
Дела Ап 6 Macedonian New Testament (MNT)Назначување на седум помошници6 Во тоа време, откако бројот на христијаните се зголеми, Елините[a] се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа занемарувани при секојдневното делење на храна. 2 Тогаш дванаесетте апостоли ги свикаа сите христијани и им рекоа: „Не е добро ние, апостолите, да го запоставуваме проповедањето на Божјата порака и да служиме околу трпезите. 3 Затоа, браќа, одберете меѓу себе седуммина чесни мажи, со добар углед, исполнети со Светиот Дух и со мудрост, на кои ќе им го предадеме ова задолжение, 4 а ние целосно ќе се посветиме на молитва и на проповедање на Божјата порака.“ 5 Ова им се допадна на присутните и ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, новообратен прозелит од Антиохија. 6 Ги доведоа пред апостолите, кои со положени раце над нив се помолија за нив. 7 Божјата порака се пошироко се прифаќаше и бројот на христијаните во Ерусалим бргу се зголемуваше, па и голем број еврејски свештеници ја прифаќаа христијанската вера. Апсењето на Стефан8 Бог беше благонаклонет спрема Стефан и му даде сила, па тој правеше големи чуда и изнесуваше докази меѓу луѓето. 9 Но еден ден, неколку припадници на синагогата наречена ‚Синагога на ослободените‘ почнаа да се расправаат со него. Тие беа Евреи од Киринеја, Александрија, Киликија и од областа Азија. 10 Не можејќи да им се противстават на мудроста и на Духот со кои Стефан зборуваше, 11 тие тајно наговорија неколку луѓе лажно да го обвинат, велејќи: „Го слушнавме како зборува многу навредливи работи против Мојсеј и против Бог!“ 12 Така успеаја да ги кренат на нозе народот, старешините и вероучителите, кои дојдоа кај Стефан, го фатија и го изведоа пред Врховното собрание[b]. 13 Истапија лажните сведоци и рекоа: „Овој човек не престанува да зборува против овој храм[c] и против Мојсеевиот Закон. 14 Го слушнавме како зборува дека Исус од Назарет ќе го уништи храмот и ќе ги измени обичаите што ни се предадени од Мојсеј.“ 15 Тогаш сите што седеа во собранието се загледаа во Стефан, забележувајќи дека лицето му стана како лице на ангел. Footnotes:
Macedonian New Testament (MNT) Copyright 1999 by HBC Radosna Vest |