Add parallel Print Page Options

Падот на ,Вавилон‘

18 Потоа видов еден друг ангел како слегува од небото. Тој имаше голема моќ и од неговиот сјај светна и Земјата. Ангелот извика со силен глас:

„Падна, падна големиот Вавилон

и се претвори во живеалиште на демони,

гнездо на сите нечисти духови и гнасни птици,

дувло на сите гнасни животни!

Зашто сите народи ги опијани

со жестокото вино на својот блуд!

Сите владетели на Земјата

блудничеа со вавилонската блудница,

а сите трговци на Земјата

се богатеа од нејзината необуздана похот[a]“!

Тогаш од небото се јави еден друг глас, кој рече:

„Истапи од вавилонската блудница, народе Мој!

Не учествувај во нејзините гревови,

за да не станеш соучесник во нејзината казна!

Зашто нејзините гревови се напластија до небото,

и Господ ќе ја казни за нејзината изопаченост!

Направете и како што таа ви правеше вам,

вратете и двојно за злото што таа ви го стори!

Нека испие двојно погорчлива напивка

од онаа што им ја даваше на другите!

Зададете и толку маки и жалости,

колку што раскош и уживања самата си даваше!

Во своето срце таа се фалеше:

,Еве, седам како кралица, а не како вдовица;

за мака нема никогаш да знам!‘

Затоа, во еден ист ден

ќе биде погодена со жалост, глад и смрт!

Во оган ќе биде изгорена,

зашто Судија ќе и биде Господ, моќниот Бог!“

А владетелите од целата Земја, кои соучествуваа во нејзиниот блуд и уживаа во нејзиниот раскош, ќе плачат по неа и ќе тагуваат кога ќе го видат димот од огнот што ќе ја изгори. 10 Ќе стојат понастрана, исплашени од нејзините страдања и ќе лелекаат:

„Леле, леле, величествен граде Вавилоне!

Во еден миг се истури врз тебе Божјата пресуда!“

11 Плачат и тагуваат трговците на Земјата, зашто никој веќе не ја купува нивната стока: 12 изработките од злато, сребро, скапоцени камења; од бисер, од ленено платно и од пурпур, од свила и од скерлет, од разни видови на миризливо дрво, предмети од слонова коска, од скапоцено дрво, од бронза, железо и од мермер; 13 цимет и балсам, мириси и мелеми, темјан и вино, масло, бело брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, робови и живи луѓе ...

14 „Одземени ти се плодовите по кои копнееше; сиот раскош и слава ги загуби засекогаш и никогаш повеќе нема да ги добиеш!“

15 Трговците што тргуваа со сите овие работи, кои таа ги збогати, ќе стојат на оддалеченост, исплашени од нејзините маки, ќе плачат и ќе тагуваат велејќи:

16 „Леле, леле, величествен граде, облечен во свила и пурпурно-црвена облека, накитен со злато, со скапоцени камења и со бисери! 17 За еден миг исчезна твоето огромно богатство!“

А на морето сите сопственици на бродови, кормиларите, патниците и морнарите и сите што тргуваа по море стоеја поскраја 18 и, гледајќи го димот од огнот во кој гореше Вавилон, извикуваа: „Немаше друг град како овој!“ 19 Си ги посипуваа главите со прав, и со плачење и тага говореа:

„Леле, леле, величествен граде! Сите сопственици на бродови се богатеа од твојот раскош. А сега за миг испусте!“

20 Но небото се радува, а со него и Божјите свети луѓе[b], апостолите и пророците, зашто, осудувајќи го Вавилон, Бог докажа дека тие беа во право!

21 Тогаш еден силен ангел зеде камен, голем како воденички камен, го фрли во морето и извика: „Вака, со еден замав, ќе биде стрмоглавен величествениот град Вавилон и никогаш повеќе нема да се подигне! 22 Во него нема повеќе да се чуе музика од харфи и пејачи, свирачи или трубачи. Никаков работник, од ниеден занает веќе нема да се најде во тебе и мелниците ќе замолкнат засекогаш. 23 Веќе нема да се види светлина од светилка во тебе, ни глас од младоженец и од невеста нема да се чуе во тебе.

Зашто, твоите трговци господареа со светот; со своите магии ти ги заблуди сите народи. 24 Во тебе се пролеваше крвта на пророците и на Божјите свети луѓе[c] и на сите погубени од целиот свет!“

Footnotes

  1. Откровение 18:3 Или: од нејзиниот раскош.
  2. Откровение 18:20 Буквално: Светиите.
  3. Откровение 18:24 Буквално: Светиите.