Add parallel Print Page Options

Проповедањето на Јован Крстител

(Матеј 3:1-12; Марко 1:1-8; Јован 1:19-28) Беше петнаесеттата година од владеењето на римскиот император Тибериј; Понтиј Пилат беше гувернер над Јудеја, Ирод Антипа управуваше над Галилеја, а неговиот брат Филип - над покраините Итуреја и Трахонитис. Лисанија беше управник над Абилена, додека Анан и Кајафа беа врховни свештеници[a]. Во тоа време Бог го повика Јован, синот на Захарија, кој живееше во пустината. Тогаш Јован го обиколи целиот предел крај реката Јордан, проповедајќи:

„Покајте се и крстете се, за да ви се простат гревовите!“ На Јован Крстител се однесува пророштвото запишано во Книгата на пророкот Исаија:

„Глас одекнува низ пустината, кој вели:

Пригответе пат за доаѓањето на Господ,

исправете го патот за Него!

Секоја вдлабнатина да се исполни,

секој врв и угорнина да се зарамнат;

кривите патеки да се исправат,

а нерамнините да се порамнат.

Тогаш секој човек ќе го види спасението

што ни го испраќа Бог[b]!“

Многу луѓе доаѓаа да се крстат кај Јован, а тој им велеше[c]: „Змиски рожби! Кој ве предупреди, та бегате од гневот што доаѓа!? Докажете[d] на дело дека навистина се каете! Не залажувајте се со тоа што сте потомци на Авраам, зашто, ви велам, Бог може и од овие камења да подигне Авраамови потомци! Божјата секира е веќе замавната и в корен ќе го пресече и в оган ќе го фрли секое дрво што не раѓа добар плод!“

10 Тогаш луѓето го прашуваа: „Што треба да правиме?“ 11 А Јован им одговори: „Кој има две кошули, нека му даде една на оној што нема ниту една; и кој има храна, нека ја подели со другите.“

12 Дојдоа да се крстат и некои од собирачите на данок, прашувајќи: „Учителе, што треба ние да правиме?“ 13 А тој им одговори: „Не земајте повеќе од она што е определено!“

14 Имаше и војници, кои го прашаа: „А што треба ние да правиме?“ Тој им одговори: „Не вршете насилства, не пријавувајте лажно никого и бидете задоволни со својата плата!“

Јован Крстител Го најавува Месијата

15 Бидејќи народот беше во исчекување да се појави Божјиот Месија, се прашуваше да не е можеби Јован Месијата? 16 Затоа, Јован им се обрати на сите: „Јас ве крштавам во вода, а по мене иде поголем од мене, толку голем што јас не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам[e]. Тој ќе ве крсти огнено, во Светиот Дух. 17 Тој ја има лопатата в раце и ќе го исчисти Своето гумно: житото ќе го собере во житните складови, а плевелот ќе го гори во оган што не гасне.“

18 Вака, и на многу други начини, Јован им ја проповедаше Радосната вест на луѓето и ги поттикнуваше да се поправат. 19 Јован јавно го прекоруваше и гувернерот Ирод, зашто тој беше ја зел Иродијада, жената на својот брат, а правеше и други злосторства, 20 додавајќи кон нив уште едно со тоа што го фрли Јована в затвор.

Крштавањето на Исус

(Матеј 3:13-17; Марко 1:9-11) 21 Еден ден, по крштавањето на сиот народ, се крсти и Исус. И додека Тој се молеше, се отвори небото, 22 и Светиот Дух слезе во телесен облик, како гулаб. Се чу и глас од небото, кој рече: „Ти Си Мојот Син - Мојот Љубимец, со Кого наполно Сум задоволен!“

Родословјето на Исус

(Матеј 1:1-17) 23 Исус имаше околу триесет години кога го започна Своето јавно дејствување. Според мислењето на луѓето, Исус беше син на Јосиф, кој, пак, беше син Хелиев, 24 потомок Мататов, Левиев, Малкиев, Јанаев, Јосифов, 25 Матитиев, Амоцов, Наумов, Хеслиев, Нагаев, 26 Маатов, Мататиев, Шимиев, Јосеков, Јодаев, 27 Јохананов, Реишинов, Зерубавелов, Шалтиелов, Нериев, 28 Малкиев, Адиев, Косамов, Елмаданов, Еров, 29 Јешуов, Елиезеров, Јорамов, Мататов, Левиев, 30 Шимонов, Јудин, Јосифов, Јонамов, Елијакимов, 31 Малахов, Манахов, Мататаов, Натанов, Давидов, 32 Јишајев, Оведов, Боазов, Салмонов, Нахшонов, 33 Аминадавов, Админов, Арниев, Хецронов, Перецов, Јудин, 34 Јаковов, Исаков, Авраамов, Тераов, Нахоров, 35 Серугов, Реуов, Пелегов, Еверов, Шелахов, 36 Кеинанов, Арпахшадов, Шемов, Ноев, Лемеков, 37 Метушелахов, Енохов, Јередов, Махалалелов, Кеинанов, 38 Еношов, Шетов, Адамов, Божји.

Footnotes

  1. Лука 3:2 Врховни свештеници или првосвештеници. На хебрејски: коханим г’долим.
  2. Лука 3:6 Иса. 40:3-5.
  3. Лука 3:7 Вака ги укорувал само фарисеите и садукеите. Види Матеј 3:7.
  4. Лука 3:8 Буквално: Родете род достоен за покајание!
  5. Лука 3:16 Преносно значење: не сум достоен ни слуга да му бидам.