A A A A A
Bible Book List

Евреите 10Macedonian New Testament (MNT)

Христовата жртва има трајна вредност

10 Мојсеевиот Закон беше само сенка на она што доаѓа, а не суштина на сите добри нешта што Христос ги направи за нас. Со години Му ги принесуваа на Бог жртвите пропишани со Мојсеевиот Закон, но тие што ги принесуваа не можеа да се исчистат. Ако тие што Му служеа на Бог успееја еднаш засекогаш да се исчистат од гревот, и нивната совест повеќе немаше да ги обвинува, и тогаш принесувањето жртви би престанало. Напротив, тоа што секоја година принесуваа жртви само ги потсетуваше на нивните гревови. Тоа е поради тоа што крвта од бикови и јарци не може да ги исчисти гревовите.

Затоа, кога Христос дојде на овој свет, Му рече на Бог:

„Ти не посака животински жртви ни приноси од жито,

туку Ми даде тело, за да ти се покорувам.

Не, Ти не се задоволуваш со жртви паленици

и со приноси за грев!

Тогаш реков: ,Еве Ме Боже, доаѓам да ја извршам Твојата волја, како што е претскажано за Мене во Светото Писмо[a].‘“

Значи, Христос прво рече: „Ти, Боже, не посака и не ти беа угодни ни животински жртви ни приноси од жито, ни животни спалени на жртвеник, ни жртви за искупување од грев“, иако според Мојсеевиот Закон тие беа неопходни. Потоа додаде: „Еве, доаѓам да ја извршам Твојата волја.“ Со тоа Христос го укинува првиот Завет, за да воспостави нов. 10 Поради таквата цврста решителност од страна на Христос - Тој да се жртвува за нас еднаш засекогаш - ние сега сме исчистени од гревот.

11 Секој друг свештеник секојдневно врши богослужба и одново принесува жртви што никогаш не можат да исчистат од гревови. 12 А Христос принесе само една жртва, која има вечна вредност, и потоа седна на почесно место, од десната страна на Бог. 13 Таму ќе остане се додека Неговите непријатели не бидат покорени под Неговите стапала. 14 Значи, Тој само со една жртва, вечно ги усоврши оние што ги посвети. 15 За ова ни сведочи и Светиот Дух. Прво вели:

16 „Кога ќе дојде време, со Мојот народ ќе воспоставам ваков Завет:

Моите закони ќе ги ставам во нивните срца,

па ќе ги разберат, и ќе ги впишам во нивните умови,

па ќе им се покоруваат,

17 а нивните гревови и беззаконија нема веќе ни да ги спомнам[b].“

18 Штом гревовите се простени, веќе нема потреба од принесување жртви.

Повик на верност спрема Новиот завет

19 Според тоа, драги пријатели христијани[c], ние сега можеме смело да влеземе во Најсветото место. Тоа ни го овозможи жртвата[d] на Исус. 20 Тоа е тој нов пат, пат што дава живот, пат што го проби Христос за нас низ преградната завеса со тоа што во тело Тој умре за нас.

21 Затоа, сега кога имаме Првосвештеник Кој управува со Божјиот Дом, 22 да дојдеме пред Бог со искрени срца и со целосна доверба. Нашата совест е попрскана со Христовата крв и сега е чиста, нашите тела се измиени со чиста вода. 23 Да се држиме цврсто и без колебање за надежта што велиме дека ја имаме, бидејќи можеме да имаме целосна доверба дека Бог ќе го исполни ветувањето што ни го даде. 24 Да размислуваме како еден со друг да се поттикнуваме на љубов и добри дела. 25 Да не изостануваме од нашите заеднички богослужби, како што некои тоа имаат обичај да го прават, туку напротив, да се охрабруваме едни со други, особено сега кога гледате дека се приближува денот на враќањето на нашиот Господ!

Што ги очекува тие што ќе отпаднат

26 Ако продолжиме намерно да грешиме, откако сме биле запознати со вистината, нема веќе друга жртва што може да ги покрие нашите гревови. 27 Во таков случај нема што друго да се очекува освен Божјиот страшен суд и распламтениот оган што ќе ги проголта Неговите противници. 28 Ако двајца или тројца сведоци потврделе дека некој одбил да го спроведе Мојсеевиот Закон, тој безмилосно бил погубуван. 29 Што мислите, колку потешка ќе биде казната за оној што ќе Го омаловажи Божјиот Син, ќе ја смета крвта на заветот, која го исчистила од грев, за нешто обично и несвето и ќе Го навреди Светиот Дух Кој ни ја дарува Божјата благонаклоност!? 30 Зашто знаеме дека Оној што рекол: „Јас ќе се одмаздам, Јас ќе им платам на тие што заслужиле“, рекол и: „Господ ќе му суди на Својот народ[e]!“

31 Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!

Издржливост и надеж

32 Присетете се на минатото, кога штотуку бевте просветлени, а веќе поднесувавте зачестени напади и страдања! 33 Понекогаш бевте изложени на јавен потсмев, на навреди и прогони, а понекогаш им помагавте на тие што минуваа низ таквите страдања. 34 Сочувствувавте со оние што лежеа в затвор, а кога ви ги одзедоа вашите имоти, тоа го прифативте со радост, зашто знаете дека во вечноста ве очекуваат многу подобри нешта. 35 Затоа, не отфрлајте ја таа доверба во Господ. Не заборавајте каква голема награда носи таа. 36 Она што сега ви треба е трпение, за да продолжите да ја извршувате Божјата волја. Така ќе го добиете сето она што ви беше ветено. 37 Зашто,

,многу бргу,

Оној што треба да дојде, ќе дојде

и нема да задоцни.

38 Тие што ќе бидат праведни, преку вера ќе живеат,

а со тие што ќе Ми свртат грб,

нема да бидам задоволен[f].‘

39 Но ние не сме од оние што Му вртат грб на Бог и си ја запечатуваат пропаста. Ние имаме вера што ни дава сигурност дека ќе се спасиме.

Footnotes:

  1. Евреите 10:7 Пс. 40:6-8.
  2. Евреите 10:17 Цитат од Еремија 31:32-34.
  3. Евреите 10:19 Буквално: браќа.
  4. Евреите 10:19 Буквално: крвта.
  5. Евреите 10:30 5 Мој. 32:35-36.
  6. Евреите 10:38 Авакум 2:3-4.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes