A A A A A
Bible Book List

1 Петар 2Macedonian New Testament (MNT)

Затоа ослободете се од се што е злобно, немојте да лажете и да лицемерите, немојте да завидувате и да клеветите. Бидете како новороденчиња, секогаш жедни за чисто духовно млеко, преку кое ќе растете до полнота во вашето спасение, сега кога лично се уверивте дека Господ е добар.

Скапоцен темел и света градба

Дојдете кај Исус Христос. Тој е Живиот Камен, Кој, навистина од луѓето беше отфрлен, но Бог го одбра и за Него е скапоцен. Сега и вие како живи камења сте вградени во еден духовен дом, за да бидете свето свештенство, да принесувате духовни жртви прифатливи за Бог, заради Исус Христос. За ова во Светото Писмо Бог вели:

„Еве, ќе поставам во Ерусалим[a] Камен-темелник,

одбран и скапоцен;

кој ќе поверува во Него,

никогаш нема да се разочара[b].“

Да, за вас што верувате:

„Тој Камен што ѕидарите го отфрлија,

стана Камен-темелник[c],“ скапоцен Камен. А за оние што Го отфрлија, истиот тој Камен е:

„Камен од кој ќе се сопнуваат,

Карпа преку која ќе паѓаат[d].“

Тие се сопнуваат затоа што не ја слушаат и не ја веруваат Божјата порака. Затоа таква судбина им е определена.

Но вие сте одбрани луѓе, царско свештенство, свет народ, луѓе што Му припаѓаат на Бог. Вие сте избрани за да им ја покажете на луѓето Божјата добрина, зашто Тој ве изведе од темнината и ве воведе во Својата прекрасна светлина.

10 „Вие што порано не бевте сметани за народ,

сега сте Божји народ;

вие над кои немаше кој да се сожали,

сега добивте милост од Бога[e].“

Живејте примерно

11 Драги мои, вие сте привремени жители, туѓинци на оваа Земја. Затоа ве молам да не им се препуштате на телесните страсти, зашто тие војуваат против вашите души. 12 Однесувајте се примерно спрема луѓето кои не Го познаваат Бога. Иако тие ве клеветат дека сте злосторници, кога ќе видат дека вршите добри дела, ќе Го прослават[f] Бога во денот кога Тој ќе ги посети[g].

13 Заради Господ, покорувајте им се на институциите на власта: било на царот, како на врховен владетел, 14 било на управниците назначени од него. Тие се поставени за да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние што прават добро.

15 Бог сака со правење добро да ги замолкнете неоснованите обвинувања на неразумните луѓе. 16 Вие не сте робови, туку слободни луѓе, но не треба да ја користите слободата како изговор за да правите зло, туку да живеете служејќи Му на Бог. 17 Почитувајте ги сите луѓе. Сакајте ги христијаните, имајте страхопочит спрема Бог и почитувајте ја власта[h].

Христос и Неговото страдање нека ви бидат пример

18 Слуги[i], покорувајте им се со страхопочит на вашите господари, не само на оние што се добри и кротки, туку и на оние што се сурови. 19 Вредно е во Божјите очи ако од обѕири спрема Него трпеливо поднесувате страдања на кои сте неправедно изложени. 20 Инаку, зар би било за пофалба, ако трпите заслужена казна!? Но ако правите добро, а сепак страдате, тоа е вредно во Божјите очи. 21 Токму заради ова Бог и ве одбра. Христос страдаше за вас и ви даде пример што треба да го следите.

22 „Грев Тој не направи, лага не изусти[j].“

23 Кога Го навредуваа, Тој не им возвраќаше со навреди.

Кога страдаше, Тој не се закануваше,

туку се препушти во рацете на Бог, Кој суди праведно.

24 Ги зеде нашите гревови врз себе, на крстот,

за да бидеме мртви за гревот,

и да почнеме да живееме за праведноста.

Тој доби рани за да бидете вие здрави.

25 Талкавте како залутани овци.

Но сега се вративте кај Пастирот,

кај Оној што се грижи за вашите души.

Footnotes:

  1. 1 Петар 2:6 Во грчкиот текст стои Сион (поточно е Цион), што е синоним за Ерусалим, според името на ридот во градот.
  2. 1 Петар 2:6 Иса. 28:16.
  3. 1 Петар 2:7 Пс. 118:22. Всушност, се работи за каменот што се ставал на врвот од арката или полутопчестиот свод и на кој се потпирала целата градба. Затоа буквално е наречен аголен камен или потпорен камен.
  4. 1 Петар 2:8 Иса. 8:14.
  5. 1 Петар 2:10 Осија 1:6, 9; 2:23.
  6. 1 Петар 2:12 Преносно: ќе поверуваат.
  7. 1 Петар 2:12 Буквално: во денот на посетата.
  8. 1 Петар 2:17 Буквално: царот.
  9. 1 Петар 2:18 Зборот употребен во оригиналот се однесува само на една повластена категорија на слуги што служеле во домовите на своите господари.
  10. 1 Петар 2:22 Исаија 53:9.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes