A A A A A
Bible Book List

2 Коринќаните 6Macedonian New Testament (MNT)

Ние, во улога на Божји соработници, ве молиме да не ја пропуштите Божјата милосрдна благонаклоност спрема вас, зашто Бог вели:

„Повикај Ме во вистинскиот час

и Јас ќе ти ја услишам молитвата;

побарај Ме во денот кога ти нудам спасение

и Јас ќе ти помогнам![a]

Сега е вистинскиот час! Денес е денот кога Бог ти нуди спасение!

Тешкотиите со кои се соочувал Павле

Не даваме повод нашето поведение некого да поколеба да поверува во Господ, затоа се трудиме нашата работа да биде беспрекорна. Во се се однесуваме како Божји службеници, стрпливо поднесувајќи ги сите напади, страдања и тешкотии. Не тепаат, не ставаат в затвор, креваат бунтови против нас, а ние работиме, минуваме бессони ноќи и гладуваме[b]. Се докажуваме преку нашата чистота, знаење, стрпливост, љубезност, преку силата на Светиот Дух и преку нашата искрена љубов. Верно ја проповедаме вистината. Божјата сила работи во нас. Праведноста е нашето оружје и за напад и за одбрана[c].

Му служиме на Бог без разлика дали луѓето не почитуваат, или не презираат, дали имаат добро или лошо мислење за нас. Ние сме чесни, но тие не нарекуваат измамници. Сите знаат за нас, а се однесуваат спрема нас како да не не познаваат. Соочени со смртни закани, а сепак, ете, живи сме. Казнувани сме, но не сме убиени. 10 Се обидуваат да не растажат, но ние сепак сме радосни. Сиромашни сме, но на многумина им дадовме духовно богатство. Немаме ништо, а сепак поседуваме се.

11 Драги наши пријатели во Коринт, ние искрено ви проговоривме, широко ги отворивме нашите срца. 12 Не сме ние затворени спрема вас, туку вие сте затворени спрема нас. 13 Како на свои деца ви велам: отворете ги и вие вашите срца спрема нас!

Пазете се од штетни компромиси

14 Немојте да се здружувате[d] со неверници! Како може праведен и неправеден да работат заедно? Како може светлината и темнината да живеат заедно? 15 Може ли да има слога меѓу Христос и Ѓаволот[e]? Каква заедница може да има еден христијанин со безверник? 16 Треба ли во Божјиот храм да ставате и идоли? Ние сме храмови на Живиот Бог. Како што Самиот Тој вели за Своите следбеници:

„Ќе живеам во нив,

ќе се движам меѓу нив;

Јас ќе бидам нивни Бог,

а тие Мој народ[f].“

17 „,Затоа, напуштете ги оние што не Му припаѓаат на Бог,

одвојте се од нив,‘ - вели Господ.

,Не мешајте се со она што е нечисто

и Јас ќе ве прифатам[g].‘“

18 „,Ќе ви бидам Татко,

а вие ќе бидете

Мои синови и ќерки,‘

- вели Семоќниот Господ[h].“

Footnotes:

  1. 2 Коринќаните 6:2 Цитат од Исаија 49:8.
  2. 2 Коринќаните 6:5 Или: постиме.
  3. 2 Коринќаните 6:7 Побуквално:...оружје и во десната и во левата рака.
  4. 2 Коринќаните 6:14 Буквално: ...да не се впрегнувате во ист јарем...
  5. 2 Коринќаните 6:15 Буквално: Белиал, хебрејски израз за Ѓаволот. Значење: Безвреден.
  6. 2 Коринќаните 6:16 Цитат од 3 Мојсеева 26:12.
  7. 2 Коринќаните 6:17 Цитат од Исаија 52:11, Езекиел 20:34.
  8. 2 Коринќаните 6:18 Цитат од 2 Царства 7:14.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes