Add parallel Print Page Options

Обѕир спрема послабите христијани

14 Прифатете ги оние христијани кои имаат послаба вера, без да ги осудувате за тоа што по одредени прашања имаат поинакво мислење од вас. На пример, некој верува дека смее да јаде се. Друг, пак, затоа што има послаба вера, смета дека смее да јаде само растителна храна. Оној што јаде се не треба да го презира оној што не јаде се и обратно. Бог ги прифаќа и едните и другите. Со кое право осудуваш туѓ слуга!? Единствено неговиот Господар има право да го прифати или да го отфрли. Не грижете се, Господ ќе ги зачува од сериозни грешки. Тој е способен да ги одржи на здрави нозе.

Исто така некои христијани сметаат дека некој ден во неделата е поважен од другите, а други ги сметаат сите денови за еднакви. Секој нека си остане на своето уверување. Оние што на одреден ден му даваат поголемо значење од другите денови во неделата, го прават тоа од почит спрема Господ. Исто така и оние што јадат секаков вид храна, го прават тоа од почит спрема Господ, бидејќи пред да почнат да јадат, Му се заблагодаруваат на Бог. Но и оние што прават разлика меѓу храна што смее да се јаде и храна што не смее да се јаде, го прават тоа од почит спрема Господ и на тој начин сакаат да Му искажат благодарност. Никој од нас христијаните не живее за себе и не умира за себе. Додека сме живи, живееме за Господ. Кога умираме, умираме за да Му се придружиме на Господ. Живи или мртви, ние Му припаѓаме на Господ. Всушност, токму заради ова Христос умре и воскресна, за да им биде Господ и на живите и на мртвите.

10 Тогаш, зошто ги критикувате другите христијани? Зошто дури и ги презирате? Не заборавајте дека секој од нас ќе застане пред Божјиот судски престол! 11 Во Светото Писмо, Господ вели:

„Во Себе се колнам, бидејќи Сум вечно жив,

дека секое колено пред Мене ќе клекне,

секој јазик на Бог ќе Му се исповеда[a]!“

12 Значи, секој од нас, лично за себе ќе полага сметка пред Бог.

Слобода, но и одговорен однос

13 Затоа, да престанеме да се осудуваме едни со други! Да се трудиме да не им поставуваме сопки и стапици на другите христијани.

14 Знаејќи го учењето на Господ Исус, јас сум убеден дека нема забранета храна поради верски причини. Меѓутоа, ако некој смета дека не треба да јаде извесен вид храна, тој од неа се гнаси. 15 Затоа, ако со храната што ти ја јадеш ги повредуваш чувствата на некои христијани, ти не постапуваш со љубов. Христос умре за нив. Немој поради храна да уништиш некоја душа за која Христос умре! 16 Не дозволувај предноста што ја имаш да предизвика напаѓање на христијанството!

17 Зашто, жителството во Божјото царство не е условено од она што човек го јаде и пие, туку од тоа дали живее праведен живот и дали ги има мирот и радоста што ги дава Светиот Дух. 18 Ако Му служите на Христос со таков дух, ќе му бидете по волја на Бог, а и луѓето ќе ве почитуваат. 19 Затоа, да се стремиме кон она што внесува мир меѓу христијаните и заемно не изградува.

20 Немојте заради храна да го рушите Божјото дело! Навистина, се смее да се јаде, но лошо е ако со она што го јадете предизвикувате некој да се соблазни. 21 Најдобро е да не јадете месо, да не пиете вино и да не правите ништо што може да предизвика некој од христијаните да се соблазни. 22 Тоа што го верувате во врска со овие нешта, нека остане меѓу вас и Бог. Среќен е оној што не се чувствува виновен кога прави нешто што го смета за правилно. 23 Но ако некој се колеба дали нешто смее да јаде, или не, а сепак го јаде, тој самиот себе се осудува, бидејќи не постапува со цврста увереност. Се што правите спротивно од вашето цврсто уверување е грев.

Footnotes

  1. Римјаните 14:11 Иса. 45:23.