A A A A A
Bible Book List

1 Коринќаните 1Macedonian New Testament (MNT)

Прво писмо од апостол Павле до христијаните во

Коринт

Авторство и поздрави

Од Павле, повикан од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот брат Состен.

До Божјата црква во Коринт, до вас, кои Бог ве повика да бидете Негов свет народ и ве направи свети преку Исус Христос, и вас, и сите христијани насекаде, сите што го повикуваат името на Исус Христос, нивни и наш Господ.

Ви посакуваме благонаклоност и мир од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос.

Благодарност на Бог за благословите во коринтската црква

Постојано Му се заблагодарувам на мојот Бог за Неговата милосрдна благонаклоност што ви ја подари преку Исус Христос. Тој во секој поглед ја збогати вашата црква со надареност за говорништво и со многу знаење. Со тоа и проповедањето за Христос се зацврсти меѓу вас. Сега, додека нестрпливо го чекате повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, не ви недостасува никаква духовна дарба. Тој ќе продолжи да ве надградува докрај, за да бидете беспрекорни на денот кога ќе се врати нашиот Господ Исус Христос. Во Бог можете да имате доверба! Тој ве повика да се здружите со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ.

Неслога во коринтската црква

10 Сега, драги пријатели христијани, многу ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, да изградувате слога меѓу вас, за да не дојде до раздор во црквата. Треба да ги усогласите вашите идеи и планови. 11 Од семејството на Хлое ме известија дека меѓу вас, драги мои, има поделби. 12 Едни сте викале: „Јас сум Павлов!“ други: „Јас сум Аполосов!“, трети: „Јас сум Петров[a]!“, четврти: „Јас сум Христов!“

13 Зар Христос се раздели? Павле ли беше распнат за вас? Во името на Павле ли бевте крстени? 14 Благодарен сум Му на Бог што, освен Крисп и Гај, јас не крстив ниту еден од вас, 15 за да не рече некој дека е крстен во мое име. 16 (Да, ги крстив и членовите на семејството на Стефан, а не се сеќавам дали сум крстил уште некој.) 17 Христос не ме испрати да крштавам, туку да ја проповедам Радосната вест, и тоа не со мудри говори, за да не се омаловажи силата на делото што го изврши Христос на крстот.

Световна и Божја мудрост

18 Проповедањето за смртта на Исус на крстот им звучи бесмислено на луѓето што се на патот кон пропаста, но за нас што сме на патот на спасението тоа претставува Божја сила. 19 Во Светото Писмо, Бог вели:

„Ќе ја уништам човечката мудрост,

ќе ги отфрлам нивните најостроумни идеи[b].“

20 Зашто, ни филозофите, ни законодавците, ниту научниците на овој свет не не спасија! Бог ни покажа дека мудроста на овој свет е далеку од мудрост! 21 Кога мудриот Бог виде дека луѓето преку сопствената мудрост никогаш нема да дојдат до Него, реши да им обезбеди спасение на оние што ќе и поверуваат на оваа, навидум бесмислена порака што ние ја проповедаме[c]. 22 И додека Евреите бараат знаци од небото, а Грците мудруваат, 23 ние проповедаме за Христос Кој беше распнат за да не спаси. Тоа за Евреите е неприфатливо, а за другите народи - бесмислено! 24 Но за оние што се повикани од Бог да се спасат, без разлика дали се Евреи или се од другите народи[d], во Христос се покажа Божјата сила и Божјата мудрост. 25 Овој навидум неразумен Божји план е многу помудар и од најмудрите човечки планови, и она што ни изгледа слабо од Бог е многу помоќно од сета човечка моќ.

26 Погледнете се, драги мои, вие што сте од Бога одбрани: меѓу вас нема многумина што се мудри според човечки мерила, ни многу моќници или луѓе од благородничко потекло. 27 Напротив, Бог ги одбра оние што овој свет ги смета за прости, за да ги посрамоти оние што се сметаат за мудри. Бог ги одбра оние што во овој свет се немоќни, за да ги посрамоти моќниците. 28 Бог ги одбра оние што не се од благородничко потекло и оние што се презрени во овој свет, за да ги направи ништожни оние што овој свет ги смета за многу важни. 29 Така ниеден човек не ќе може да се фали пред Бог.

30 Бог ви овозможува и вам да се спасите преку Исус Христос, Кој стана наша мудрост од Бога, ни ја подари Својата праведност, не направи свети и ја плати цената за да не откупи. 31 Затоа, во Светото Писмо е напишано:

„Кој сака да се фали,

нека се фали само со она што го стори Господ[e].“

Footnotes:

  1. 1 Коринќаните 1:12 Во оригиналот: Кефа. Тоа е еврејскиот еквивалент на името Петар.
  2. 1 Коринќаните 1:19 Цитат од Исаија 29:14.
  3. 1 Коринќаните 1:21 Буквално: одбра да ги спаси верните, преку лудоста на проповедањето.
  4. 1 Коринќаните 1:24 Буквално: Грци, односно Елини, што е поширок поим.
  5. 1 Коринќаните 1:31 Цитат од Еремија 9:24.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes