A A A A A
Bible Book List

ФилемонMacedonian New Testament (MNT)

Писмо од апостол Павле до

Филемон

Авторство и поздрави

Од Павле, кој е в затвор затоа што проповеда за Исус Христос,

и од братот по вера Тимотеј,

до нашиот соработник, до нашиот сакан Филемон,

до сестра Апија, до нашиот соборец Архипус и до црквата што се собира во твојот дом.

Ви посакувам Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир.

Љубовта и верата на Филемон

Филемоне, секогаш кога ќе те спомнам во моите молитви, Му благодарам на Бог за тебе. Слушам за твојата вера во Господ Исус и љубов спрема сите верни. Се молам да имаш успех во споделувањето на верата со другите, па и тие да сфатат какви се благослови Христос ни даде. Љубовта што ја имаш многу ме израдува и ме охрабри. Ги зарадува и срцата на сите Божји луѓе.

Молба за Онисим

Христос ми дава смелост да ти заповедам што треба да сториш, но јас, попрво би те замолил да го сториш тоа од љубов. Затоа јас, старецот[a] Павле, затвореник затоа што проповедам за Исус Христос, 10 те молам да му помогнеш на Онисим[b]. Тој ми е како син, бидејќи тука во затворот го доведов кај Христос. 11 Порано тој беше бескорисен за тебе, но сега е многу корисен и за тебе и за мене.

12 Сега го испраќам кај тебе. За срце ми прирасна 13 и би сакал да го задржам кај себе, та во твое име да ми помага сега, кога сум во окови, затоа што ја проповедам Радосната вест, 14 но не сакав ништо да сторам без твоја согласност. Сакав да го сториш тоа од љубов, а не затоа што јас сум те принудил.

15 Можеби токму заради тоа тој за кратко беше одвоен од тебе, за потоа засекогаш да ти се врати, 16 но не веќе како роб, туку како нешто многу повеќе, како драг брат. Мене ми е драг пријател, а тебе сигурно ќе ти биде уште подраг и како личност и како човек што верува во Господ.

17 Ако ме сметаш за пријател, прифати го како што би ме прифатил мене. 18 Ако ти направил некаква штета, или ако нешто ти должи, стави го тоа на моја сметка. 19 Јас, Павле, со своја рака ти пишувам: „Јас ќе ти се оддолжам.“ Нема сега да спомнувам дека и самиот ти си мој должник. 20 Брате мој, направи ми ја таа услуга заради Господ, зарадувај ме заради Христос.

21 Сигурен сум дека ќе сториш се што побарав од тебе, дури и повеќе. 22 Приготви за мене соба, зашто се надевам дека твоите молитви ќе бидат услишани и набргу ќе можам повторно да те посетам.

Завршни поздрави

23 Те поздравува Епафрас. И тој е со мене в затвор, затоа што проповеда за Исус Христос. 24 Те поздравуваат моите соработници Марко, Аристарх, Димас и Лука.

25 Господ Исус Христос нека ти биде благонаклонет и духовно нека биде со тебе.

Footnotes:

  1. Филемон 1:9 Или: гласникот.
  2. Филемон 1:10 Онисим на грчки значи корисен.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes