Add parallel Print Page Options

Второ писмо од апостол Павле до

Тимотеј

Авторство и поздрави

Од Павле, апостол на Исус Христос, кој по Божја волја проповеда за животот што Бог го вети преку вера во Исус Христос.

До Тимотеј, кој ми е како вистински син.

Ти посакувам Бог, Кој е наш Татко, и Исус Христос, Кој е наш Господ, да ти бидат благонаклонети, да покажат милост спрема тебе и да ти дадат мир.

Поттик на верност

Благодарен сум Му на Бог за тебе. Нему Му служам со чиста совест, онака како што Му служеле и моите предци. Постојано те спомнувам во моите молитви и деноноќно Му се молам на Бог за тебе. Се сеќавам како пророни солзи при нашата разделба и копнеам пак да те видам, за повторно да се исполнам со радост.

Знам дека имаш искрена вера. Така поверува прво баба ти Лоида, потоа мајка ти Евника, а убеден сум дека и ти веруваш во Господ исто толку искрено. Затоа те потсетувам да го разгоруваш во себе Божјиот дар што го доби кога положив раце врз тебе. Божјиот Дух не создаде од нас плашливци. Напротив, ни даде сила, љубов и самодисциплина.

Затоа, немој да се срамиш да им зборуваш на луѓето за нашиот Господ. Немој да се срамиш ни од мене, сега кога сум в затвор поради тоа што проповедам за Господ. Искористи ја силата што ти ја дава Бог и придружи ми се во ширењето на Радосната вест, дури и ако треба заради тоа да поминеш низ страдања.

Бог не спаси и не одбра да живееме свет живот, не поради тоа што ние со нашите постапки тоа го заслужуваме, туку затоа што тоа беше Негов план уште пред почетокот на времето - да ни ја искаже Својата благонаклоност преку Исус Христос. 10 Сега, со доаѓањето на нашиот Спасител Исус Христос, тоа ни стана јасно. Од една страна, Тој ја порази смртта, а од друга страна, преку Радосната вест, ни го покажа патот кон вечниот живот.

11 Бог ме постави за проповедник, апостол и учител[a] на Радосната вест. 12 Тоа е причината поради која сега страдам в затвор. Но не се срамам! Јас знам во Кого верувам и убеден сум дека Тој ќе ми го запази она што сум Му го доверил[b], се до Оној Ден[c]. 13 Придржувај се до здравото учење што го доби од мене, а верноста и љубовта на Исус Христос нека ти бидат пример. 14 Со помош на Светиот Дух, Кој живее во нас, чувај го она што Бог ти го довери.

15 Ти знаеш дека сите христијани што дојдоа овде од Азија[d], вклучувајќи ги Фигел и Ермоген, ме напуштија. 16 Господ нека го благослови домот на Онисифор. Тој често ме посетува и не се срами поради тоа што сум в затвор. 17 Веднаш штом стигнал во Рим упорно ме барал додека не ме најде. 18 Господ нека му биде посебно благонаклонет во Оној Ден[e]. Вие добро знаете колку многу тој ми помагаше додека бев во Ефес.

Footnotes

  1. 2 Тимотеј 1:11 Некои ракописи додаваат: учител за неевреите.
  2. 2 Тимотеј 1:12 Преносно: ќе ја оправда мојата доверба.
  3. 2 Тимотеј 1:12 и 18. Денот кога Христос повторно ќе се врати, или денот кога писателот ќе замине кај Господ.
  4. 2 Тимотеј 1:15 Се мисли на западниот и југозападниот дел од Мала Азија.
  5. 2 Тимотеј 1:18 Видете ја белешката за стих 12.