A A A A A
Bible Book List

Марко 13Macedonian New Testament (MNT)

ИСУС ГОВОРИ ЗА ИДНИНАТА

1) За разорувањето на ерусалимскиот храм

(Мт. 24:1-2; Лк. 21:5-6) 13 Кога Исус излегуваше од храмот еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе, погледни ги овие прекрасни камења - колку убава зграда е храмот!“ Во одговор, Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи градби? Сето тоа ќе биде разурнато и камен врз камен нема да остане!“

2) Почеток на неволите

(Мт. 24:3-14; Лк. 21:7-19) Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, спроти храмот, Му пристапија насамо Петар, Јаков, Јован и Андреј, и Го прашаа: „Кажи ни, кога ќе се случат сите овие нешта и кој ќе биде знакот што ќе го навести нивното исполнување?“

Тогаш Исус почна да им кажува:

„Внимавајте да не бидете заведени! Мнозина ќе доаѓаат под Моето име, ќе тврдат дека Сум тоа Јас и ќе успеат да заведат мнозина!

Кога ќе слушате за војни и за повици на војни - не вознемирувајте се! Тоа мора најпрво да се случува, но тоа сe уште не е крајот. Ќе се крене еден народ против друг народ на војна и едно царство против друго царство. Ќе има земјотреси на разни места, и појави на глад меѓу луѓето. Ова ќе бидат почетоците на неволите.“

3) Прогонства на вистинските христијани

(Мт. 24:9-14; Лк. 21:12-19) Исус продолжи: „Внимавајте на себе! Ќе ве тужат на судови и ќе ве тепаат во храмовите[a]. Поради вашата вера во Мене, ќе ве изведуваат пред управници и пред владетели. Но тоа ќе биде за да им се посведочи и ним. 10 А пред да дојде крајот, Радосната вест[b] ќе им се проповеда на сите народи.

11 Кога ќе ве притвораат, не грижете се однапред што ќе зборувате. Во тие моменти Бог ќе ви ги даде вистинските зборови што ќе треба да ги кажете. Зашто вашата одбрана нема да доаѓа од вас, туку од Светиот Дух.

12 Браќа ќе се предаваат еден со друг и родители ќе ги предаваат своите деца на смрт. Децата ќе се креваат против родителите и ќе ги убиваат. 13 Сите ќе ве мразат поради вашата вера во Мене. Само тие што ќе останат верни докрај ќе бидат спасени.“

4) Последните неволи

(Мт. 24:15-21; Лк. 21:20-24) 14 Во продолжение Исус рече: „Кога ќе видите дека ,богохулникот[c] што пустоши‘ се сместува таму каде што не би смеел (секој што го чита ова, треба да го разбере!), тогаш тие што живеат во Јудеја нека бегаат во планините! 15 Кој ќе се најде искачен на покрив, нека не слегува во куќата за да земе нешто, 16 а кој ќе се најде во полето, нека не се враќа дома по облека. 17 Тоа време ќе биде страшно за бремените жени и за доилките! 18 Молете се тоа да не се случи зиме! 19 Тоа ќе биде време на такви страдања какви што немало од почетокот на Божјото создавање досега, ниту пак другпат ќе ги има! 20 Кога Господ не би го скратил времетраењето на тие страдања, никој не би преживеал! Но заради избраниците Свои, Господ ќе го скрати тоа време.

21 Ако тогаш некој ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ или ,Ене Го онде!‘ - не верувајте му! 22 Ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе извршуваат чуда за да ги заведат по можност и Божјите избраници! 23 Бидете внимателни! Ете, сe ви кажав однапред!“

5) Враќањето на Месијата

(Мт. 24:29-31; Лк. 21:25-28) 24 Во тоа време, веднаш по тие неволи „Сонцето ќе потемни и Месечината ќе престане да свети. 25 Ѕвезди ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се разнишаат[d].“ 26 Тогаш ќе Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам на облаците со величествена моќ и слава. 27 Тогаш ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат Моите избраници од сите четири страни на светот, од крајот на Земјата, до крајот на небото.“

6) Повик на духовна будност

(Мт. 24:32-44; Лк. 21:29-33) 28 „Научете се од примерот со смоквата: кога гранките ќе и распупат и ќе и разлистаат, знаете дека наближува летото. 29 Така, кога ќе забележите дека овие случки што ви ги опишав се одигруваат, знајте дека враќањето на Месијата е на прагот. 30 Ве уверувам дека некои луѓе од оваа генерација[e] сe уште ќе бидат живи, кога сите тие случки ќе се одиграат! 31 Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат!

32 А што се однесува до точното време и час - тоа никој не го знае, дури ни ангелите на небото, па ни Синот Човечки, туку само небесниот Татко! 33 Затоа, бидете духовно будни и подготвени, бидејќи не знаете кога точно ќе настапи тоа време!

34 Враќањето на Месијата може да се спореди со човек кој заминува на пат и им ја предава грижата за куќата на своите слуги. На секој од нив му дава задолжение, а на чуварот му наредува да бдее. 35 Значи, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе се врати господарот на куќата! Тој може да се врати навечер или на полноќ или во раните мугри кога петлите пеат! 36 Да не ве изненади и затекне на спиење! 37 Тоа што ви го велам вам, им го кажувам на сите: Бидете духовно будни!“

Footnotes:

  1. Марко 13:9 Буквално: во синагогите.
  2. Марко 13:10 Буквално: Евангелието, т.е. целокупното учење на Новиот завет.
  3. Марко 13:14 Тоа е Антихристот претскажан во старозаветната Книга на пророкот Даниел 9:27; 11:31 и 12:1, како и во Откровението глава 13. Изразот таму каде што не би смеел веројатно се однесува на Ерусалимскиот храм.
  4. Марко 13:25 Цитат од Исаија 13:10; 34:10 и Јоел 2:10.
  5. Марко 13:30 Или: овој народ или овој век.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes