A A A A A
Bible Book List

Лука 19Macedonian New Testament (MNT)

Исус во домот на Закеј

19 Исус влезе во Јерихо и мина низ градот. Одеднаш, Му пристапи еден човек, по име Закеј[a], кој беше богат даночен управник. Тој се обидуваше да види како изгледа Исус, но беше низок по раст и од многубројниот народ не можеше да Го види. Затоа, тој истрча пред народот и се искачи на една дива смоква крај која требаше да помине Исус, за да Го види.

Кога Исус втаса до тоа место, погледна нагоре и му рече: „Закеј! Слези брзо! Денес доаѓам во твојот дом!“ Закеј бргу слезе и сиот радосен Го прими Исуса на гости во својот дом. Сите што го видоа ова, почнаа да негодуваат, велејќи: „Отиде на гости кај грешен човек!“

Закеј стана и Му рече на Господ Исус: „Господе! Еве, половината од мојот имот ќе им ја разделам на сиромасите, а доколку некого сум оштетил ќе му надоместам четирикратно!“ Во одговор, Исус рече: „Денес во овој дом пристигна спасението; зашто овој човек покажа дека е чедо Авраамово.

10 А Јас, Синот Човечки[b], дојдов за да ги барам и да ги спасам оние што се загубени.“

Споредба со десеттемина царски слуги

(Матеј 25:14-30) 11 Додека народот го слушаше ова излагање, Исус во продолжение им раскажа уште една споредба. Причината беше тоа што луѓето мислеа дека сега ќе биде воспоставено Божјото царство, бидејќи Исус веќе се приближуваше кон Ерусалим. 12 Тој им рече:

„Еден човек, од благородничко потекло, се упати во една далечна земја, каде што требаше да биде прогласен за цар, а потоа планираше да се врати. 13 Пред да замине, тој ги повика своите десет слуги, им даде десет големи сребреници[c], па им рече: ,Тргувајте со овие пари додека се вратам.‘ 14 Неговите сограѓани го мразеа овој човек и по него испратија гласници да порачаат: ,Не сакаме тој да царува над нас!‘

15 Човекот сепак беше прогласен за цар и се врати во својот крај. Веднаш заповеда да ги повикаат слугите на кои им ги беше дал парите, за да чуе кој колку спечалил. 16 Дојде првиот и му рече: ,Господару! Со твојот сребреник спечалив уште десет сребреници!‘ 17 Господарот му одговори: ,Одлично! Ти си добар слуга! И бидејќи ја оправда довербата во оваа мала задача, еве, те поставувам за управител над десет градови!‘

18 Дојде вториот слуга и му рече: ,Господару! Со твојот сребреник спечалив уште пет сребреници!‘ 19 Господарот и нему му одговори: ,Тебе те поставувам за управител над пет градови!‘

20 Дојде и третиот слуга и рече: ,Господару! Еве ти го назад твојот сребреник. Го чував врзан во шамиче, 21 зашто се плашев од тебе, знаејќи дека си строг човек: земаш откаде што не си вложил и жнееш каде што не си сеел!‘ 22 Но Господарот му рече: ,Расипан слуго! Твоите зборови ќе ги искористам за да те осудам! Кога си знаел дека сум строг човек и дека земам откаде што не сум вложил и жнеам каде што не сум сеел, 23 зошто не го вложи мојот сребреник во некоја банка, па кога ќе се вратев, ќе си го подигнев со камата!?‘ 24 Потоа, господарот им рече на оние околу него: ,Земете го сребреникот од него и дајте му го на оној што има десет сребреници!‘ 25 Тие му рекоа: ,Господару, тој веќе има десет сребреници!‘ 26 Но тој им одговори: ,Ве уверувам, дека, на оној што веќе има спечалено нешто, ќе му се даде уште, а од оној што нема спечалено ништо, ќе му се одземе и тоа што го има!

27 А сега, доведете ги и погубете ги пред мене сите мои непријатели, кои се противеа на моето царување над нив!‘“

ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ НА ИСУС ВО ЕРУСАЛИМ

Триумфалното влегување во Ерусалим (Цветници)

(Матеј 21:1-11; Марко 11:1-11; Јован 12:12-19) 28 Завршувајќи го излагањето, Исус, на чело на народот, продолжи да се искачува кон Ерусалим. 29 Кога се приближи до Бетфага и Бетанија[d], на Маслиновата Гора, испрати двајца од Своите ученици 30 и им рече: „Одете до селото што е пред вас. На влезот во селото ќе најдете врзано младо магаре кое никој досега не го јавал. Одврзете го и доведете го. 31 Ако некој ве праша: ,Зошто го одврзувате?‘, кажете му дека Му е потребно на Господ.“

32 Тие заминаа и најдоа сe како што им беше кажал Исус. 33 Кога го одврзуваа магаренцето, неговите сопственици ги прашаа: „Зошто го одврзувате магаренцето?“ 34 Тие одговорија: „Потребно Му е на Господ!“ 35 и го доведоа кај Исус, ги положија своите облеки врз магаренцето, па Го качија Исуса. 36 Додека Тој јаваше, народот ги постилаше своите облеки по патот.

37 Кога се доближи до Ерусалим, на падините на Маслиновата Гора, големиот број Негови ученици почнаа радосно и гласно да пеат, славејќи Го Бога за сите величествени нешта што ги беа виделе, велејќи: 38 „Благословен нека биде Царот, Кој доаѓа во името на Господ! Мир на небото и слава на Бог во височините[e]!“

39 Тогаш, некои од фарисеите[f] кои се најдоа меѓу народот, Му рекоа: „Учителе! Нареди им на Твоите ученици да замолкнат!“ 40 Исус им одговори: „Да ви кажам нешто: Ако тие замолкнат, камењата ќе извикуваат!“

Исус плаче над Ерусалим

41 Кога Исус се приближи до Ерусалим и го виде пред Себе, заплака за него, 42 и рече: „Ех, кога би знаел ти денес што е потребно за да има мир во тебе! Но твоите очи сега не можат да го видат тоа. 43 Ќе дојде време кога твоите непријатели ќе те опколат со барикади, ќе те стават под опсада и ќе те затворат од сите страни. 44 До темел ќе те разурнат и ќе ги погубат твоите жители, ниту камен врз камен нема да остават, сe поради тоа што ти не го препозна времето кога Бог те посети за да ти понуди спасение!“

Исус повторно го расчистува храмот

(Матеј 21:12-17; Марко 11:15-19; Јован 2:13-22) 45 Потоа Исус влезе во храмот и почна да ги исфрла оние што таму тргуваа, 46 велејќи: „Во Светото Писмо стои напишано[g] дека Бог рече: ,Мојот храм нека биде место за молитва‘, а вие го претворивте во разбојничко дувло!“

47 Исус поучуваше во храмот секој ден. А свештеничките поглавари, вероучителите и водачите на народот настојуваа да Го убијат, 48 но не наоѓаа погоден начин, зашто сиот народ Го слушаше и не сакаше да пропушти ниту збор.

Footnotes:

  1. Лука 19:2 Закеј - елизија од еврејското име Зак-кеј, кое, пак, е скратено име од Захарија (грчки), односно Закар-Јах (хебрејски), со значење Памети Господ.
  2. Лука 19:10 Синот Човечки е Исус Христос. Види фуснота кај 5:24.
  3. Лука 19:13 Буквално: по десет мини. Една мина била тримесечна заработка.
  4. Лука 19:29 Хебрејски: Беит-Пагеј и Беит-Ан-Јах.
  5. Лука 19:38 Цитат од Псалмите 118:26 и 148:1.
  6. Лука 19:39 За фарисеите види фуснота кај 5:17.
  7. Лука 19:46 Буквално: Мојот Дом ... Дом на молитва. Цитати од Исаија 56:7 и Еремија 7:11.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes