A A A A A
Bible Book List

Јован 8Macedonian New Testament (MNT)

Односот спрема жената фатена во прељуба

Потоа Исус отиде на Маслиновата Гора. Следното утро, Тој повторно дојде во храмот. Сиот народ доаѓаше кај Него, а Тој, седејќи, ги поучуваше. Вероучителите и фарисеите доведоа една жена што беше фатена во прељуба, па откако ја поставија насреде, Му рекоа: „Учителе, оваа жена е фатена на дело како врши прељуба. Во нашиот Закон Мојсеј заповедал таквите жени да бидат каменувани[a]. Што велиш Ти?“ Тие Му го рекоа ова на Исус за да видат што ќе стори, надевајќи се дека ќе има за што да Го обвинат. Исус се наведна и почна со прстот да пишува по земјата. Но бидејќи тие упорно Го прашуваа, Тој се исправи и им рече: „Тој што меѓу сите вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“ Потоа повторно се наведна и продолжи да пишува по земјата.

Кога обвинителите го слушнаа тоа, еден по еден почнаа да си заминуваат, на чело со старешините, се додека не останаа само Исус и жената, која стоеше на средината. 10 Исус се исправи и ја праша: „Жено, каде се луѓето што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“

11 „Никој, Господине!“ - Му одговори таа. „Тогаш ни Јас не те осудувам; оди си и отсега не греши“ - и рече Исус.

Исус

- Светлина на светот 12 Подоцна, Исус повторно им зборуваше на фарисеите: „Јас сум Светлината на светот! Секој што ќе биде Мој следбеник ќе ја има животодавната Светлина и никогаш нема да талка во темнина!“

13 Тогаш фарисеите Му рекоа: „Еве, сега Самиот сведочиш за Себе! Значи, Твоето сведоштво не е веродостојно!“

14 Исус им одговори: „И да сведочам Сам за Себе, тоа што го кажувам е веродостојно, затоа што Јас знам од каде дојдов и каде заминувам. А вие не знаете ниту од каде доаѓам, ниту каде заминувам. 15 Вие судите според човечки мерила, а Јас никого не судам. 16 А, и ако судам, Мојот суд е справедлив, бидејќи тоа не го правам Сам, туку заедно со Таткото што Ме испрати. 17 Во вашиот Закон стои запишано дека сведоштвото од двајца[b] се смета за веродостојно. 18 Јас сведочам за Себе и Мојот Татко што Ме испрати сведочи за Мене.“

19 Тогаш тие Го прашаа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус им одговори: „Ниту Мене Ме познавате, ниту Мојот Татко Го познавате! Кога би Ме знаеле Мене, би Го знаеле и Мојот Татко!“ 20 Овие зборови Тој ги кажа кај ризницата[c], додека поучуваше во храмот и никој не Го уапси, зашто се уште не беше дошол Неговиот час.

Кој е и што е Исус?

21 Потоа Исус повторно им се обрати и им рече: „Јас си заминувам, а вие ќе Ме барате, но ќе умрете со непростени гревови! Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!“

22 Еврејските верски водачи си велеа: „Да не изврши самоубиство, штом вели: ,Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!‘?“

23 Исус им рече: „Вие му припаѓате на овој свет долу, а Јас доаѓам од горе. Вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет. 24 Затоа ви реков дека ќе умрете со непростени гревови. Ако не поверувате дека Јас Сум Тој што Сум - ќе умрете со непростени гревови!

25 „Кој си Ти?“ - Го прашаа тие. Исус им одговори: „Што ви кажував од почетокот[d]? 26 Имам многу работи за вас да зборувам и за многу нешта да ве судам, но нема да го сторам тоа. Оној што Ме испрати е вистинит и Јас го зборувам само она што сум го чул од Него.“

27 Тие не сфатија дека им зборува за небесниот Татко. 28 Исус продолжи: „Кога ќе Го подигнете[e] Синот Човечки, тогаш ќе дознаете дека Јас Сум Тој што Сум и дека Сам од Себе ништо не правам, туку ги зборувам овие работи онака како што Ме упати Таткото. 29 Тој што Ме испрати е со Мене. Тој не Ме остава Сам, затоа што Јас секогаш постапувам онака како што Тој сака да постапувам.“ 30 Додека го зборуваше ова, многумина поверуваа во Него.

Вистина што ослободува

31 Тогаш Исус им се обрати на Евреите кои поверуваа во Него: „Вие ќе бидете Мои вистински ученици, ако се придржувате до Моето учење. 32 Тогаш ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“

33 Тие Му одговорија: „Ние сме потомци на Авраам и никогаш никому не сме му робувале; што сакаш да кажеш кога велиш дека ќе бидеме слободни!?“

34 Исус им одговори: „Ве уверувам дека секој што греши му робува на гревот. 35 А робот не останува трајно во семејството. Синот е трајно член на семејството. 36 Ако Синот ве ослободи, ќе бидете навистина слободни! 37 Знам дека сте потомци на Авраам, но сакате да Ме убиете, затоа што не сакате да го прифатите Моето учење. 38 Јас го кажувам она што сум го видел кај Таткото. Вие постапувате онака како што ве научил вашиот татко!“

39 „Нашиот татко е Авраам!“ - Му одговорија тие. Исус им рече: „Да бевте Авраамови деца[f], ќе постапувавте онака како што постапуваше Авраам. 40 Но вие сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот што ви ја зборува вистината што ја чул од Бога. Авраам не правеше така! 41 Вие го правите она што го прави и вашиот татко!“ „Ние не сме вонбрачни деца!“ - Му одговорија тие - „Еден Татко имаме, а тоа е Бог!“

42 Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, вие ќе Ме сакавте, зашто Јас дојдов од Бог и сега сум овде. Не дојдов само по Своја одлука, туку Тој Ме испрати. 43 Зошто не разбирате што ви зборувам? - Затоа што не можете да ја поднесете Мојата порака! 44 Вашиот татко е Ѓаволот, и вие со задоволство ги извршувате неговите желби. Тој беше човекоубиец од почетокот и никогаш не бил на страната на вистината, зашто во него нема вистина. Кога лаже, тоа произлегува од неговиот карактер, зашто тој е лажго и татко на лагата. 45 А мене не Ми верувате, зашто Јас ја кажувам вистината. 46 Кој од вас може да Ме обвини за грев? Ако, пак, ја зборувам вистината, тогаш зошто не Ми верувате? 47 Оној што е од Бога, ги слуша Божјите зборови, а вие не сте од Бога и затоа не сакате да слушате.“

Вечното потекло на Исус

48 Еврејските верски водачи Му рекоа на Исуса: „Зар не сме во право кога велиме дека Ти си Самарјанец[g] и дека си обземен од демон!?“

49 Исус им одговори: „Јас немам демон во Себе, зашто Го почитувам Мојот небесен Татко, а вие Ме срамотите. 50 Иако, Јас не барам слава за Себе, Бог бара да Ме почитувате и Тој ќе суди за тоа. 51 Ве уверувам дека тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!“

52 Еврејските верски водачи Му рекоа: „Сега сме уверени дека си обземен од демон! Авраам умре и пророците умреа, а Ти велиш: ,Тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!‘ 53 Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој сепак умре!? А и пророците умреа. Што се замислуваш Ти!?“

54 Исус им одговори: „Ако Јас самиот си придавам чест, Мојата слава е ништожна. Мојот Татко е Тој што Ме прославува - Оној, за Кого вие велите дека е ваш Бог, 55 а никогаш не сте Го познавале. Јас, пак, Го знам. Кога би рекол дека не Го знам, би бил лажливец како вас. Но Јас Го знам и го извршувам тоа што Тој ќе го каже. 56 Вашиот прататко Авраам се радуваше во очекувањето да го види денот на Моето доаѓање; тој го виде и беше пресреќен.“

57 „Како си можел да го видиш Авраам[h], кога немаш ни педесет години!?“ - Му рекоа еврејските верски водачи.

58 Исус им одговори: „Ве уверувам дека уште пред да се роди Авраам, ЈАС СУМ[i]!“ 59 Тогаш тие зедоа камења за да фрлаат по Него, но Исус се скри и го напушти храмот.

Footnotes:

  1. Јован 8:5 Жени ... каменуваат - за фарисеите само жената била виновна, но Законот на Мојсеј ја предвидува истата казна и за мажот што ја извршил прељубата. Види 3 Мојсеева 20:10 и 5 Мојсеева 22:22.
  2. Јован 8:17 Според 5 Мој. 19:15.
  3. Јован 8:20 Се мисли на просторијата во која се носеле парични прилози за храмот.
  4. Јован 8:25 Или: Зошто да ви кажувам?
  5. Јован 8:28 Подигнете: овде Исус зборува за Своето распнување на крст.
  6. Јован 8:39 Авраамови деца: Исус зборува за наследување на духовните особини.
  7. Јован 8:48 Самарјанец: израз на презир; види го написот за Самарјанците кај 4:4-9.
  8. Јован 8:57 Авраам живеел речиси две илјади години пред Исус.
  9. Јован 8:58 Јас сум: Исус се идентификува со Бог, нарекувајќи се Јахве, што значи: Оној што отсекогаш постоел, постои, и ќе постои. Види 2 Мојсеева 3:6, 13-15.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes