A A A A A
Bible Book List

Лука 1Macedonian New Testament (MNT)

Евангелието според

Лука

Драги Теофиле,

Мнозина почнаа да пишуваат за настаните што се случија кај нас. Пишуваат за она што ни го пренесоа Христовите ученици, кои од самиот почеток беа очевидци и проповедници на она што Бог го направи преку Своето Слово. И јас решив да ти напишам еден извештај, почитуван Теофиле, точно според редоследот на случките, откако претходно темелно ги проучив сите нив, од самиот нивни почеток, за да се увериш во сигурната основа на учењето што си го примил.

Навестување за раѓањето на Јован Крстител

Во времето кога Ирод царуваше над покраината Јудеја, живееше еден свештеник по име Захарија, по потекло од свештеничкиот ред на Авијах[a]. Неговата жена се викаше Елисавета[b] и беше потомка на свештеникот Арон. Обајцата беа праведни пред Бога и целосно ги почитуваа сите Господови заповеди и правила. Тие немаа деца, зашто Елисавета беше неротка, а веќе беа и во поодминати години.

Еден ден, кога му беше редот на Захарија да ја извршува свештеничката служба во Божјиот храм, тој беше избран со жрепка - според вообичаената практика меѓу свештениците - да влезе во храмот и да изврши кадење на жртвеникот. 10 За време на кадењето, народот беше надвор и се молеше.

11 Наеднаш, пред Захарија се појави ангел Господов и застана од десната страна на олтарот за кадење. 12 Кога Захарија го забележа, се стаписа и страв го обзеде. 13 Но, ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија! Молитвата ти е услишена! Твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе му дадеш име Јован. 14 Ќе се радуваш и ќе се веселиш, а и многу други ќе му се радуваат на неговото раѓање. 15 Тој ќе биде голем во очите на Господ и нема да пие ни вино ни жесток пијалак, туку ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на мајка си. 16 Ќе поттикне многу Израелци да Му се вратат на нивниот Господ Бог. 17 Тој ќе Му биде претходник на Господ Исус со духот и со силата на пророкот Илија, за повторно да ги зближи татковците со децата, да ги врати непослушните кон мудроста на праведните и да ги подготви за Господ оние што Му се наклонети[c].“

18 Тогаш Захарија го праша ангелот: „По што ќе знам дека ова навистина ќе се случи? Јас сум веќе стар, а и жената ми е во поодминати години.“ 19 Ангелот му одговори: „Јас сум Гаврил[d] и престојувам пред самиот Бог; Тој ме испрати да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа Радосна вест. 20 Но ти не им поверува на моите зборови, кои сепак ќе се исполнат кога за тоа ќе дојде време; затоа сега ти ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш сe до оној ден кога ќе се исполни ова што ти го кажав!“

21 Во меѓувреме, народот чекаше Захарија да излезе и се чудеше зошто толку долго се задржа во храмот. 22 Кога излезе, не можеше да зборува, но според неговите движења заклучија дека имал некое видение во храмот. Тој им објаснуваше со знаци, без да проговори ниту еден збор.

23 Кога му истече времето за служење во храмот, Захарија се врати дома. 24 По извесно време неговата жена Елисавета забремени, но бременоста ја прикриваше цели пет месеци и велеше: 25 „Најпосле ја добив Господовата благонаклоност, кога реши да се смилува и да го симне срамот од мене!“

26 По шест месеци, Бог го испрати ангелот Гаврил во галилејскиот град Назарет, 27 кај една девица по име Марија[e] која му беше свршеница на Јосиф, потомок на царот Давид. 28 Доаѓајќи кај неа, ангелот и рече: „Радувај се, зашто си преблагословена и Господ е со тебе!“ 29 Марија се исплаши кога ги чу овие зборови и почна да размислува за значењето на необичниот поздрав. 30 Ангелот и рече: „Не плаши се, Марија, Бог ти е благонаклонет! 31 Ти ќе забремениш, ќе родиш Син и ќе Му дадеш име Исус. 32 Тој ќе биде велик и ќе биде наречен Син на Севишниот[f]. Господ Бог ќе Му го даде Нему престолот од Неговиот предок, царот Давид. 33 Тој вечно ќе владее меѓу потомците на Јаков[g] и Неговото царство ќе нема крај.“

34 Тогаш Марија му рече на ангелот: „Како ќе родам дете, кога јас сум девица!?“ 35 Ангелот и одговори: „Преку Светиот Дух, Кој ќе слезе, ќе те исполни и силата на Севишниот ќе се спушти[h] врз тебе. Затоа и Детето што ќе го родиш ќе биде свето и ќе биде наречено Божји Син. 36 Еве, и твојата роднина Елисавета забремени, иако е веќе во поодминати години. Ја нарекуваа неротка, а еве, таа е сега во шестиот месец на бременост, 37 зашто, за Бог нема невозможни нешта! 38 Тогаш Марија му рече: „Јас Му стојам на услуга на Господ; нека се исполни со мене она што го кажа ти.“ По ова, ангелот си замина.

Марија оди во посета кај Елисавета

39 Набргу потоа, Марија побрза кон еден град во планинските предели на Јудеја[i]. 40 Влегувајќи во куќата на Захарија, се поздрави со Елисавета. 41 Штом Елисавета го чу поздравот на Марија, детето во нејзината утроба се размрда. Елисавета се исполни со Светиот Дух, 42 и гласно рече: „Ти си најблагословена од сите жени и благословено е Детето што е зачнато во тебе! 43 Како токму кај мене да дојде мајката на мојот Господ!? 44 Штом го чув твојот поздрав, детево во мојава утроба се размрда од радост! 45 Благословена си, зашто поверува дека ќе се исполни тоа што Господ го кажал!“

Песната на Марија

46 Марија рече:

„Душава моја Го слави Господа;

47 извикува од радост мојот дух,

заради Бог, мојот Спасител,

48 Кој милозливо си спомна за мене,

Неговата ништожна слугинка!

Ете, отсега сите поколенија

ќе ме нарекуваат ,Благословена‘,

49 зашто големи нешта направи Семоќниот

за мене. Свето е Неговото Име,

50 и милосрдието Негово спрема оние

што Го почитуваат продолжува

од поколение во поколение.

51 Тој ја испружи Својата моќна рака

и ги уништи оние што длабоко во себе

се гордееја со своите мисли.

52 Ги симна од власт владетелите,

а ги возвиши понизните,

53 ги насити гладните со благо,

а богатите ги испрати со празни раце.

54 Му дојде на помош

на Својот слуга Израел,

припомнувајќи си за милоста

55 што им ја вети на нашите предци,

за Авраам и за неговото потомство, довека!“

56 Марија остана кај Елисавета околу три месеци, а потоа се врати дома.

Раѓањето на Јован Крстител

57 Дојде време Елисавета да се породи и таа роди син. 58 Кога нејзините соседи и роднини видоа дека Господ покажа кон неа голема благонаклоност, заедно со неа се радуваа и тие.

59 На осмиот ден по раѓањето го донесоа детето да го обрежат[j] и сакаа да му дадат име Захарија, според името на татко му. 60 Но мајка му рече: „Не, туку ќе се вика Јован[k]!“ 61 Тие и велеа: „Па никој од твоите роднини не се вика така!“ 62 Потоа преку знаци го прашаа таткото, како сака да се вика детето. 63 Захарија побара една плоча за пишување и напиша: „Ќе се вика Јован!“ Сите беа изненадени. 64 Во истиот миг, му се врати говорот на Захарија и тој почна да Го слави Бога. 65 По ова страв завладеа меѓу луѓето во тој крај, а за овие случки се расправаше по сиот планински предел на Јудеја. 66 Сите што ќе слушнеа за ова размислуваа и се прашуваа: „Што ли ќе биде од ова дете!?“, зашто беше очигледно дека со него беше силата Господова.

Песната и пророштвото на Захарија

67 Тогаш Захарија, таткото на Јован (Крстител), се исполни со Свет Дух и го изрече ова пророштво:

68 Слава нека Му е на Господ,

Израеловиот Бог,

Кој му дојде на помош

на Својот народ и го избави!

69 Тој ни подигна моќен Избавител

од потомците на Својот слуга Давид.

70 Како што одамна ни беше ветил,

преку устите на Своите пророци,

71 дека ќе нe спаси од нашите непријатели

и од рацете на оние што нe мразат,

72 дека ќе им се смилува на нашите предци

и ќе Си спомне за Својот свет Завет.

73 Тој со заклетва му вети

на нашиот прататко Авраам

74 дека ќе нe избави од нашите непријатели

и ќе ни овозможи да Му служиме на Бога без страв,

75 за да бидеме свети и праведни пред Него

во текот на целиот наш живот.

76 А ти, сине мој, ќе бидеш наречен

пророк на Севишниот.

Ќе Му бидеш претходница на Господ

и ќе Му го подготвиш патот,

77 објаснувајќи им го на луѓето спасението

што доаѓа преку простување на гревовите,

78 благодарение на милосрдното срце

на нашиот Бог, преку Кој

ќе нe огрее Сонце од небото,

79 Кое ќе ги осветли сите

што живеат во мракот на смртната сенка,

и ќе ни ги насочи чекорите кон патот на мирот!“

80 Детето растеше и се развиваше духовно. Живееше во пустината сe до денот кога ја започна својата јавна мисија меѓу Израелците.

Footnotes:

  1. Лука 1:5 Или: Абијах (Аби-Јах). Името значи: Господ е мој татко. Вториот син на пророкот Самоил од кој се избирал осмиот од 24-те редови на свештеници.
  2. Лука 1:5 На хебрејски: Елишева = Господ е мојата заклетва (завет).
  3. Лука 1:17 Во Стариот завет, види: Малахија 4:5-6.
  4. Лука 1:19 Поточно Гавриел (Гаври-Ел). Името значи Господ е моќен или Божји човек.
  5. Лука 1:27 На хебрејски: Мирјам; еквивалент на името Марија.
  6. Лука 1:32 На хебрејски: Ха-Ел-јон. Исто и во стихот 35.
  7. Лука 1:33 Јаков е прататкото на еврејскиот народ, Израел.
  8. Лука 1:35 Буквално: ќе те осени.
  9. Лука 1:39 Јужна покраина во Израел.
  10. Лука 1:59 Обрежувањето на машките деца кај Евреите било воспоставено како знак на посебен Божји завет со Израел (1 Мој. 17:9-14).
  11. Лука 1:60 На хебрејски: Јоханан или Јах-ана = Господ е милостив.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes