A A A A A
Bible Book List

Јован 12Macedonian New Testament (MNT)

Помазанието на Исус

(Мaтej 26:6-13; Марко 14:3-9) 12 Шест дена пред празникот Пасха, Исус се врати во Бетанија. Тоа беше местото каде што живееше Лазар, кого Исус го оживе од мртвите. Таму Му беше приредена вечера на Исус. Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата заедно со Исус. Тогаш Марија зеде половина литар[a] чист и скапоцен нардов парфем, Му ги полеа стапалата на Исус и Му ги избриша со својата коса. По куќата се рашири пријатниот мирис на парфемот.

Еден од Исусовите ученици, Јуда Искариот, (кој подоцна Го предаде) рече:

„Овој парфем можеше да се продаде за триста денарии[b], а парите да им се разделат на сиромасите!“ Ова не го рече од грижа за сиромасите, туку затоа што беше крадец. Имено, тој беше благајник и си земаше од парите што беа кај него.

„Оставете ја!“ - одговори Исус на тоа. „Парфемот бил чуван за да послужи за Мојот погреб. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, а Мене Ме немате секогаш.“

Завера и против Лазар

Во меѓувреме голем број Евреи дознаа дека Исус е таму, па дојдоа, не само заради Него, туку и да го видат Лазара, кого Тој го оживе од мртвите. 10 Тогаш свештеничките поглавари решија да го убијат и Лазара, 11 бидејќи заради него голем број Евреи ги напуштаа свештениците и почнуваа да веруваат во Исус.

Свеченото влегување во Ерусалим (Цветници)

(Матеј 21:1-11; Марко 11:1-11; Лука 19:28-40) 12 Следниот ден многубројниот народ што беше дошол на празникот разбра дека Исус доаѓа во Ерусалим. 13 Луѓето зедоа палмови гранчиња, па излегоа да Го пречекаат, извикувајќи: „Спаси не сега[c]! Благословен е Тој што доаѓа во името на Господ! Благословен да е Царот[d] на Израел!“

14 Исус најде едно младо магаре и се качи на него, токму како што беше претскажано во Светото Писмо:

15 „Не плаши се, ерусалимски[e] народе! Погледни! Царот твој доаѓа, јавајќи на младо магаре[f]!“

16 Во почетокот Неговите ученици не сфатија дека ова беше исполнување на пророштвото, но кога Исус се прослави[g], тогаш си спомнаа дека ова беше претскажано за Него и дека тие беа учесници и очевидци.

17 А народот што беше со Исус кога Тој го повика Лазара од гробот и го оживе од мртвите продолжуваше да раскажува насекаде за таа случка. 18 Како резултат на тоа, многуброен народ излезе да Го пречека, откако слушна дека Тој го направил ова чудо. 19 Тогаш фарисеите си рекоа: „Гледате дека се е залудно! Целиот народ тргна по Исус!“

20 А меѓу оние што дојдоа на поклонение за време на празникот имаше и некои Грци. 21 Тие му пристапија на Филип, кој беше од Бетцаида во Галилеја, и му рекоа: „Господине, сакаме да се сретнеме со Исус!“ 22 Филип отиде и му кажа на Андреј. Потоа, Андреј и Филип отидоа заедно и Му кажаа на Исус.

23 Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава.

24 Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна. 25 Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази[h] да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот. 26 Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“

Исус ја навестува Својата смрт

27 „Сега душата Ми е длабоко потресена, но што да кажам? Зар да се молам: ,Татко, поштеди Ме од ова што Ме очекува?‘ Па токму за таа цел[i] дојдов на овој свет! 28 Татко, прослави го Своето име!“ Тогаш се чу глас од небото: „Веќе Го прославив и одново ќе го прославам!“ 29 Многубројниот народ што стоеше и го слушна гласот, велеше: „Загрме!“ Други велеа: „Ангел Му проговори!“

30 Исус им одговори: „Овој глас не се јави заради Мене, туку заради вас. 31 Сега е време за суд над овој свет. Владетелот[j] на овој свет сега ќе биде соборен. 32 А кога Јас ќе бидам подигнат над земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“ 33 Исус го рече ова за да објави со каква смрт ќе умре.

34 Народот, пак, Му возврати: „Ние сме слушнале од Светото Писмо[k] дека Месијата ќе остане вечно. Зошто Ти велиш дека Синот Човечки треба да умре и да биде подигнат над земјата? Кој е Тој Син Човечки?“

35 „Светлината ќе биде меѓу вас уште малку време“ - им рече Исус. „Дојдете кај Светлината[l], додека ја имате, за да не ве зафати слепо талкање во темнина. 36 Верувајте во Светлината, додека ја имате меѓу вас, за да станете деца на Светлината.“ Исус го изговори ова, па си замина и се скри од нив.

Неверството на еврејскиот народ

37 Иако Исус направи толку големи чуда пред Евреите, најголемиот дел од нив, сепак не поверуваа во Него, 38 за да се исполни пророштвото изречено од пророкот Исаија: „Господе, кој и поверува на нашата порака? На кого да му се објави спасоносната сила Господова[m]?“

39 Тие не можеа да поверуваат, зашто Исаија го рекол и следното[n]:

40„Бог им ги ослепе очите и

им го закорави умот на овие луѓе,

за да не гледаат со очите,

и да не разберат со умот,

та да се обратат и Јас да ги излекувам.“

41 Исаија го кажа ова затоа што ја виде Христовата слава и зборуваше за Него.

42 Па, иако многумина од старешините поверуваа во Исус, сепак, поради фарисеите криеја, за да не бидат исклучени од синагогата[o]. 43 Тие повеќе сакаа да добијат пофалба од луѓето, отколку од Бог.

Зборовите на Исус ќе им судат

44 Тогаш Исус гласно извика: „Секој што верува во Мене, истовремено верува и во Оној што Ме испрати! 45 Секој што Ме гледа Мене, Го гледа Оној што Ме испрати[p]. 46 Јас дојдов за да бидам светлина на овој свет. Кој верува во Мене, нема да живее во мрак.

47 Јас нема да им судам на оние што ги слушаат Моите зборови, а не ги исполнуваат[q], зашто Јас дојдов да го спасам светот, а не да му судам. 48 За оние што Ме отфрлаат и не ги примаат Моите зборови постои Судија: учењето што го објавив ќе им суди на Судниот Ден[r]. 49 Јас не зборувам од самоволие, туку го кажувам и го објавувам она што ми го кажа Таткото Кој Ме испрати. 50 Јас знам дека Неговите заповеди носат вечен живот[s]. Значи, сето ова што го зборувам Јас е она што Таткото Ми заповеда да го кажам.“

Footnotes:

  1. Јован 12:3 Буквално: литра - римска мера која изнесува 327,45 грама.
  2. Јован 12:5 Еден римски денариус бил еднаков на една дневница.
  3. Јован 12:13 Буквално: Осана (на хебрејски: хоша-на), значи Спаси не!; тогаш познат извик во Божја слава; израз тесно поврзан со доаѓањето на Месијата.
  4. Јован 12:13 Види Псалм 118:25.
  5. Јован 12:15 Во оригиналот: Ќерко Сионова - синоним за жителите на Ерусалим. Името Сион (Цион) потекнува од називот на еден рид во близина на Ерусалим.
  6. Јован 12:15 Види Книга на пророкот Захарија 9:9.
  7. Јован 12:16 Се мисли: по Неговото воскресение и вознесение на небото.
  8. Јован 12:25 Во оригиналот: го мрази својот живот. Ова е хипербола со која Исус сака да нагласи дека вечниот живот треба да го цениме повеќе од овоземниот.
  9. Јован 12:27 Исус зборува за Својата смрт.
  10. Јован 12:31 Се мисли на Сатаната.
  11. Јован 12:34 Буквално: Законот; израз што овде го означува Светото Писмо (Стариот завет).
  12. Јован 12:35 Исус употребува метафора за да ја истакне разликата меѓу животот со вера во Него и животот без вера во Него. Светлината во овој контекст е Самиот Исус.
  13. Јован 12:38 Види Книга на пророкот Исаија 53:1.
  14. Јован 12:39 Види Книга на пророкот Исаија 6:10.
  15. Јован 12:42 Еврејска црковна општина. Иако централното место за богослужба за Евреите бил храмот во Ерусалим, во поголемите еврејски населби биле градени синагоги за редовни богослужби и верска поука.
  16. Јован 12:45 Види во ова Евангелие 10:30.
  17. Јован 12:47 Буквално: не ги држи.
  18. Јован 12:48 Буквално: Во последниот ден
  19. Јован 12:50 Се мисли: исполнувањето на Божјите заповеди донесува вечен живот.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes