A A A A A
Bible Book List

Јован 9Macedonian New Testament (MNT)

Одејќи така, Исус виде еден човек, кој беше слеп од раѓање. Неговите ученици Го запрашаа: „Учителе, зошто овој човек се родил слеп? Дали поради негов грев или поради грев на неговите родители?“

„Неговото слепило не е ни поради негов грев, ни поради грев на неговите родители“ - им одговори Исус. „Но поради неговото слепило, ќе се пројават Божјите дела над него. Додека е ден, ние треба да го извршуваме тоа што од Мене го сака Оној што Ме испрати. Доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи. Додека сум во светот, Јас сум Светлина за светот.“

Штом го рече тоа, Исус плукна на земјата и со плунката направи кал. Со неа му ги намачка очите на слепиот и му рече: „Оди, измиј се во бањата Шилоах[a]“ (во превод значи: ,Испратен‘). Тој отиде, и откако се изми, се врати гледајќи!

Неговите соседи и оние што порано го гледаа како проси, велеа: „Зар овој не е човекот што седеше и просеше?“ Едни велеа: „Тој е!“ Други велеа: „Не е тој, туку само личи на него!“ А самиот тој велеше: „Јас сум тој човек!“

10 Тогаш тие го прашаа: „Па како ти се отворија очите?“

11 Тој им одговори: „Еден човек, по име Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ,Оди во бањата Шилоах и измиј се!‘ Откако отидов и се измив - прогледав!“

12 Тие го прашаа: „Каде е Тој човек?“

„Не знам“ - одговори тој.

13 Потоа го доведоа човекот што порано беше слеп кај фарисеите. 14 А тој ден кога Исус направи кал и му ги отвори очите беше сабота[b]. 15 Фарисеите повторно почнаа да го распрашуваат, како прогледал. „Ми стави кал на очите“ - им одговори тој - „Потоа се измив, и еве - гледам!“

16 Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој човек не е од Бога, бидејќи не ја почитува[c] саботата!“ Други, пак, велеа: „Како може грешен човек да прави вакви чуда!?“ Во врска со ова, се јави раздор меѓу нив.

17 Затоа повторно му се обратија на слепиот: „Што мислиш ти за човекот што ти ги отворил очите?“

„Пророк е!“ - одговори тој.

18 Но еврејските верски водачи не му поверуваа дека бил слеп и прогледал, па затоа ги повикаа неговите родители, 19 и ги запрашаа: „Ова ли е вашиот син за кого тврдите дека се родил слеп? Како тоа сега гледа?“

20 Неговите родители им одговорија: „Знаеме дека ова е нашиот син, кој се роди слеп. 21 Но, како тоа сега гледа - не знаеме. Ниту, пак, го знаеме Човекот што му ги отворил очите. Прашајте го него, тој е возрасен и самиот може да зборува за себе!“ 22 (Неговите родители постапија вака, затоа што се плашеа од еврејските верски водачи. Причината за нивниот страв беше тоа што еврејските верски водачи се договорија да го исклучат[d] од синагогата секој оној што ќе каже дека Исус е Месијата. 23 Затоа неговите родители рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!“)

24 Така тие по вторпат го повикаа човекот што беше слеп и му рекоа: „Биди искрен пред Бог[e]! Ние знаеме дека Тој човек е грешник!“

25 „Јас не знам дали е Тој грешник“, - им одговори тој - „но, една работа знам: слеп бев, а сега гледам!“

26 На тоа тие му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“

27 „Веќе ви кажав“, - им одговори тој - „но вие не слушате! Зошто повторно сакате да чуете? Да не сакате и вие да станете Негови ученици?“

28 Тие почнаа да го навредуваат, велејќи: „Ти си Негов ученик, а ние сме ученици на Мојсеј! 29 Ние знаеме дека Бог му зборувал на Мојсеј, а не знаеме од каде е Овој Човек!“

30 „Чудно!“ - им одговори човекот - „Вие не знаете од каде е, но Тој ми ги отвори очите! 31 Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку ги слуша оние што имаат страхопочит кон Него и ја вршат Неговата волја. 32 Од почетокот на светот па до денес, не се чуло некој да му ги отвори очите на слепороден човек! 33 Ако Тој Човек не беше од Бога, не ќе можеше ништо да стори.“

34 Тие му возвратија: „До гуша си во гревови! Ти ли нас ќе не учиш!?“ И го исфрлија надвор.

Духовна слепота

35 Исус слушна дека го исфрлиле надвор, па штом го најде, му рече: „Веруваш ли ти во Синот Човечки?“

36 Човекот одговори: „А кој е Тој, Господине, за да верувам во Него?“

37 Исус му рече: „Оној во Кого гледаш, Човекот со Кого разговараш - тоа е Тој!

38 „Верувам, Господе“ - одговори тој, па се спростре ничкум и Му се поклони.

39 Исус рече: „Јас дојдов на овој свет за да го извршам судот: да прогледаат оние што не гледаат, а да станат слепи оние што самоуверено мислат дека гледаат.“

40 Некои од фарисеите што беа со Него Го слушнаа, па Му рекоа: „Зар и нас не сметаш за слепи[f]!?“

41 Исус им рече: „Да бевте слепи, немаше да бидете виновни, но штом тврдите дека гледате - останувате виновни!“

Footnotes:

  1. Јован 9:7 Грчката транслитерација на овој хебрејски збор е Силоам.
  2. Јован 9:14 Сабота е празник за Евреите, кога ништо не смее да се работи; правењето кал или глина се сметало за работа и не било дозволено.
  3. Јован 9:16 Буквално: не ја држи саботата.
  4. Јован 9:22 Буквално: да го исфрлат. Тоа подразбира исклучување од националната вера што практично значело отстранување од национална припадност кон еврејскиот народ. Синагога - еврејска црковна општина. Иако централното место на богослужба за Евреите бил храмот во Ерусалим, во поголемите еврејски населби биле градени синагоги за редовни богослужби и верска поука.
  5. Јован 9:24 Буквално: Прослави Го Бога! Значењето на оваа заповед не е сосема јасно. Предложено значење: Кажи ја вистината! Види Книга на Исус Навин 7:1
  6. Јован 9:40 Фарисеите очекувале негативен одговор од Исус.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes