A A A A A
Bible Book List

Марко 1Macedonian New Testament (MNT)

Евангелието според

Марко

ПОДГОТОВКИ ЗА НАСТАПОТ НА ИСУС ХРИСТОС

Проповедањето на Јован Крстител

(Мт. 3:1-12; Лк. 3:1-18; Јвн. 1:19-28) Ова е почетокот на Радосната вест за Божјиот Син Исус Христос. Таа започна онака како што беше предвестено од Бог, во Книгата напишана од пророкот Исаија:

„Ќе испратам Свој гласник, да ти го подготви патот.

Низ пустината ќе одекнува неговиот глас:

‚Пригответе пат за доаѓањето на Господ!

Исправете го патот за Него[a]!‘“

Тој гласник беше Јован Крстител кој се појави во пустината и започна да проповеда крштавање како знак за обраќање кон Бог заради простување на гревовите.

Кај него почнаа да доаѓаат луѓе од цела Јудеја и од Ерусалим. Тие ги исповедаа своите гревови, а Јован ги крштаваше[b] во реката Јордан.

Јован носеше облека исплетена од камилски влакна и беше препашан со кожен појас. Се хранеше со скакулци и див мед.

Тој им зборуваше на луѓето: „По мене доаѓа многу голем човек! Јас не сум достоен ни ремењата од Неговите сандали да Му ги одврзам! Јас сега ве крштавам со[c] вода, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух.“

Во тоа време дојде Исус од Назарет во Галилеја и Јован Крстител Го крсти во реката Јордан. 10 Во моментот кога Исус излегуваше од водата, Јован виде како се отвори небото и Светиот Дух во облик на гулаб слезе врз Исус. 11 Се чу и глас од небото: „Ти си Мојот сакан Син; со Тебе Сум наполно задоволен!“

Исус и Сатаната

(Мт. 4:1-11; Лк. 4:1-13) 12 Веднаш по ова, Божјиот Дух Го одведе Исуса во пустината. 13 Таму Тој остана четириесет дена и Сатаната Го искушуваше. Исус живееше сред диви животни, но ангелите се грижеа за Него.

Почетоци на Исусовата служба

(Мт. 4:12-17; Лк. 4:14-15) 14 Подоцна, кога владетелот Ирод Антипа го затвори Јована Крстител, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата Радосна вест. 15 Говореше: „Дојде времето! Божјото царство се приближува! Покајте се и верувајте во Радосната вест!“

Исус ги избира првите ученици

(Мт. 4:18

-22; Лк. 5:1-11) 16 Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус ги забележа браќата Симон и Андреј. Тие беа рибари и ги поставуваа своите рибарски мрежи во езерото. 17 Исус им рече: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе, а не риби!“ 18 Двајцата браќа веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.

19 Малку понатаму, Исус ги забележа Завдаевите синови Јаков и Јован. Тие седеа во своето бротче и си ги крпеа рибарските мрежи. Веднаш ги повика и нив. 20 Оставајќи ги својот татко и наемните работници во бротчето, тие тргнаа по Исус.

Исус во Кафарнаум: сабота, во синагогата

(Лк. 4:31-37) 21 Придружуван од Своите ученици, Исус отиде во градот Кафарнаум. Во саботата, отиде во синагогата[d] и почна да ги поучува луѓето. 22 Сите беа восхитени од Неговото учење. Тој поучуваше со вистински авторитет, а не како вероучителите[e].

23 Одненадеж, во синагогата влезе еден човек обземен[f] со демонски дух и почна да вика: 24 „Што ќе ни сториш, Исусе од Назарет!? Дојде за да нe уништиш, нели!? Те знам Кој си: Ти си Божјиот Светец!“

25 Исус му заповеда на демонскиот дух: „Замолкни и излези од човекот!“ 26 Демонскиот дух го стресе човекот и со силна викотница излезе од него.

27 Луѓето останаа вчудовидени и си велеа еден на друг: „Што е ова? Некое ново и моќно учење! На демонски духови им заповеда и тие Му се покоруваат!“

28 Вестите за Исус бргу се раширија по цела Галилеја.

Исус исцелува многу луѓе

(Мт. 8:14-17; Лк. 4:38-41) 29 Напуштајќи ја синагогата, во придружба на Јаков и Јован, Исус отиде во куќата на Симон и Андреј. 30 Таму Му кажаа дека тештата на Симон лежи болна со силна треска. 31 Исус влезе кај неа, ја фати за раката и ја поткрена. Треската веднаш и престана и таа почна да ги послужува.

32 Вечерта, по зајдисонце, сите што беа болни или обземени од демони ги доведуваа кај Исус. 33 Целиот град се собра пред вратата. 34 Исус ги исцелуваше сите заболени од најразлични болести и ги ослободуваше од демонски духови. Демоните знаеја Кој е Исус, но Тој не им дозволуваше да кажат.

35 Рано утредента, уште в мугри, Исус стана и отиде на молитва, сам, на тивко место. 36 Симон и другите тргнаа да Го бараат. 37 Кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ 38 А Тој им одговори: „Да одиме на друго место, во соседните градови, за да им проповедам и ним, бидејќи за таа цел сум дојден.“ 39 Така Исус ја помина целата покраина Галилеја, проповедајќи по тамошните синагоги и ослободувајќи луѓе од демонска обземеност.

Исцелување на еден лепрозен човек

(Мт. 8:1-4; Лк. 5:12-16) 40 Еден човек, болен од лепра, дојде кај Исус, клекна на колена и почна да Го моли: „Ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш[g]!“ 41 Исус се сожали, испружи рака и го допре, велејќи му: „Сакам! Еве, те исцелувам!“ 42 Во истиот момент лепрата исчезна и човекот оздраве.

43 Испраќајќи го, Исус строго му нареди: 44 „Не кажувај никому за ова! Оди само кај свештеникот[h] и покажи му дека си здрав. Потоа принеси дар во храмот како што е пропишано со Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“

45 Но тукушто излезе, човекот почна на сите да им раскажува за случката, така што Исус повеќе не можеше јавно да се движи во градот. Престојуваше надвор од населените места, а народ од сите страни доаѓаше кај Него.

Footnotes:

  1. Марко 1:3 Малахија 3:1; Исаија 40:3.
  2. Марко 1:5 Односно, ги нурнуваше, на грчки: баптиѕо.
  3. Марко 1:8 Или: во вода ... во Светиот Дух.
  4. Марко 1:21 Синагога е еврејски верски објект за богослужби и други јавни собири.
  5. Марко 1:22 Вероучителите (библичари, книжници) биле толкувачи и препишувачи на Мојсеевите Закони, т.е., на еден значаен дел од Библијата.
  6. Марко 1:23 На таквите луѓе не им било дозволено да влегуваат во храмовите.
  7. Марко 1:40 Буквално: да ме исчистиш; лепрозните ги сметале за нечисти и тие немале право да доаѓаат во храмовите, да принесуваат жртви, итн.
  8. Марко 1:44 Свештеникот требало да потврди дека лепрозниот е здрав и дека може да се врати во нормален живот. Принесувањето јагне, брашно и маслиново масло во храмот било пропис за исцелените од лепра.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes