A A A A A
Bible Book List

Матеј 27Macedonian New Testament (MNT)

Исус му е предаден на Пилат

(Мк. 15:1; Лк. 23:1-2; Јвн. 18:28-32) 27 На разденување, се состанаа сите свештенички поглавари и народни старешини и решија да побараат од римските власти Исус да биде погубен. Го врзаа и Го одведоа кај римскиот гувернер Пилат.

Самоубиството на Јуда

(Дела 1:18-19) Кога предавникот Јуда разбра дека Исус е осуден на смрт, кај него се јави грижа на совеста, па им ги врати триесетте сребреници на свештеничките поглавари и на старешините, изјавувајќи: „Згрешив, бидејќи предадов невин човек!“ Но тие му одговорија: „Што имаме ние со тоа? Тоа си е твоја работа!“

Тогаш Јуда ги фрли сребрениците во храмот, си замина оттаму и се обеси. Свештеничките поглавари ги собраа парите и рекоа: „Овие пари беа дадени за да се погуби човек; затоа не смеат да се стават во црковната каса!“ Одржаа состанок на кој решија да се купи ,грнчаревата нива[a]‘ и да се користи како гробишта за туѓинци. Поради ова, таа нива до денес се вика ,Крвна нива‘. На тој начин се исполнија зборовите на пророкот Еремија:

„Ги зедоа триесетте сребреници,

цена што за Непроценливиот ја определија Израелците.

10 Ги платија за нивата на грнчарот,

како што Господ ми објави[b].“

Пилат Го сослушува Исуса

(Мк. 15:2-5; Лк. 23:3-5; Јвн. 18:33-38) 11 Исус беше доведен пред римскиот гувернер Пилат, кој Го запраша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ 12 А кога свештеничките поглавари и старешините почнаа да ги изнесуваат своите обвинувања против Него, Исус молчеше. 13 Тогаш Пилат Му рече: „Зар не ги слушаш овие тешки обвиненија против Тебе?“ 14 Но Исус воопшто не му одговараше, на што гувернерот многу се чудеше.

15 А на секој празник, гувернерот пушташе од затвор по еден затвореник, по избор на народот. 16 Во тоа време в затвор беше еден озлогласен разбојник, по име Бараба[c]. 17 Пилат го запраша насобраниот народ: „Кого сакате да ви го ослободам: (Исус) Бараба или Исус, наречен ,Месијата‘?“ 18 Пилат знаеше дека еврејските водачи му Го предадоа Исуса од завист.

19 Додека Пилат го водеше судењето, му ја донесоа следната порака од неговата сопруга: „Не учествувај во осудувањето на Тој праведен човек, зашто ноќва имав морничави соништа поради Него!“

20 Но свештеничките поглавари и народните старешини го наговорија народот да бара ослободување за Бараба, а погубување за Исус. 21 Гувернерот повторно го праша насобраниот народ: „Кој од овие двајца сакате да ви го ослободам?“ А тие извикаа: „Бараба!“ 22 Тогаш Пилат ги праша: „А што да правам со Исус, наречен ,Месијата‘?“ Тие на сиот глас викаа: „Распни Го на крст!“ 23 „Какво злосторство извршил?“ - ги праша Пилат. Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“

24 Пилат виде дека ништо не може да постигне и дека викањето станува се погласно, па зеде вода, си ги изми рацете пред народот и рече: „Јас сум невин за смртта на овој човек! Ова е ваше дело!“

25 „Ние и нашите деца ја преземаме одговорноста за Неговата смрт!“ - викаше целиот насобран народ.

26 Тогаш Пилат им го ослободи Бараба, а на своите војници им нареди да Го камшикуваат Исуса и потоа да Го распнат на крст.

Војниците Го понижуваат Исуса

(Мк. 15:16-21; Јвн. 19:2-3) 27 Тогаш војниците на гувернерот Го воведоа Исуса во дворот и околу Него се насобра цела чета војници. 28 Тие Му ја соблекоа горната облека и Му облекоа црвена наметка[d]. 29 Исплетоа венец од трње и Му го ставија на главата, а во десната рака Му ставија една трска. Потоа паѓаа пред Него на колена и Му се подбиваа, велејќи Му: „Здраво, еврејски царе!“ 30 Го плукаа и со трската Го удираа по главата.

Распнувањето на Исус

(Мк. 15:22-32; Лк. 23:27-43; Јвн. 19:17-27) 31 Откако доволно се изнашегуваа со Исус, Му ја симнаа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата горна облека. Потоа Го поведоа на распнување. 32 По пат сретнаа еден човек по име Симон, од градот Кирена, и го натераа да го носи крстот за распнувањето на Исус.

33 Стигнаа на местото наречено Голгота, што во превод значи „Череп“. 34 Му понудија на Исус пијалак од вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но кога Тој вкуси не сакаше да го пие.

35 Војниците Го распнаа Исуса на крстот и со жрепка си ги поделија меѓу себе Неговите алишта[e]. 36 Потоа седнаа и стражареа околу Него. 37 Над главата Му ставија натпис за Неговата вина. Натписот гласеше: „Ова е Исус, царот на Евреите.“ 38 Заедно со Него распнаа и двајца злосторници: едниот оддесно, другиот одлево на Исус.

Минувачите Го навредуваат Исуса

39 Минувачите покрај крстот Го навредуваа Исуса, вртејќи со главите и 40 извикувајќи: „Ти, што тврдеше дека ќе ни го разурнеш храмот и за три дена повторно ќе го подигнеш, спаси се сега! Ако си Ти Божјиот Син, ајде симни се од крстот!“

41 На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари, старешините и вероучителите. Тие говореа: 42 „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! Тој ми бил цар на Израел! Нека се симне сега од крстот, па ќе Му веруваме! 43 На Бога се повикуваше, сега Тој нека Го избави, ако Му е навистина мил! Нели Самиот тврдеше дека е Божји Син!?“ 44 На ист начин Го навредуваа и со Него распнатите злосторници.

Смртта на Исус

(Мк. 15:33-41; Лк. 23:44-49; Јвн. 19:28-30) 45 Меѓу дванаесет и петнаесет часот над целата земја се спушти густа темнина. 46 Околу петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели[f], Ели, л’ма ш’вактани?“ - што во превод значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!?“

47 Некои од присутните Го слушнаа ова и рекоа: „Го довикува пророкот Илија!“ 48 Еден од нив веднаш истрча, накваси сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. 49 Другите, пак, говореа: „Чекајте, да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“

50 Исус уште еднаш извика со силен глас и умре[g].

51 Во тој миг, завесата[h] во храмот се расцепи на два дела озгора додолу. Земјата се тресеше и карпите распукнуваа! 52 Гробници се отворија и телата на голем број починати праведници воскреснаа! 53 Тие излегоа од гробниците и по Исусовото воскресение дојдоа во светиот град[i] и им се покажаа на многу луѓе.

54 Римскиот офицер и војниците кои стражареа крај Исус го почувствуваа земјотресот, а ги забележаа и останатите случки. Од тоа многу се исплашија и говореа: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“

55 Тука беа присутни и голем број жени, кои уште од Галилеја Го придружуваа Исуса и Му помагаа. 56 Меѓу нив беа: Марија од градот Магдала[j], Марија - мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Завдаевите синови, Јаков и Јован.

Погребот на Исус

(Мк. 15:42-47; Лк. 23:50-56; Јвн. 19:38-41) 57 Таа вечер, еден богат човек од Ариматеја, кој се викаше Јосиф, а беше Исусов ученик, 58 дојде кај Пилат и го побара Исусовото тело. 59 Пилат одобри да му се даде. Тогаш Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно 60 и го положи во својата нова, дотогаш некористена гробница, издлабена во карпа. На отворот постави голем камен и си замина. 61 Спроти гробницата останаа да седат Марија Магдалена и другата Марија.

Стража на Исусовиот гроб

62 Утредента, во саботата, кај Пилат дојдоа заедно свештеничките поглавари и фарисеите. 63 Тие му рекоа: „Господине! Се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: „На третиот ден ќе воскреснам од мртвите!“ 64 Затоа, заповедај три дена да се чува Неговиот гроб, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат Неговото тело, па после да му кажуваат на народот дека Тој воскреснал од мртвите. Ако се случи тоа, последната лага ќе биде полоша од првата[k]!“ 65 Пилат им рече: „Еве ви стражари, па одете и чувајте како што знаете.“ 66 Тие отидоа, го запечатија гробниот камен и поставија стража пред гробницата.

Footnotes:

  1. Матеј 27:7 Можеби нивата му припаѓала на некој грнчар, или пак се користела за копање глина, или пак служела како сметиште за скршени глинени садови.
  2. Матеј 27:10 Ерм. 32:6-9; Зах. 11:12-13.
  3. Матеј 27:16 Во некои ракописи пишува Исус Бараба. Исто и во 27:17.
  4. Матеј 27:28 Веројатно наметка каква што носеле римските војници.
  5. Матеј 27:35 Пс. 22:18.
  6. Матеј 27:46 Овие зборови се на арамејски јазик, кој во тоа време се говорел во Палестина. На арамејски, изговорот на името Илија звучи многу слично со „Ели“, што пак значи „Боже мој“. Оттаму е претпоставката на присутните во стих 47.
  7. Матеј 27:50 Буквално: го испушти духот.
  8. Матеј 27:51 Таа завеса го одвојувала најсветото место во храмот („Свјатаја свјатих“) кое се сметало за Божјо престојувалиште.
  9. Матеј 27:53 Се однесува на Ерусалим.
  10. Матеј 27:56 Или: Марија Магдалена.
  11. Матеј 27:64 За прва лага веројатно го сметале Исусовото тврдење дека Тој е Месијата.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes