A A A A A
Bible Book List

Лука 23Macedonian New Testament (MNT)

Исус на суд пред Пилат

(Матеј 27:1-2; 11-14; Марко 15:1-5; Јован 18:28-38) 23 Тогаш целиот Совет стана и Го одведе Исуса кај римскиот гувернер Пилат, па почна да ги изнесува своите обвиненија: „Утврдивме дека овој човек го заведува нашиот народ, ги поттикнува луѓето да не му плаќаат данок на императорот, а тврди и дека Тој е Месијата, царот!“

Пилат Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ Тогаш Пилат им рече на свештеничките поглавари и на народот: „Не наоѓам никаква вина за да Го осудам овој човек.“ Но тие уште поупорно викаа: „Тој го поттикнува народот на бунт по целата јудејска земја! Најпрво почна од Галилеја, па втаса довде!“ Откако Пилат го чу ова, праша: „Зар овој човек е Галилеец?“ Кога разбра дека Исус потекнува од покраината над која владее Ирод Антипа, веднаш Го прати кај него, бидејќи тој во тоа време се наоѓаше во Ерусалим.

Исус на суд пред Ирод

Ирод се израдува кога Го виде Исуса, зашто беше чул за Него и одамна имаше желба да Го види, надевајќи се дека Исус и пред него ќе изврши некое чудо. Ирод Му поставуваше многубројни прашања, но Исус воопшто не му одговараше. 10 Тука беа и свештеничките поглавари и вероучителите, кои изнесуваа жестоки обвиненија против Исус.

11 Ирод и неговите војници Му се подбиваа на Исус и Го понижуваа. Потоа Го облекоа во раскошна облека и повторно Го испратија кај Пилат. 12 На тој ден Ирод и Пилат се спријателија, бидејќи дотогаш беа противници.

Исус е осуден на смрт со распнување

(Матеј 27:15-26; Марко 15:6-15; Јован 18:39-19:16) 13 Пилат ги повика свештеничките поглавари, членовите на Врховниот совет и народот, 14 и им рече: „Вие ми го доведовте овој човек под обвинение дека го поттикнува народот на одметништво. Еве, јас Го испрашав пред вас и не утврдив никаква вина кај Него од она за што вие Го обвинувате, 15 ниту пак Ирод најде некаква вина кај овој човек и затоа Го врати назад кај мене. Овој човек не сторил ништо со што би заслужил смртна казна. 16 Предлагам да Го предадам на камшикување и да Го пуштам.“

17 (Секоја година, по повод празникот Пасха, Пилат им ослободуваше по еден затвореник.)[a]

18 Но тие сите во еден глас повикаа: „Погуби Го овој, а пушти ни го Бараба!“ 19 Бараба беше затворен поради учество во некој градски бунт и поради убиство.

20 Пилат сакаше да Го пушти Исуса, па затоа повторно им се обрати на присутните, 21 но тие продолжија да викаат: „Распни Го! Распни Го!“ 22 Пилат по третпат им се обрати: „А какво злосторство извршил? Јас не најдов никаква вина кај Него за да Го осудам на смрт! Затоа, предлагам да биде камшикуван, а потоа ослободен!“

23 Но тие со голема викотница продолжуваа да бараат Исус да биде распнат и конечно надвладеаја. 24 Пилат реши да го задоволи нивното барање. 25 Им го пушти од затвор човекот чие ослободување го бараа - затвореникот за бунт и убиство - а Исуса им Го препушти на нивната волја.

Распнувањето на Исус

(Матеј 27:32-44; Марко 15:21-32; Јован 19:17-27) 26 Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него.

27 По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа. 28 Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца, 29 зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘ 30 Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘ 31 Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното[b]!?“

32 Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници. 33 Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса. 34 А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават[c]!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка. 35 Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата[d] - Избраникот Божји!“

36 Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет, 37 говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“

38 Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘

Различни реакции на распнатите злосторници

39 Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“

40 Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна! 41 Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“ 42 Потоа Му се обрати на Исуса:

„Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“

43 Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“

Смртта на Исус

(Матеј 27:45-56; Марко 15:33-41; Јован 19:28-30) 44 Беше околу дванаесет[e] часот, кога наеднаш настапи мрак по целата земја, сe до петнаесет часот.

45 Сонцето потемне, а завесата во храмот се расцепи по средината. 46 Тогаш Исус гласно извика: „Небесен Татко, во Твоите раце Го доверувам Мојот дух!“ Изговарајќи го ова, Тој умре[f].

47 Кога римскиот офицер виде што се случи, Му оддаде почит на Бог и рече: „Овој човек навистина беше праведник[g]!“ 48 Кога и народот што се беше собрал да гледа виде што се случи, секој си замина дома, удирајќи се в гради од жалост. 49 Сите што Го познаваа Исуса, меѓу кои и жените кои Го следеа уште од Галилеја, стоеја подалеку и гледаа.

Погребувањето на Исус

(Матеј 27:57-61; Марко 15:42-47; Јован 19:38-41) 50 Таму имаше и еден човек, по име Јосиф, кој беше од јудејскиот град Ариматеја и беше член на Врховниот совет. Тој беше добар и праведен човек, 51 и не се сложуваше со овие одлуки и постапки, зашто и самиот го очекуваше Божјото царство. 52 Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус. 53 Потоа го симна телото од крстот, го завитка во платно и го положи во дотогаш некористена гробница, што беше издлабена во карпите. 54 Тој ден беше петок, а веќе настапуваше саботата.

55 Заедно со Јосиф дојдоа и жените кои одеа со Исус уште од Галилеја и ја видоа гробницата во која беше положено Исусовото тело. 56 Потоа си отидоа дома, да подготват мирисливи масла за премачкување на телото. Во саботата не работеа, согласно со верскиот Закон.

Footnotes:

  1. Лука 23:17 Овој стих го нема во сите стари ракописи на Новиот завет.
  2. Лука 23:31 Или: Ако вака постапуваат со Мене, живото дрво, што ли ќе се случи со вас, сувите дрвја!?
  3. Лука 23:34 Оваа реченица на Исус ја нема во сите стари ракописи на Новиот завет.
  4. Лука 23:35 Или: Христос. Месија (Машија) на хебрејски и Христос на грчки имаат исто значење: Помазаник.
  5. Лука 23:44 Во оригиналот: шестиот час. По наше, тоа е дванаесет часот. Во истиот стих: околу деветтиот час. По наше, тоа е 15 часот.
  6. Лука 23:46 Буквално: издивна.
  7. Лука 23:47 Или: невин.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes