A A A A A
Bible Book List

Галатите 5Macedonian New Testament (MNT)

Предноста и одговорноста на христијанската слобода

Значи, ние сме слободни! Христос не ослободи. Држете се цврсто до таа слобода и не дозволувајте повторно да ви го стават јаремот на ропството, односно Мојсеевиот Закон.

Слушнете ме сега! Јас, Павле, ви тврдам дека ако се надевате преку обрежувањето да се спасите, тогаш Христос не може да ви помогне[a]. Уште еднаш ќе ви нагласам дека секој што ќе се обреже е должен да го спроведува целиот Мојсеев Закон. Тие што се обидуваат да се помират со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, се одвојуваат од Христос и ја губат Неговата благонаклоност.

А ние, христијаните, со нетрпение очекуваме да бидеме оправдани, но преку Светиот Дух и преку вера. За тој што верува во Исус Христос нема никакво значење дали е обрежан или не. Важно е да имате делотворна вера и таа да се искажува преку љубов.

Добро напредувавте. Кој ве спречи да продолжите да ја следите вистината? Тоа сигурно не е Бог, зашто Тој ве избра. Малку квасец треба за да скисне целото тесто! 10 Јас сепак верувам дека Господ ќе ве одржи за да не отстапите од вистината, а оние што ве збунуваат, кои и да се, ќе си ја добијат заслужената казна.

11 Што се однесува до обвинувањата против мене, драги пријатели христијани, дека јас се уште проповедам оти обрежувањето е неопходно, зошто тогаш Евреите ме прогонуваат? Да е така, она што јас го проповедам за Христовиот крст не би претставувало камен на сопнување за нив. 12 Би сакал оние што ве збунуваат терајќи ве да се обрежете, да не застанат на обрежувањето, туку самите себе и да се кастрираат[b]!

13 Што се однесува до вас, драги пријатели христијани, вие сте избрани да живеете во слобода. Немојте, меѓутоа, таа слобода да ви биде изговор за да дозволите телесното да завладее со вас. Напротив, со љубов служете си еден на друг. 14 Зашто, целиот Закон може да се сведе само на една заповед: „Сакај го својот ближен како што се сакаш себеси[c].“ 15 Но, ако наместо да се сакате, се гризете и се растргнувате како диви ѕверови, внимавајте сосема да не се уништите!

Да се живее со помош на Светиот Дух

16 Сакам да ви го кажам следново: дозволете Светиот Дух да ве раководи и нема да им подлегнувате на грешните телесни похоти. 17 Грешните телесни похоти се противат на дејствувањето на Светиот Дух, а Светиот Дух се противи на дејствувањето на грешните телесни похоти. Овие две сили се борат една против друга. Тоа значи дека нема да можете да правите се што ќе посакате. 18 Но ако сте водени од Светиот Дух, значи дека вие веќе не сте под Законот.

19 Делата на грешната телесна природа се видливи: блуд, погани работи, разврат, 20 идолопоклонство, вражање, омрази, кавги, љубомора, гнев, себичност, поделби, ереси, 21 завист, пијанство, развратни гозби и слични нешта за кои веќе порано ве предупредив. Како што веќе ви зборував, оние што прават такви нешта нема да го наследат Божјото царство.

22 Од друга страна, ако ве раководи Светиот Дух, Тој ќе ги произведе во вас следниве плодови: љубов, радост, мир, трпеливост, љубезност, добрина, верност, 23 кроткост и самоконтрола[d]. Не постои закон што е против вакви нешта.

24 Тие што Му припаѓаат на Исус Христос, ја имаат распнато својата грешна телесна природа, заедно со нејзините необуздани желби и страсти. 25 Ако Светиот Дух ни дал живот, тогаш треба да живееме согласно Неговото водство. 26 Не смееме да бидеме самобендисани, да се провоцираме еден со друг или да си завидуваме.

Footnotes:

  1. Галатите 5:2 Буквално: нема да имате никаква полза од Христос.
  2. Галатите 5:12 Или: да се отсечат.
  3. Галатите 5:14 3 Мој. 19:18.
  4. Галатите 5:23 Или: воздржливост.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes