A A A A A
Bible Book List

Јован 4Macedonian New Testament (MNT)

Исус и Самарјанката

Штом Исус дозна дека фарисеите слушнале оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јован Крстител, (иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици), Тој ја напушти Јудеја и се врати во Галилеја. Мораше да помине низ Самарија[a]. Така Тој дојде до самарискиот град Сихар, близу до местото кое Јаков му го беше дал на својот син Јосиф[b]. Таму беше бунарот на Јаков. Исус седна крај бунарот, зашто беше уморен од патувањето. Беше околу пладне[c].

Една жена од Самарјанците дојде, за да си нацрпи вода. „Дај ми малку вода да се напијам!“ - и рече Исус. (Неговите ученици беа отидени во градот за да купат храна.)

Тогаш Самарјанката Му рече: „Ти си Евреин, а јас сум Самарјанка; како можеш да бараш вода од мене!?“ (Имено, Евреите не сакаа да општат[d] со Самарјанците.)

10 Исус и одговори: „Кога би знаела што дава Бог, и Кој е Овој што ти бара вода, ти би побарала од Него и Тој би ти дал животодавна вода!“

11 Жената му рече: „Господине, немаш кофа за црпење, а бунарот е длабок. Од каде ќе нацрпиш животодавна[e] вода? 12 Овој бунар ни е од нашиот прататко Јаков, кој од него пиеше, а исто така и неговите синови и нивниот добиток; зар си ти поголем од Јаков!?“

Исус е животодавната вода

13 Исус и одговори: „Секој што пие од оваа вода одново ќе ожедни. 14 А оној што пие од водата што Јас ќе му ја дадам никогаш нема да ожедни. Водата што Јас ќе му ја дадам ќе стане во него извор на животодавна вода и ќе му донесе вечен живот.“

15 „Господине“ - му рече жената - „дај ми ја таа вода за повеќе да не ожеднувам, ниту пак да доаѓам овде да црпам вода!“

16 „Оди, викни го мажот ти, па дојдете овде!“ - и рече Тој.

17 „Немам маж“ - Му одговори таа. Исус и рече: „Во право си кога велиш ,Немам маж‘, 18 зашто пет мажи си имала досега, а и овој што сега го имаш не ти е законски маж! Вистина е тоа што го рече.“

19 Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк! 20 Кажи ми, зошто вие Евреите велите дека Ерусалим е единственото место каде што треба да му се поклонуваме на Бог, додека ние Самарјанците сметаме дека тоа е гората Геризим, каде што се поклонуваа и нашите предци?“

21 Исус и рече: „Верувај ми, жено, дека доаѓа време кога нема да биде важно дали Му се поклонувате на небесниот Татко во Ерусалим или на оваа гора. 22 Вие Самарјанците не Го познавате Оној на Кој Му се поклонувате. А ние Евреите знаеме на Кого Му се поклонуваме, бидејќи спасението[f] доаѓа преку Евреите. 23 Но доаѓа време, и веќе е дојдено, кога вистинските поклоници ќе бидат воведени во вистината од Божјиот Дух и ќе Му се поклонуваат на небесниот Татко онака како што тоа го сака небесниот Татко. 24 Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат мораат да го прават тоа сходно со вистината која им ја открива Божјиот Дух.“

25 Жената му рече: „Знам дека треба да дојде Месијата, Помазаникот[g]. Кога ќе дојде, Тој ќе ни објасни се.“

26 „Тоа Сум Јас - Овој што сега разговара со тебе!“ - и рече Исус.

27 Во тој момент пристигнаа Неговите ученици и се зачудија што Исус разговара со жена, но никој не и рече: „Што сакаш?“, ниту пак некој Му рече на Исус: „Зошто зборуваш со неа?“

28 А жената ја остави својата стомна, отрча во градот и почна да му зборува на народот: 29 „Дојдете да видите еден човек кој ми кажа се што сум направила! Да не е Тој Месијата?“ 30 Луѓето излегоа од градот и тргнаа кон Исус.

31 Во меѓувреме, Исусовите ученици Го нудеа: „Раби, земи јади нешто!“

32 Но Тој им рече: „Јас имам храна за која вие не знаете.“

33 Учениците почнаа да се прашуваат меѓу себе: „Зар некој Му донесол нешто за јадење?“

34 Тогаш Исус им објасни: „Храна за Мене е да ја вршам Божјата волја. Тој ме испрати за да го довршам делото што ми го довери. 35 Зар вие не велите дека уште четири месеци, па ќе дојде времето за жетва!? А Јас ви велам: подигнете го погледот и видете ги полињата - тие се веќе втасани[h] за жетва! 36 Жетварите веќе добиваат плата за својот труд, а плодот што го собираат се луѓето кои преку нив дошле до вечен живот. Така и сејачите и жетварите заедно се радуваат. 37 Зашто поговорката: ‚Еден сее, а друг жнее‘ е вистинита. 38 Јас ве испратив да жнеете таму каде што не сте вложиле труд да сеете. Други вложија голем труд, а вие ќе жнеете врз основа на нивната работа.“

39 Многу Самарјанци од тој град поверуваа во Исус врз основа на сведочењето на жената, која им говореше: „Ми кажа се што сум сторила!“ 40 Затоа, Самарјанците дојдоа кај Исус и Го замолија да остане кај нив, и Тој остана таму два дена. 41 И уште многумина поверуваа слушајќи ги Неговите проповеди, 42 па и велеа на жената: „Сега не веруваме само поради твоите зборови, туку заради тоа што самите Го слушавме Исуса и се уверивме дека Тој навистина е Спасителот на светот!“

Исус го исцелува синот на царскиот службеник

43 А по тие два дни Исус си замина оттаму за Галилеја. 44 Претходно Исус беше изјавил дека пророците ги почитуваат насекаде, освен во нивниот роден крај. 45 Кога дојде во Галилеја, Галилејците Го примија, бидејќи беа виделе се што Тој беше направил за време на празникот Пасха во Ерусалим, зашто и самите беа присутни таму.

46 Тогаш Исус повторно отиде во Галилејска Кана, каде што ја беше претворил водата во вино. Таму имаше еден царски службеник, чиј син лежеше болен во градот Кафарнаум. 47 Штом слушна дека Исус дошол од Јудеја во Галилеја, службеникот отиде кај Него и Го молеше да дојде и да го исцели неговиот син, кој беше на умирање.

48 На тоа, Исус рече: „Никогаш не верувате, доколку не видите натприродни докази и чуда!“

49 „Господине!“ - Му рече царскиот службеник - „Дојди додека не ми умрело детето!“

50 „Оди си, твојот син ќе живее!“ - му рече Исус. Човекот им поверува на зборовите што му ги кажа Исус и си замина. 51 Додека си одеше дома го пречекаа неговите слуги и му кажаа дека детето е живо и дека се чувствува подобро. 52 Тогаш тој ги распраша, кога му станало подобро на детето. „Вчера, во еден[i] часот попладне му помина треската“ - му одговорија тие.

53 Тогаш таткото сфати дека токму во тоа време Исус му рече: „Твојот син ќе живее.“ Така тој и целото негово семејство поверуваа во Исус.

54 Ова беше второто чудо што Исус го направи во Галилеја, по враќањето од Јудеја.

Footnotes:

  1. Јован 4:4 Римска покраина во централна Палестина, населена со Самарјанци, т.е. мелези меѓу Евреи и други народи. Види 1 Мојсеева 33:19 и Исус Навин 24:32. Види го и написот „Етнички и религиозни замки“ во глава 4:9, 19-23.
  2. Јован 4:5 Види 1 Мој. 33:19 и Исус Навин 24:32.
  3. Јован 4:6 Буквално: шестиот час - според тогашниот еврејски начин за мерење на времето.
  4. Јован 4:9 Што значи и да не употребуваат исти садови.
  5. Јован 4:11 Буквално: жива вода. Исто и во стихот 10. Игра на зборови: жива (изворска) вода и вода што дава живот.
  6. Јован 4:22 Се мисли на потеклото на Светото Писмо и на самиот Исус Христос по тело.
  7. Јован 4:25 На грчки: Христос = Помазаник; лице назначено за посебна мисија.
  8. Јован 4:35 Буквално: побелени.
  9. Јован 4:52 Буквално: во седум часот, според еврејскиот начин на мерење на времето.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes