Add parallel Print Page Options

ЗА ДУХОВНИТЕ ДАРБИ (ДАРОВИ)

12 А сега, драги пријатели христијани, сакам да ви напишам нешто и за духовните дарби, односно за даровите што Светиот Дух му ги дава на секој од нас, за да немате погрешна претстава по ова прашање. Знаете дека кога бевте пагани вие бевте заведени и влечени кон обожавање на неми идоли. Затоа сакам да ви кажам како да разликувате дали нешто е навистина од Бог: како што ниеден човек кој е воден од Божјиот Дух не може да Го колне Исуса, така и никој не може да исповеда дека Исус е Господ, доколку не е воден од Светиот Дух.

Постојат разни духовни дарби, но сите нив ги дава истиот Дух. Постојат различни начини на кои секој од нас помага во Црквата, но сите ние работиме за истиот Господ. Постојат различни начини на кои Бог дејствува во нашите животи, но преку сите нас работи истиот Бог. Преку секој од нас, Светиот Дух дејствува за општа полза на сите.

На некои луѓе Светиот Дух им дал дарба мудро да зборуваат, на други им дал особено знаење. Истиот Дух на едни луѓе им дава посебна вера, а на други - дарба да исцелуваат. 10 На некои луѓе им дава моќ да прават чуда, на други да пророкуваат; на некои луѓе им дава способност да распознаваат дали духот што зборува навистина е од Бог или не, на други да зборуваат на различни јазици, а на трети, пак, да преведуваат од различни јазици. 11 Сите овие нешта ги прави единствениот и истиот Свет Дух, Кој ги распоредува даровите онака како што лично Тој ќе реши.

Споредба со органите во телото

12 Како што едно живо тело е составено од многу органи и сите тие многубројни органи сочинуваат едно исто тело, така е и со Црквата, која е Христово тело. 13 Нас не има Евреи и припадници на други народи[a], некои од нас се робови, а некои слободни. Сепак Божјиот Дух сите нас не крсти и од нас направи едно тело. Секој од нас го прими истиот Дух[b].

14 Телото не е составено само од еден орган, туку од повеќе органи. 15 Ако ногата рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум рака!“ Дали тоа што е нога, а не рака, е причина да не се смета за дел од телото? 16 Или ако увото рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум око!“ Дали тоа што е уво, а не око, е причина да не се смета за дел од телото? 17 Ако целото тело беше само око, како ќе слушавме? Ако целото тело беше само уво, како ќе чувствувавме мириси?

18 Но Бог го создаде нашето тело со многу органи и ги постави онаму каде што сметал дека им е местото. 19 Ако има само еден орган, тоа нема да претставува тело! 20 Телото е едно, но се состои од многу органи. 21 Окото не може да и каже на раката: „Не си ми потребна!“, ниту главата може да им каже на нозете: „Не сте ми потребни!“

22 Напротив, органите што ни изгледаат послаби се многу понеопходни, 23 а на оние што ги сметаме за понеугледни им посветуваме поголемо внимание! Значи, поголемо внимание им посветуваме на нашите понеугледни органи, 24 зашто угледните органи немаат потреба од тоа. Бог така го составил телото, што им дал поголема чест на органите кои ние не ги истакнуваме. 25 Така во самото тело нема неединство, туку органите еднакво се грижат еден за друг. 26 Кога еден орган страда, со него страдаат сите органи. Кога на еден орган му се оддаде признание, со него се радуваат сите органи.

27 Сите заедно, вие сте Христово тело, а секој поединец е посебен орган во тоа тело. 28 Во Христовото тело, односно во Црквата, Бог поставил:

прво апостоли,

второ пророци,

трето учители,

по нив се оние што прават чуда,

па оние што имаат дарба да исцелуваат,

па оние што им помагаат на другите,

па оние што умеат да управуваат

и оние што зборуваат разни јазици.

29 Зар треба сите да бидат апостоли? Треба ли сите да бидат пророци? Зар треба сите да бидат учители? Може ли сите да прават чуда? 30 Може ли сите да имаат дарба да исцелуваат? Треба ли сите да зборуваат на разни јазици? Може ли секој да преведува од друг јазик? Се разбира, не! 31 Стремете се кон поголеми дарби!

А јас ќе ви покажам што е неспоредливо подобро од која и да е дарба!

Footnotes

  1. 1 Коринќаните 12:13 Буквално: Грци, односно Елини, што е поширока категорија на народи.
  2. 1 Коринќаните 12:13 Буквално: Сите сме напоени од еден ист Дух.