1 Тимотеј 2
Macedonian New Testament
Како треба да Му се служи на Бог
2 Како прво, ве поттикнувам да се молите за сите луѓе. Барајте од Бог да им помогне и да ги благослови, а потоа заблагодарувајте Му се за сите нив. 2 Молете се за царевите и за сите што се на власт, за да имаме мирен и тивок живот, исполнет со побожност и достоинство. 3 Ваквите молитви се добри и Бог, нашиот Спасител, ги прифаќа. 4 Тој сака сите да се спасат и да ја сфатат вистината, а тоа е дека 5 постои само еден Бог и постои само Еден што може да посредува меѓу Бог и луѓето: тоа е човекот Исус Христос. 6 Тој го даде Својот живот за да се откупи слобода за секој човек. Бог му ја упати оваа порака на светот во вистинско време.
7 Бог ме одбра да бидам проповедник и апостол на таа Радосна вест. Јас не лажам. Она што ви го зборувам е вистина. Бог ме испрати кај оние што не се Евреи, да ги учам за верата и вистината.
8 Затоа, каде и да се собирате, од мажите барам да креваат чисти[a] раце кон небото и да се молат ослободени од лутина и препирки.
9 Од жените барам да изгледаат скромно. Да се облекуваат едноставно и пристојно. Да не привлекуваат внимание со дотерување на косата, скапи облеки или накит од злато и бисери. 10 Жените што тврдат дека веруваат во Бог треба да привлекуваат внимание со добри дела. 11 Треба да бидат тивки и покорно да примаат поуки. 12 Јас не дозволувам жените да ги учат мажите, или да им заповедаат. Треба да бидат тивки, 13 зашто Бог прво го создаде Адам, а потоа Ева, 14 а и не беше Адам тој што беше измамен, туку жената, која потоа направи грев. 15 Сепак, жените, ако останат верни, ако ја зачуваат љубовта, ако бидат свети и скромни, ќе бидат спасени преку раѓање деца[b].
Footnotes
- 1 Тимотеј 2:8 Буквално: свети.
- 1 Тимотеј 2:15 Некои преведувачи ова го толкуваат и вака: Сепак жените, ако останат ..., кога ќе се пораѓаат, нема да бидат во смртна опасност. Буквално: преку детераѓањето. Можно е да се мисли преку Спасителот, бидејќи Христос се роди како дете, преку жена.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest