A A A A A
Bible Book List

Евреите 2Macedonian New Testament (MNT)

Одговорност спрема величественото спасение

Затоа треба да обрнеме многу поголемо внимание на вистината што ја чувме, за да не се случи да не ја погодиме целта! Зашто, се покажа дека пораката што им ја даде Бог, преку ангелите, на нашите предци беше вистинита, па за секој прекршок на Божјиот Закон или непослушност луѓето беа праведно казнети. Тогаш, како ќе можеме ние да ја избегнеме казната, ако сме незаинтересирани за ова величествено спасение!? Самиот Господ прв почна да проповеда за ова, а оние што Го слушнаа ни ја пренесоа[a] оваа вистина. Во исто време, Бог ја потврди оваа порака со видливи докази, со извршување чуда, со разновидни моќни дела, и со дарови од Светиот Дух кои ги распределуваше според Својата волја.

Старозаветни сведоштва за возвишеноста на Христос

Знаеме дека идниот свет за кој ние зборуваме, Бог не им го довери на ангелите. Напротив, како што стои запишано некаде во Светото Писмо:

„Што е човекот, та да му обрнуваш внимание,

и за синот човечки[b] да се грижиш?

Само за кратко време го направи помал од ангелите,

а потоа со слава и со чест го овенча.

Му даде власт над се“.

Кога вели: „Му даде власт над се“, значи дека Бог не оставил ништо што не е под Негова власт, иако засега не гледаме дека се Му е потчинето. Но Го гледаме Исуса - Кој иако за кратко време беше на пониско место од ангелите, за да страда и да умре за сите, покажувајќи ни ја Божјата благонаклоност - сега Тој е овенчан со слава и чест!

10 И навистина, Бог, Кој е Творец на се и Кому Му припаѓа се, постапи соодветно, кога преку страдања Го издигна Исуса во совршен водач, зашто Исус на многу Божји чеда им донесе спасение и слава. 11 Сега и Исус, и оние што ги освети, имаат еден ист небесен Татко. Затоа Исус не се срами да ги нарече браќа, 12 кога на Бог Му се обраќа со следниве зборови:

„Твоето име меѓу браќата ќе Го проповедам,

и сред собранието ќе Те прославувам[c]!“

13 А го рече и следното:

„Во Бога ќе ја положам Својата доверба.“

И потоа: „Еве Ме заедно со чедата што Ми ги даде Бог[d]!“

14 Бидејќи „чедата“ - како што Тој ги нарече - се луѓе од крв и месо, и самиот Исус стана како нив, со цел преку Својата смрт да го уништи Ѓаволот, кој ја има власта над смртта, 15 и да не ослободи сите нас, кои цел живот живееме како робови на стравот од смртта.

16 Јасно е дека Исус не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци[e]. 17 Затоа, Тој мораше во се да стане сличен на Своите „браќа“, за да стане нивни верен и милостив Првосвештеник пред Бог. Така можеше да принесе жртва што ќе ги отстрани гревовите на луѓето. 18 Сега, кога и Тој помина низ страдања и искушенија, може да ни помага кога ние минуваме низ искушенија.

Footnotes:

  1. Евреите 2:3 Или: ни ја потврдија.
  2. Евреите 2:6 Или: Синот Човечки.
  3. Евреите 2:12 Цитат од Псалм 22:22.
  4. Евреите 2:13 Исаија 8:17-18.
  5. Евреите 2:16 Старозаветниот патријарх Авраам е наречен татко на верата, па оттаму изразот Авраамови потомци во овој контекст ги означува сите искрени верници и следбеници на Бог, а не биолошките потомци на Авраам.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes