A A A A A
Bible Book List

Марко 15Macedonian New Testament (MNT)

11) Исус на сослушување пред Пилат

(Мт. 27:1-2, 11-14; Лк. 23:1-5; Јвн. 18:28-38) 15 Рано утредента, свештеничките поглавари, народните старешини и вероучителите се состанаа заедно со Врховниот совет. Тие Го врзаа Исуса и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат, предавајќи го во негова надлежност.

Пилат почна да Го испрашува: „Ти ли си Царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“

Свештеничките поглавари изнесуваа жестоки обвиненија против Исус. Пилат повторно Го праша: „Зар нема ништо да кажеш на овие тешки обвиненија против Тебе?“ Но Исус на ништо повеќе не одговараше, на што Пилат многу се чудеше.

12) Смртна казна за Исус

(Мт. 27:15-26; Лк. 23:13-25; Јвн. 18:39-19:16) А на секој празник Пасха гувернерот им пушташе од затвор еден затвореник, по избор на народот. Во тоа време в затвор беше еден човек по име Бараба, уапсен заедно со други бунтовници кои за време на еден бунт извршиле убиства. Народот се качи горе кај Пилат и побара да им пушти еден затвореник, како и обично.

Пилат ги праша: „Сакате ли да ви Го пуштам Царот на Евреите?“ 10 Пилат знаеше дека свештеничките поглавари му го доведоа Исуса од завист.

11 Но свештеничките поглавари го наговорија народот од Пилат да бара ослободување на Бараба. 12 Пилат повторно му се обрати на народот, прашувајќи го: „А што да правам со овој човек што Го нарекувате Цар на Евреите?“ 13 Тие гласно извикаа: „Распни Го на крст!“

14 Пилат ги праша: „А какво злосторство извршил?“ Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“

15 Тогаш Пилат, сакајќи да ја задоволи толпата, го ослободи Бараба, а Исуса Го предаде на камшикување, а потоа и на римските војници да Го распнат.

Војниците Го понижуваат Исуса

(Мт. 27:27-30; Јвн. 19:2-3) 16 Војниците Го воведоа Исуса во дворот на палатата, во таканаречениот ,преториј‘ и повикаа уште цела чета војници. 17 Му облекоа црвена наметка[a], а на главата Му ставија венец исплетен од трнови гранчиња. 18 Потоа почнаа да Му се подбиваат, викајќи: „Здраво, Цару на Евреите!“ 19 Го удираа по главата со стап, Го плукаа и Му се клањаа, преправајќи се дека Го обожаваат.

20 Откако доволно се подбиваа со Исус, Му ја соблекоа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата облека. Потоа Го поведоа на распнување. 21 Натераа еден случаен минувач, кој се враќаше од полето, да го носи крстот за распнување на Исус. Човекот се викаше Симон и по потекло беше од Киренеја[b]. Тој им беше татко на Александар и на Руфус.

13) Распнувањето на Исус

(Мт. 27:31-44; Лк. 23:27-43; Јвн. 19:17-27) 22 Војниците Го одведоа Исуса на Голгота, што во превод значи ,Череп‘[c]. 23 Таму се обидоа да Му дадат да се напие вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но Тој не сакаше да го пие.

24 Го распнаа Исуса на крст, а Неговата облека со жрепка си ја разделија меѓу себе. 25 Беше околу девет[d] часот претпладне кога Го распнаа Исуса. 26 Поставија и натпис кој ја опишуваше Неговата вина. Натписот гласеше: „Цар на Евреите“. 27 Заедно со Исус распнаа и двајца злосторници: едниот од десната, а другиот од левата страна на Исус. 28 [e]

Минувачите Го навредуваат Исуса

29 Минувачите Го навредуваа Исуса, нишаа глави и говореа: „Ти што тврдеше дека ќе ни го урнеш храмот и за три дена повторно ќе го изградиш, 30 слези од крстот и спаси се!“

31 На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари и вероучителите, велејќи: „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! 32 Ако е Тој Месијата и царот на Израел - нека слезе сега од крстот! Да видиме, па ќе поверуваме!“ Го навредуваа дури и оние што беа распнати со Него.

14) Смртта на Исус

(Мт. 27:45-56; Лк. 23:44-49; Јвн. 19:28-30) 33 Напладне[f] се спушти густа темнина по целата земја и траеше до петнаесет[g] часот. 34 Во петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’мах ш’вактани!?“ Тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави[h]?“

35 Некои од присутните го слушнаа ова, но погрешно го разбраа, па рекоа: „Го довикува Илија[i]!“ 36 Еден од нив веднаш истрча, натопи сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. Потоа рече: „Чекајте да видиме дали ќе се појави Илија да Го симне!“

37 Исус уште еднаш извика со силен глас и умре.

38 Во истиот момент, завесата[j] во храмот се расцепи на два дела, озгора додолу.

39 Таму, спроти Исус, стоеше и еден римски офицер. Кога Тој виде како умре Исус, рече: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“

Побожните жени на Голгота

40 Тука, на Голгота, беа и извесен број жени, кои оддалеку набљудуваа. Меѓу нив беа: Марија од Магдала, Марија - мајката на браќата Јаков помладиот и Јосиф, потоа Салома и многу други. 41 Овие жени дојдоа во Ерусалим заедно со Исус, а со Него одеа и Му помагаа уште во Галилеја.

15) Погребот на Исус

(Мт. 27:57-61; Лк. 23:50-56; Јвн. 19: 38-42) 42 Настапи вечерта, спроти сабота, кога Евреите се подготвуваат за саботен одмор. 43 Еден човек, по име Јосиф, од Ариматеја, кој беше истакнат член на еврејскиот Врховен совет, а и самиот го очекуваше Божјото царство, храбро влезе кај Пилат и Го побара телото на Исус.

44 Пилат се изненади дека Исус веќе умрел, па го повика одговорниот офицер за да провери колку време има откако Исус умрел. 45 Штом ја доби оваа информација, Пилат му одобри на Јосиф да го земе Исусовото мртво тело.

46 Јосиф купи платно, го симна телото на Исус од крстот и го завитка во платното. Потоа го положи во гробницата што беше издлабена во карпа и влезот го затвори со голем камен.

47 Марија од Магдала и другата Марија - мајката на Јосиф - внимателно гледаа каде беше положено телото на Исус.

Footnotes:

  1. Марко 15:17 Веројатно наметка каква што носеле римските војници.
  2. Марко 15:21 Град во северна Африка.
  3. Марко 15:22 Веројатно формата на ридот или на карпата прилегала на череп, па оттаму и името на тоа место.
  4. Марко 15:25 Во ориг.: Околу третиот час, според тогашниот начин на искажување на времето.
  5. Марко 15:28 Во некои ракописи има и стих 28, кој гласи: Со тоа се исполни Светото Писмо, кое претскажа: ,Ќе биде изедначен со злосторници‘.
  6. Марко 15:33 Буквално: Околу шестиот час; според тогашниот начин на искажување на времето.
  7. Марко 15:33 Буквално: Околу деветтиот час.
  8. Марко 15:34 Псалм 22:1.
  9. Марко 15:35 Цитираните зборови на Исус во стих 34 се на арамејски јазик, кој тогаш се говорел во тој крај. Фонетски звучеле слично зборовите Бог и Илија изговорени на арамејски јазик, па оттаму некои погрешно ги слушнале.
  10. Марко 15:38 Види појаснување во Мт. 27:51, фуснота.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes