A A A A A
Bible Book List

Лука 10Macedonian New Testament (MNT)

Исус испраќа во мисија седумдесет Свои ученици

10 По ова, Господ избра други седумдесет[a] ученици и ги испрати двајца по двајца, како Своја претходница, во секој град и место каде што планираше да оди. Им рече: „Има голема жетва за собирање, а работници има малку. Затоа, молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата нива. Одете! Ве испраќам како јагниња меѓу волци. Не носете со себе ни ќесе со пари, ни торба, ни обувки! Не застанувајте по пат, дури ни за да се поздравите со некого. При влегувањето во секоја куќа, најпрво благословете со зборовите: ,Мир да има во оваа куќа!‘ Ако во таа куќа живее мирољубив човек, мирот навистина ќе му остане; ако не, повлечете го благословот за мир. Задржете се во истата куќа, јадете и пијте од она што имаат да ви дадат, зашто тој што работи ја заслужува својата плата. Не шетајте од куќа до куќа. Кога ќе влезете во некој град каде што ќе ве примат, јадете од тоа што ќе ви го принесат. Исцелувајте ги болните во тој град и зборувајте му на народот: ,Божјото царство допре и до вас!‘ 10 Кога ќе стигнете во некој град каде што нема да ве примат, излезете на улиците и речете им: 11 ,Ви го истресуваме дури и правот од вашиот град, што ни се прилепил за нозете! Но, да знаете дека Божјото царство се доближи и до вас!‘ 12 Ве уверувам дека на Судниот ден ќе му биде полесно на Содом[b], одошто на тој град!“

Осуда на некои тогашни жители

(Матеј 11:20-24) 13 „Тешко тебе, Коразине! Тешко и тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел! 14 Но полесно ќе минат Тир и Сидон на Судниот ден одошто вие! 15 А ти, граде Кафарнауме, што се креваш на високо, дури до небото - ќе се струполиш до адот!

16 Исус им рече на Своите ученици: „Оној што вас ве слуша - Мене Ме слуша. Оној што вас ве отфрла - Мене Ме отфрла; а оној што Мене Ме отфрла - Го отфрла Бога, зашто Тој Ме испрати!“

Враќањето на Исусовите ученици

17 Седумдесеттемина[c] се вратија радосни, велејќи: „Господе, преку Твоето име нам ни се покоруваат и демонските духови!“ 18 А Исус им рече: „Видов како падна Сатаната, како молскавица од небото! 19 Ете, ви дадов моќ да газите на змии и скорпии и надмоќ над секоја непријателска сила - ништо да не може да ве повреди. 20 Сепак, не радувајте се што ви се потчинуваат демонските духови, туку радувајте се што вашите имиња се запишани како жители на небото!“

Радоста на Исус

(Матеј 11:25-27; 13:16-17) 21 Во тој миг Исус се исполни со радост, преку Светиот Дух[d], и рече: „Ти благодарам, небесен Татко, Господару на небото и на Земјата, што сето ова им го откри на скромните, а го скри од оние што мудруваат и се потпираат на својот разум. Да, Татко, така сакаше Ти.

22 Мојот небесен Татко Ме има овластено Мене за сe. Никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и никој не знае Кој е Таткото, освен Синот и оние на кои Синот ќе реши да им открие.“ 23 Потоа насамо им рече на учениците: „Благословени се очите што го гледаат ова што го гледате вие! 24 Ви велам: многу пророци и цареви сакаа да го видат ова што го гледате вие, но не го видоа; сакаа да го слушаат тоа што вие го слушате, но немаа можност!“

25 Еден учител на верскиот Закон[e] дојде и искушувајќи Го Исуса, Го праша: „Учителе! Што треба да правам за да стекнам вечен живот?“ 26 Исус, во одговор му рече: „Што вели за тоа Светото Писмо[f]? Што си прочитал во него?“ 27 Човекот одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сите свои сили и со сиот свој разум“, и „Сакај го својот ближен како себеси[g]“. 28 „Токму така!“ - му одговори Исус. „Прави го тоа и ќе живееш.“

29 Но учителот на Законот сакаше да се оправда, па продолжи да Го прашува Исуса: „А кој е мојот ближен?“ 30 Исус му одговори вака:

Милостивиот Самарјанец

„Еднаш, еден човек, слегувајќи од Ерусалим во Јерихо, беше нападнат од разбојници, кои го ограбија и натепаа, оставајќи го полумртов. 31 Се случи тука да помине еден еврејски свештеник. Тој го забележа човекот, но го заобиколи и си замина. 32 Истото се повтори кога тука помина и еден Левит[h]: тој се доближи до човекот, го виде како лежи и си замина. 33 Потоа намина еден Самарјанец[i], му пријде и кога го виде, му стана жал; 34 па му ги исчисти раните со масло и вино и му ги преврза. Потоа го качи на своето добиче, го однесе до најблиската гостилница и го смести. 35 Утредента, извади два сребреника, му ги даде на гостилничарот и му рече: „Погрижи се за него и ако потрошиш повеќе - ќе ти доплатам кога ќе се вратам!“

36 Потоа, Исус праша: „Што мислиш, кој од овие тројца се покажал како ближен за настраданиот од разбојниците?“ 37 „Оној што бил љубезен спрема него!“ - одговори учителот на Законот. Тогаш Исус му рече: „Оди и ти постапувај така!“

Во домот на Марта и Марија

38 Продолжувајќи го своето патување кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици дојдоа во едно село каде што во својот дом ги пречека една жена по име Марта. 39 Таа имаше сестра, по име Марија, која седна до Исусовите нозе за да Ги слуша Неговите поуки. 40 Марта, пак, беше презафатена со послужување, па Му пријде на Исус и Му рече: „Господе, зар не Ти е жал што сестра ми ме остави да ја вршам целата работа сама!? Кажи и да дојде да ми помага!“ 41 А Господ и рече: „Марто, Марто! Прекумерно се грижиш и тревожиш за многу нешта, 42 а само едно е потребно! Марија го одбра најдоброто - она што ќе и остане трајно!“

Footnotes:

  1. Лука 10:1 Во некои ракописи стои: седумдесет и двајца.
  2. Лука 10:12 Содом и Гомора се два града спомнати во Стариот завет на Библијата, уништени од Бог, поради неморал и разврат.
  3. Лука 10:17 Во некои ракописи пишува: седумедесет и двајцата.
  4. Лука 10:21 Во некои ракописи стои: се зарадува во духот, или: духот Му се израдува.
  5. Лука 10:25 Се мисли на Мојсеевите закони или на целиот Стар завет.
  6. Лука 10:26 Буквално: Законот; се мисли на Стариот завет.
  7. Лука 10:27 Цитати од Стариот завет: 5 Мој. 6:5 и 3 Мој. 19:18.
  8. Лука 10:32 Левитите се едно од 12-те еврејски племиња; тие им биле помошници на свештениците во храмот.
  9. Лука 10:33 Самарјанците биле презрени од страна на ‚чистокрвните‘ Евреи, бидејќи биле од мешани бракови со неевреи.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes