A A A A A
Bible Book List

1 Коринќаните 14Macedonian New Testament (MNT)

Дарбата за зборување туѓи јазици

и дарбата за пророкување

14 Љубовта нека ви биде највозвишената цел! Бидете желни и за духовни дарби, а посебно за дарба да пророкувате[a]. Зашто, кога некој зборува на непознати јазици, Бог ќе го разбере, но не и луѓето. Тоа што го зборува воден од Светиот Дух, ќе остане тајна за луѓето. А оној што пророкува, им зборува на луѓето за да ги поучи, да ги опомене и да ги утеши. Оној што зборува на непознати јазици, самиот себе се надградува, а оној што пророкува ги надградува сите што се во црквата.

Би сакал сите вие да имате дарба да зборувате на непознати јазици, но повеќе би сакал да умеете да пророкувате. Оној што пророкува извршува поважна служба од оној што зборува на јазици, освен ако има и превод, па луѓето во црквата да можат да се поучат.

Драги мои, ако дојдам кај вас и ви зборувам на непознати јазици, каква полза ќе имате, ако не ви откријам што значи тоа? Каква полза ќе имате ако не ви кажам нешто што не го знаете, ако не ви пророкувам и не ве поучам? Дури и музичките инструменти, како, на пример, флејта или харфа, иако не се живи суштества, треба да испуштаат јасни тонови, инаку како ќе ја распознаваме мелодијата? Ако трубата не дава препознатлив звук, како ќе знаат војниците дека треба да се подготват за борба? Така и вие, ако не ја пренесете пораката со разбирливи зборови, како ќе се знае што сте рекле? Зборувањето ќе ви биде во ветер!

10 На светот постојат многу јазици и сите си имаат смисла за оние што ги разбираат. 11 Но ако јас не го знам јазикот, ниту јас ќе можам да го разберам човекот што ми зборува на тој јазик, ниту тој ќе може да ме разбере мене. 12 Затоа, кога сте веќе толку желни за духовни дарби, барајте такви дарби што ќе бидат најполезни за Црквата.

13 Оној што има дарба да зборува на туѓ јазик треба да се моли и за способност да им го преведе на слушателите. 14 Зашто, ако се молам на јазик што не го разбирам, мојот дух се моли, но мојот разум нема никаква полза од тоа.

15 Значи, што треба да правам? Да се молам со мојот дух, но да биде вклучен и мојот разум! Да пеам со мојот дух, но да биде вклучен и мојот разум. 16 Во спротивно, ако се молите само во својот дух, како може оној што не ве разбира да каже „Амин[b]“ на вашите искажани благодарности, кога не разбира што сте рекле? 17 Вие можеби сте Му се заблагодариле на Бог на прекрасен начин, но во тоа нема поука за другите.

18 Благодарен сум Му на Бог што јас зборувам повеќе јазици од сите вас, 19 сепак во црквата претпочитам да кажам пет збора што сите ќе ги разберат и од нив ќе се поучат, отколку десет илјади зборови на јазик што никој не го разбира.

20 Драги пријатели христијани, немојте да се однесувате како да сте со детски ум! Во однос на злото, треба да бидете наивни како деца, но во расудувањето бидете со зрели умови. 21 Во Светото Писмо[c] е напишано:

„Ќе му се обратам на овој народ на разни јазици,

преку луѓе кои ќе им говорат на разни јазици,

но ни тогаш нема да Ме послушаат“ - вели Господ.

22 Духовниот дар да се зборува на туѓи јазици можеби им значи нешто на оние кои се уште не поверувале, но не и на оние што веруваат. Пророкувањето, од друга страна, е првенствено наменето за оние што веруваат, а не за оние што не веруваат. 23 Замислете да се собере целата црква и сите да почнат да зборуваат на непознати јазици; ако влезе некој неупатен или неверен, зар нема да помисли дека сте полуделе!? 24 Но ако во црквата се пророкува, па влезе некој неупатен или неверник, ќе слушне, ќе сфати дека е грешен и дека начинот на кој живее е за осуда. 25 Додека слуша, ќе му бидат разоткриени тајните на неговото срце, па ќе клекне на колена и ќе Му се помоли на Бог, признавајќи дека Бог навистина е овде, меѓу вас.

Ред на богослужбите

26 Значи, што барам јас од вас, драги пријатели христијани? На вашите собранија, некој ќе сака да каже псалм, некој поука, некој нешто што Му е откриено од Бог, некој ќе зборува на непознат јазик, друг ќе го преведува. Сите тие нешта треба да бидат за ваша духовна изградба. 27 Ако некои посакаат да зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат двајца или најмногу тројца и тоа еден по еден, а некој нека ги преведува. 28 Ако нема кој да ги преведува, нека не зборуваат јавно во црквата, туку приватно, пред Бог.

29 И кога се пророкува, нека зборуваат двајца или тројца, а другите нека размислуваат за кажаното. 30 Ако некој од учесниците добие откровение од Бог, оној што зборува тогаш треба да заврши, па да почне другиот да зборува. 31 Така сите што пророкуваат ќе можат да зборуваат, но само еден по еден, за сите да можат да научат нешто и да се охрабрат. 32 Зашто и луѓето што пророкуваат треба да се воздржуваат и да си го чекаат својот ред! 33 Бог не сака безредие, туку сака се да се одвива во ред и мир, како што е во сите христијански цркви[d].

34 Жените не треба да говорат на богослужбите. Тие треба да молчат и да слушаат, како што наложува Мојсеевиот Закон. 35 Ако нешто не им е јасно[e], нека ги прашаат дома своите мажи. На жена не и прилега да говори на богослужба[f].

36 Божјото слово, драги христијани во Коринт, ниту започна од вас, ниту завршува кај вас! 37 Ако некој се смета за пророк или за духовен човек, ќе сфати дека овие работи што ви ги напишав се заповеди од Господ. 38 Ако некој го отфрла ова, Господ ќе го отфрли него[g]!

39 Така, драги мои, бидете желни да пророкувате. Не забранувајте го зборувањето на непознати јазици, 40 но се мора да се прави пристојно и уредно!

Footnotes:

  1. 1 Коринќаните 14:1 Првичното библиско значење на зборот пророкува е: поучува, советува, ја проповеда Божјата порака.
  2. 1 Коринќаните 14:16 Амин значи: Да, така нека биде или: Вистина е.
  3. 1 Коринќаните 14:21 Буквално: во Законот; цитат од Исаија: 28:11-12.
  4. 1 Коринќаните 14:33 Реченицата: како што е во сите христијански цркви, може да се припои и кон наредниот стих.
  5. 1 Коринќаните 14:35 Обичај било жените да седат зад мажите. Овде Павле ги советува дека, ако не успеат да разберат дел од реченото, не треба веднаш да упаѓаат и да прашуваат, туку после, откако ќе заврши богослужбата.
  6. 1 Коринќаните 14:35 Во некои ракописи 34 и 35 стих се поместени на крајот на оваа глава.
  7. 1 Коринќаните 14:38 Според некои ракописи: Ако не го разбирате ова, останете си во вашето неразбирање.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes