Матеј 1 (Macedonian New Testament)

Page Options
Add parallel

Матеј 1

Macedonian New Testament (MNT)

Евангелието според

Матеј

Семејната лоза на Исус, Месијата

(Лука 3:23-38)

Извештај за родословието на Исус, Месијата - потомок на царот Давид, кој, пак, е потомок на Авраам: Од Авраам се роди Исак, од Исак се роди Јаков, од Јаков се родија Јуда и неговите браќа, од Јуда и жена му Тамара се родија Перец и Зера, од Перец се роди Хецрон, од Хецрон се роди Рам, од Рам се роди Аминадав, од Аминадав се роди Нашон, од Нашон се роди Салмон, од Салмон и жена му Рахав се роди Боаз, од Боаз и жена му Рута се роди Овед, од Овед се роди Јишај, од Јишај се роди царот Давид. Од Давид и поранешната жена на Урија се роди Соломон, од Соломон се роди Рехавам, од Рехавам се роди Авија, од Авија се роди Асаф[a], од Асаф се роди Јехошафат, од Јехошафат се роди Јорам, од Јорам се роди Узија, од Узија се роди Јотам, од Јотам се роди Ахаз, од Ахаз се роди Езекија, 10 од Езекија се роди Манаше, од Манаше се роди Амос[b], од Амос се роди Јошијаху, 11 од Јошијаху се родија Јаканјаху и неговите браќа, за време на прогонството во Вавилон.

12 По прогонството во Вавилон, од Јаканјаху се роди Шеалтиел, од Шеалтиел се роди Зерубавел, 13 од Зерубавел се роди Авихуд, од Авихуд се роди Елијаким, од Елијаким се роди Азур, 14 од Азур се роди Цадок, од Цадок се роди Јакин, од Јакин се роди Елихуд, 15 од Елихуд се роди Елазар, од Елазар се роди Матан, од Матан се роди Јаков, 16 од Јаков се роди Јосиф - сопругот на Марија - од којашто се роди Исус, наречен Месијата[c].

17 Тоа се вкупно четиринаесет поколенија од Авраам до Давид, четиринаесет поколенија од Давид до прогонството во Вавилон и четиринаесет поколенија од прогонството во Вавилон до Месијата.

Раѓањето на Исус, Месијата

18 А еве како се случи раѓањето на Исус, Месијата: Неговата мајка Марија беше свршена за Јосиф; но, уште додека таа беше девица, преку Светиот Дух во нејзината утроба се зачна дете. 19 Тогаш нејзиниот свршеник Јосиф, кој беше праведен човек и не сакаше јавно да ја посрами, реши во тајност да ја остави. 20 Но токму кога науми да го стори тоа, насон му се јави ангел Господов и му рече: „Јосифе, чедо Давидово, не плаши се да ја земеш Марија за жена, зашто Детето зачнато во неа е од Светиот Дух. 21 Таа ќе роди Син на кој ќе Му дадеш име Исус[d], зашто Тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови.“

22 А сето ова се случи за да се исполни она што Господ го беше кажал преку пророкот Исаија: 23 „Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син; и ќе го наречат Имануел, што во превод значи ,Бог е со нас.‘“

24 Кога стана од спиење, Јосиф постапи така како што му беше наредил ангелот Господов, и ја зеде Марија за своја жена. 25 Но Јосиф ја запази Марија како девица, се додека таа не роди Син[e], на кој тој Му даде име Исус.

Footnotes:

  1. Матеј 1:7 Во некои ракописи: Аса.
  2. Матеј 1:10 Во некои ракописи: Амон
  3. Матеј 1:16 Името Месија е еврејски еквивалент на грчкиот збор Христос, што значи „Помазаник“, т.е., посебен Божји пратеник. Евангелието според Матеј е пишувано на арамејски (хебрејски) јазик, за разлика од останатите Книги во Новиот завет, кои се пишувани на грчки јазик. Поради тоа, во ова Евангелие, го нема зборот Христос, туку соодветниот арамејски збор Месија (поточно: Машија).
  4. Матеј 1:21 Името Исус (поточно Јешуа) значи Господ спасува.
  5. Матеј 1:25 Во некои ракописи стои: го роди својот првороден син.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

Матеј 1 X