A A A A A
Bible Book List

Марко 11Macedonian New Testament (MNT)

Исус пристигнува во Ерусалим: празникот Цветници

(Мт. 21:1-11; Лк. 19:28-40; Јвн. 12:12-19) 11 На пат кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици пристигнаа во Бетфага и Бетанија, во близина на Маслиновата Гора. Исус испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во селото што е пред вас. На самиот влез во селото ќе видите врзано едно младо магаре што досега не е јавано. Одврзете го и донесете го овде. Ако некој ве праша: ,Што правите?‘, кажете му: ,Му треба на Господ, и Тој бргу ќе го врати!‘“ Тие отидоа и го најдоа магаренцето врзано до една врата, покрај патот, и го одврзаа. Некои од луѓето што стоеја таму, ги прашаа: „Зошто го одврзувате магаренцето!?“ Им одговорија како што им рече Исус и тие ги оставија на мира.

Учениците Му го донесоа магаренцето на Исус, ги положија своите облеки врз магарето, а Тој се качи на него. Голем број луѓе постилаа облеки по патот, а други постилаа разлистени гранчиња што ги кршеа по полето.

Луѓе одеа и пред Исус и по Исус и гласно викаа: „Спаси нe сега[a]! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! 10 Благословено да биде царството на нашиот прататко Давид - царството што ни доаѓа! Спаси нe сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“

11 Така Исус влезе во Ерусалим и отиде во храмот, разгледа сe наоколу, но бидејќи веќе беше доцна, се врати со дванаесеттемина во Бетанија.

Исус ја проколнува неплодната смоква

(Мт. 21:18-19) 12 Утредента, кога излегуваа од Бетанија, Исус огладне. 13 Од далечина забележа една разлистена смоква крај патот и се упати кон неа да види дали има плодови. Кога дојде, не најде плодови, туку само лисје, зашто сe уште не беше време за смокви. 14 Исус му се обрати на дрвото: „Од тебе никој веќе никогаш да не јаде плодови!“ Ова го слушнаа Неговите ученици.

Исус го расчистува Храмот

(Мт. 21:12-17; Лк. 19:45-48; Јвн. 2:13-22) 15 Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби. 16 Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот. 17 Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи[b]!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“

18 Ова им дојде до ушите на свештеничките поглавари и на вероучителите кои почнаа да планираат како да Го убијат Исуса. Тие се плашеа од Него, бидејќи целиот народ беше одушевен од Неговите поуки.

19 Кога се стемни, Исус и Неговите ученици се повлекоа од градот.

Поука од смоквата и моќта на молитвата

(Мт. 21:20-22) 20 Рано изутрината, минувајќи крај смоквата, учениците на Исус забележаа дека таа од корен се исушила. 21 Тогаш Петар се сети на случката и Му рече на Исус: „Погледни, Учителе! Смоквата што Ти ја проколна се исушила!“

22 Исус им рече: „Имајте вера во Бог! 23 Ве уверувам дека, ако имате вера во Бог и не се сомневате, ќе можете да и кажете на оваа планина да се искорне и да се фрли во морето, и тоа ќе се случи. 24 Ви велам: Сe што ќе побарате преку молитва ќе добиете, ако имате вера. 25 Кога се молите, простувајте им на оние што се огрешиле против вас. Тогаш вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вашите гревови.“ 26 [c]

Прашање за авторитетот на Исус

(Мт. 21:23

-27; Лк. 20:1-8) 27 Исус и Неговите ученици повторно дојдоа во Ерусалим. Додека Исус шеташе по храмот, Му пристапија свештеничките поглавари, вероучителите и старешините 28 и Го прашаа: „Со какво право го вршиш сето ова? Кој те овластил?“

29 Исус им одговори: „И Јас сакам нешто да ве прашам. Ако вие ми одговорите, тогаш и Јас ќе ви кажам кој Ме овластил да го правам сето ова. 30 Кажете ми, од каде му беше овластувањето на Јован Крстител да крштава: од Бога[d] или од луѓето?“ 31 Тие почнаа меѓу себе да си шепотат вака: Ако речеме „од Бога“, тогаш ќе ни рече: „Ами, зошто не му поверувавте!?“ 32 Ако пак речеме „од луѓето“, се плашиме од народот, зашто сиот народ го смета Јована за пророк. 33 Затоа вака Му одговорија на Исус: „Не знаеме!“ Но Исус им рече: „Тогаш ни Јас нема да ви кажам со какво право го вршам сето ова!“

Footnotes:

  1. Марко 11:9 Или: Осана, грчки изговор на хебрејскиот извик Хоша-на. Извик во слава на Бог. Буквално значи: Спаси нe сега!
  2. Марко 11:17 Иса. 56:7; Ерм. 7:11.
  3. Марко 11:26 Во некои ракописи има и стих 26, кој гласи: Но ако не им простувате на другите, и Бог вам нема да ви прости.
  4. Марко 11:30 Буквално: од небото.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes