплатувајќи данок од народот, а земајќи пари и за себе. Затоа меѓу својот народ тие биле намразени и сметани за предавници, отпадници и грешници.
  3. Марко 2:16 Фарисеи - фундаменталистичка група меѓу Евреите. Види за нив во Мт. 9:34, фуснота.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes