1 Коринќаните 13
Macedonian New Testament
Славопој за љубовта
13 И да умеам да зборувам на сите можни јазици,
човечки и ангелски,
а немам љубов,
јас би бил како гонг што одѕвонува,
како цимбал што ѕвечи.
2 И да имам дарба да пророкувам,
да ги знам сите тајни,
да го имам собрано целото знаење,
да имам вера што може планини да преместува,
а немам љубов -
не вредам ништо!
3 И да раздадам на сиромаси се што имам,
па и сопственото тело да си го жртвувам[a],
а немам љубов -
ништо не сум постигнал!
4 Да имаш љубов, значи:
да имаш голема стрпливост и
да бидеш љубезен.
Да не си завидлив,
да не се фалиш, да не се вообразуваш.
5 Да не бидеш груб, да не бидеш себичен,
да не бидеш избувлив, да не паметиш зло.
6 Да не се радуваш на ниедна неправда,
а да се радуваш на вистината.
7 Секогаш да имаш разбирање за другите,
секогаш да веруваш,
секогаш да се надеваш и се да поднесуваш.
8 Љубовта е вечна,
а пророкувањата ќе престанат,
зборувањето на непознати јазици ќе молкне,
сегашното знаење ќе се надмине.
9 Зашто, нашето знаење е нецелосно,
па и пророштвата само малку ни откриваат;
10 а кога ќе дојде времето на совршенството,
се што е нецелосно ќе исчезне.
11 Кога бев дете, зборував како дете,
размислував како дете и расудував како дете.
Кога станав зрел човек,
престанав да се однесувам како дете.
12 Ние сега гледаме нејасно,
како во замаглено огледало,
а тогаш ќе бидеме лице в лице со Бог,
и се ќе ни стане јасно.
Се што знам сега е нецелосно,
а тогаш се ќе знам совршено,
како што мене Бог совршено ме познава.
13 Има три работи што ќе опстојат:
верата, надежта и љубовта;
а од сите нив, најголема е љубовта.
Footnotes
- 1 Коринќаните 13:3 Во некои ракописи: да го предадам на оган, да го жртвувам за да можам со тоа да се фалам.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest