A A A A A
Bible Book List

Лука 6Macedonian New Testament (MNT)

Прашања за саботата

(Матеј 12:1-8; Марко 2:23-28) Една сабота, кога Исус минуваше низ нивите, Неговите ученици кинеа клавчиња, ги триеја со раце и ги јадеа. Некои од фарисеите ги прекорија, велејќи им: „Зошто го правите тоа што не е дозволено да се прави во сабота?“ На ова, Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите придружници кога огладнеа, и како тој влезе во Божјиот Дом, па тој и неговите луѓе јадеа од посветениот леб[a], од кој само свештениците смееја да јадат? Јас, Синот Човечки[b], Сум Господар и над саботата“ - заклучи Исус.

Исус исцелува во сабота

(Матеј 12:9-14; Марко 3:1-6) Една друга сабота, Исус влезе да поучува во синагогата[c]. Таму имаше еден човек со парализирана десна рака. Вероучителите и фарисеите[d] Го набљудуваа со намера да Го обвинат, доколку изврши исцелување во сабота. А Исус, знаејќи им ги мислите, му се обрати на човекот со парализираната рака: „Стани и застани пред сите!“ Тој стана и застана. Тогаш Исус им рече: „Да ве прашам: што е дозволено да се прави во сабота: добро или лошо? Да се спасуваат животи, или да се уништуваат?“ 10 Потоа прошета со погледот од човек до човек и му се обрати на болниот: „Испружи ја раката!“ Тој го стори тоа и раката веднаш му оздраве. 11 А противниците збеснаа и почнаа да се договараат што да Му направат на Исус.

Исус ги назначува Своите дванаесет апостоли

(Матеј 10:1-4; Марко 3:13-19) 12 Во тоа време Исус отиде на блиската гора да се моли. Цела ноќ Му се молеше на Бог. 13 На разденување ги повика кај Себе сите Свои ученици, одбра дванаесет од нив и ги наименува за Свои апостоли[e]. 14 Тоа се: Симон, кого Тој го нарече Петар, и неговиот брат Андреј; Јаков и Јован; Филип и Бартоломеј; 15 Матеј и Тома; Јаков Алфеев и Симон, наречен ,Патриот[f]‘, 16 Јуда - братот на Јаков и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник.

17 На слегување од гората, Исус и Неговите ученици застанаа на една висорамнина. Присутни беа голем број Негови ученици, и многуброен народ од цела Јудеја, од Ерусалим, па дури и од северните приморски предели околу градовите Тир и Сидон, 18 кои беа дошле да Го слушаат и да бидат исцелени од своите болести. Исус исцелуваше и луѓе кои страдаа од демонски духови. 19 Сиот народ настојуваше да Го допре Исуса, зашто од Него излегуваше сила која ги исцелуваше сите.

Говорот за блаженствата

(Матеј 5:1-12) 20 Со поглед насочен кон Своите ученици, Исус рече:

„Благословени сте вие што сте сиромашни[g], зашто вам ви припаѓа Божјото царство!

21 Благословени сте вие што сте гладни[h] сега, зашто вие ќе се наситите!

Благословени сте вие што сега плачете, зашто ќе дојде време кога вие ќе се смеете!

22 Благословени сте кога луѓето ќе ве мразат, ќе ве отфрлат, ќе ве навредуваат и ќе ви извадат лошо име, поради тоа што сте следбеници на Синот Човечки[i]. 23 Радувајте се кога ќе ви се случува тоа и бидете весели, зашто голема награда ве очекува на небото! Нивните предци им го правеа тоа на пророците.

24 Но тешко вам кои сега сте богати -

вашата утеха е само на овој свет!

25 Тешко вам кои сега сте сити -

вие ќе гладувате!

Тешко вам кои сега се смеете -

вие ќе тагувате и ќе плачете!

26 Тешко вам кои толпите ве фалат -

така и нивните предци ги фалеа лажните пророци!“

Љубов и спрема непријателите

(Матеј 5:38-48; 7:12а) 27 „Но вам, што Ме слушате, ви велам: покажувајте љубов спрема своите непријатели! Правете им добро на оние што ве мразат! 28 Благословувајте ги оние што ве проколнуваат! Молете се за оние што ве навредуваат. 29 На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот! На оној што сака да ти го земе палтото, дај му ја и кошулата! 30 На оној што бара нешто од тебе - дај му. Од оној што зел нешто твое - не барај да ти го врати! 31 Постапувајте со луѓето онака, како што сакате тие да постапуваат со вас!

32 Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат! 33 И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа! 34 И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото! 35 Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите. 36 Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Татко.“

Бидете добри и самокритични

(Матеј 7:1-5) 37 „Не судете и нема да ви биде судено! Не осудувајте, и нема да бидете осудувани! Простувајте и ќе ви биде простено! 38 Давајте и ќе ви биде давано со преполна мера, набиена, протресена, истурена во вашите скутови! Зашто со каква мера им мерите на другите, со таква и вам ќе ви биде мерено.“

39 Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Може ли слеп човек да води друг слепец? Нема ли обајцата да паднат в јама?

40 Ниеден ученик не е над својот учител. Но, кога ученикот ќе се усоврши, тогаш ќе биде како неговиот учител.

41 Зошто ја гледаш раската во окото на својот ближен, а не ја гледаш гредата во сопственото око!? 42 Како можеш да му кажеш на својот ближен: ,Брате, дозволи ми да ти ја извадам раската од окото!‘, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерие! Извади си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на својот ближен!“

Според дрвото

- и плодовите! (Матеј 7:16-20; 12:33-35) 43 „Нема питомо дрво што раѓа диви плодови, ниту диво дрво што раѓа питоми плодови. 44 Секое дрво се познава според своите плодови. Не се берат смокви од трн, ниту грозје од чичка. 45 Од благороден човек произлегуваат благородни работи што се напластени во неговото срце, а од лош човек произлегуваат лоши работи што се напластени во неговото срце. Секоја уста го зборува она што е напластено во срцето.“

Дела, а не само зборови

(Матеј 7:24-27) 46 „Зошто Ми се обраќате со ,Господе, Господе!‘, а не го вршите тоа што ви го зборувам? 47 Ќе ви кажам со што може да се спореди човек што доаѓа кај Мене, за да ги слуша и извршува Моите зборови: 48 Тој може да се спореди со ѕидар што гради куќа, копа длабоко и ги поставува темелите врз камена подлога. Кога ќе надојде поплава и реката силно ќе нагрвали врз куќата, не ќе може да ја поткопа, зашто куќата е добро изградена. 49 А оној што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува, може да се спореди со ѕидар што си подига куќа врз земја, без темели. Кога реката ќе нагрвали врз куќата - таа наеднаш ќе падне, со стравотен тресок!“

Footnotes:

  1. Лука 6:4 Во Стариот завет види: 2 Мој. 25:30; 29:31-34.
  2. Лука 6:5 Види фуснота кај Лк. 5:24.
  3. Лука 6:6 За синагогите види фуснота кај Лк. 4:15.
  4. Лука 6:7 Појаснување за нив има во Лк. 5:17 и кај Мт. 11:38.
  5. Лука 6:13 Зборот апостол значи пратеник (за определена мисија).
  6. Лука 6:15 Во оригиналот: Зилот. Зилотите биле патриотско движење меѓу Евреите.
  7. Лука 6:20 Се мисли на чувството на духовно сиромаштво. Види во Матеј 5:3.
  8. Лука 6:21 Гладни за правда. Види во Матеј 5:6.
  9. Лука 6:22 Исус зборува за Себе во трето лице. Појаснување има во Лк. 5:24.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes