Дела Ап 27
Macedonian New Testament
ПАВЛЕ ОТПЛОВУВА КОН РИМ
27 Кога беше решено да не носат за Италија, Павле и неколку други затвореници, му беа предадени на еден офицер[a] од Августовиот[b] полк по име Јулиус. 2 Се качивме на еден брод, чие матично пристаниште беше Адрамитија. Тој се подготвуваше да плови покрај местата од брегот на Азија што ни беа на пат. Со нас беше и Аристарх, Македонец од Солун.
3 Следниот ден пристигнавме во Сидон. Римскиот офицер Јулиус беше многу љубезен со Павле и му дозволи да отиде кај неговите пријатели, за да го снабдат со се што му е потребно.
4 Откако отпловивме оттаму, скршнавме накај Кипар, зашто ветровите не ни дозволуваа да продолжиме во планираната насока. 5 Поминавме покрај бреговите на покраините Киликија и Памфилија, па дојдовме до местото Мира во покраината Ликија. 6 Таму офицерот најде еден египетски брод од Александрија што требаше да плови за Италија и не префрли на него.
7 Долго време пловевме бавно и тешко и одвај дојдовме до брегот на Книд. Ветрот не ни дозволуваше да впловиме во Книд, па отпловивме на спротивната страна од островот Крит, заобиколувајќи го ’ртот Салмона. 8 Со голема мака го заобиколивме и дојдовме до местото наречено Добри Пристаништа, близу до градот Ласеја.
9 Изгубивме многу време и повеќе не беше безбедно да се плови, зашто веќе беше поминал и Големиот есенски пост[c], па Павле ги советуваше одговорните на бродот: 10 „Луѓе, гледам дека пловидбата тешко ќе оди и ќе има големи опасности, не само за товарот и бродот, туку и за нашите животи.“ 11 Меѓутоа офицерот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот, отколку на она што го рече Павле. 12 Ова пристаниште не беше погодно за презимување, па мнозинството реши да отпловиме оттаму и да се обидеме да допловиме до Феникс, па да презимиме во тоа критско пристаниште, свртено и кон југозапад и кон северозапад.
1) Бура меѓу Крит и Малта
13 Кога дувна тивок јужен ветер, морнарите мислеа дека условите се поволни, па ја дигнаа котвата и запловија крај брегот на Крит. 14 Но по кратко време дувна против нас ветер со ураганска сила, наречен североисточник. 15 Зафатени од ветерот и не можејќи да пловиме наспроти него, кренавме раце и се препуштивме ветерот да не носи. 16 Кога поминавме во завет на едно островче наречено Кавда[d], одвај успеавме да го зачуваме чамецот за спасување, кој беше трескан од брановите. 17 Морнарите го качија горе и го врзаа со јажиња за бродот. Постоеше опасност да заринкаме на песочните наноси кај Сирт, па затоа ја спуштија котвата и го оставија бродот слободно да плови.
18 Следниот ден бурата толку силно не фрлаше наваму-натаму што морнарите почнаа да го исфрлаат товарот в море. 19 На третиот ден ја исфрлија и опремата на бродот, а и се што им дојде под раце. 20 Веќе долго време не се појавуваа ни сонцето, ниту ѕвездите, а бурата продолжуваше да беснее, така што конечно изгубивме секаква надеж дека ќе се спасиме.
21 Луѓето веќе долго време немаа апетит и не јадеа. Тогаш стана Павле и им рече: „Требаше да ме послушате и да не испловите од Крит. Така ќе се поштедевте од овие неволи и загуби. 22 Сега ве советувам да се држите храбро, зашто никој од вас нема да загине. Ќе биде уништен само бродот. 23 Минатата ноќ застана крај мене ангел пратен од Бога, Кому јас Му припаѓам и служам, 24 и ми рече: ,Не плаши се, Павле! Ти сигурно ќе стигнеш до императорот, а заради тебе, Бог ќе им ги поштеди животите и на сите што пловат со тебе.‘ 25 Затоа, луѓе, разведрете се! Јас верувам дека тоа што Бог ми го кажа ќе се оствари. 26 Ќе бидеме исфрлени на некој остров, но бродот ќе биде уништен.“
27 Кога дојде четиринаесеттата ноќ, откако бурата не фрлаше наваму-натаму низ Адријанското[e] Море, некаде околу полноќ, морнарите забележаа дека се приближуваме до некое копно. 28 Ја измерија длабочината и утврдија дека изнесува околу триесет и седум метри[f]. Пловеа уште малку, па пак ја измерија длабочината која сега изнесуваше само дваесет и седум метри[g]. 29 Плашејќи се да не удриме во подводни карпи, тие фрлија четири котви од задниот дел на бродот и со трепет чекаа да осамне. 30 Тогаш морнарите се обидоа да побегнат од бродот. Почнаа да го спуштаат чамецот за спасување, под изговор дека од предницата на бродот ќе спуштаат котви. 31 Но Павле им рече на офицерот и на војниците: „Ако морнарите не останат на бродот, нема ни вие да се спасите!“ 32 Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на кои висеше чамецот за спасување и го пуштија да падне и да отплови.
33 Пред да осамне, Павле ги молеше сите да јадат, велејќи им: „Денес е веќе четиринаесетти ден како гладувате. Ништо не сте ставиле в уста. 34 Ве молам, каснете нешто. Тоа ќе ви помогне да се спасите. На никого од вас ниту влакно од главата нема да му недостасува.“ 35 Кога им го рече ова, самиот зеде леб, Му заблагодари на Бог пред сите, и почна да крши од лебот и да јаде. 36 Тогаш сите луѓе се охрабрија и почнаа да јадат. 37 На бродот имаше двесте седумдесет и шест души. 38 Откако се најадоа, го исфрлија житото в море, за да го олеснат бродот.
2) Бродолом со среќен крај
39 Кога се раздени, морнарите видоа копно, но не можеа да препознаат за која земја се работи. Забележаа залив со достапен брег и решија да се обидат со бродот да пријдат кон брегот. 40 Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето. Ги разлабавија јажињата на кормилата, го кренаа предното платно спроти ветрот и се упатија накај брегот. 41 Но бродот удри во гребен меѓу две морски струи и предницата на бродот заринка, па не можеше да се помрдне, а задниот дел почна да напукува од ударите на брановите.
42 Војниците имаа намера да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне, 43 но офицерот ги спречи, сакајќи да го поштеди Павле. Тој нареди оние што знаат да пливаат први да скокнат од бродот и да пливаат накај копното, 44 а другите да се спасуваат на штици и на други остатоци од бродот. Така сите се спасија и стигнаа на копното.
Footnotes
- Дела Ап 27:1 Букв. стотник, офицер што раководи со сто војници.
- Дела Ап 27:1 Војници што биле под непосредна команда на императорот.
- Дела Ап 27:9 Јом Кипур. Се слави при крајот на септември или во октомври.
- Дела Ап 27:16 Во некои ракописи: Клавда.
- Дела Ап 27:27 Или: морето Адрија, кое се протегало во централниот Медитеран. Не треба да се меша со Јадранското Море.
- Дела Ап 27:28 На грчки: 20 оргуи.
- Дела Ап 27:28 На грчки: 15 оргуи.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest