A A A A A
Bible Book List

Марко 6Macedonian New Testament (MNT)

Граѓаните на Назарет не Го сакаат Исуса

(Мт. 13:53-58; Лк. 4:16-30) Исус си замина оттаму и заедно со Своите ученици се врати во својот град[a]. Во саботата Тој отиде во синагогата да поучува. Многуброен народ занесно Го слушаше, прашувајќи се: „Од каде го знае сето ова? Од каде Му е оваа мудрост и моќ да прави чуда? Не ли е ова дрводелецот - синот на Марија, братот на Јаков, Јосиф, Јуда и Симон? Нели сестрите Негови и денес живеат меѓу нас!?“ Така, жителите на Назарет со сомневање гледаа на Исус[b].

Затоа Исус им рече: „Пророкот добива признание отсекаде, освен од својот град, од своите роднини и од своето семејство!“ Таму не можеше да направи многу чуда, освен што исцели неколку болни, допирајќи ги со Своите раце. Остана изненаден од нивната неверба.

Исус одеше по околните села и поучуваше.

Дванаесетте апостоли во мисија

(Мт. 10:5-15; Лк. 9:1-6) Потоа ги повика Дванаесетте апостоли и ги испрати по двајца, давајќи им моќ да изгонуваат демонски духови. Им ги даде следниве упатства: „Патувајте само со стап[c] во рацете. Не носете со себе ни храна, ни торба, ни пари. Носете сандали, но не и резервна облека. 10 Кога ќе ве прими некое семејство, останете кај него сe додека не си заминете од тој град. 11 Ако некое место не сака да ве прими и да ве слуша, одете си оттаму и истресете им го и правот од сандалите, како знак на осуда за нив.“

12 Тогаш апостолите заминаа и им проповедаа на луѓето да Му се вратат на Бог. 13 Изгонуваа многу демонски духови и исцелуваа голем број болни, премачкувајќи ги со маслиново масло[d].

Смртта на Јован Крстител

(Мт. 14:1-12; Лк. 9:7-9) 14 За Исус насекаде се зборуваше, така што и царот Ирод[e] слушна за Него. Се ширеше глас дека всушност Јован Крстител оживеал од мртвите и дека затоа преку Него дејствуваат чудотворни сили. 15 Други говореа дека Исус е пророкот Илија или некој друг од древните пророци. 16 Но самиот Ирод, откако слушна за Исус, рече: „Ова мора да е Јован Крстител! Јас му ја отсеков главата, а тој воскреснал!“

17 Имено, Ирод беше заповедал да го уапсат Јована и окован да го фрлат в затвор, сe заради Иродијада, жената на Филип, братот на Ирод, која Ирод ја беше зел за своја жена. 18 Јован постојано му зборуваше на Ирод: „Немаш право да ја присвојуваш жената на брат ти!“

19 Поради ова, Иродијада го беше намразила Јована и сакаше да го убие, но немаше погодна можност. 20 Ирод, пак, се плашеше од Јован и го заштитуваше, бидејќи знаеше дека тој е праведен и богопосветен човек. Иако Ирод често беше вознемирен[f] од она што го зборуваше Јован, сепак честопати и со задоволство го слушаше.

21 Но Иродијада начека погоден момент кога Ирод приреди свечен прием по повод својот роденден и ги покани своите високи службеници, воени старешини и видни личности од покраината Галилеја. 22 Тогаш влезе ќерката на Иродијада и танцуваше пред Ирод и неговите гости. Сите беа одушевени и Ирод и рече: „Ќе ти дадам сe што ќе посакаш! 23 Ти ветувам пред сите дека, ако посакаш и половина од моето царство, ќе ти го дадам!“

24 Таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Советот на мајка и беше: „Барај ја главата на Јован Крстител!“ 25 Девојката брзајќи се врати кај Ирод и му рече: „Ја сакам главата на Јован Крстител на послужавник, и тоа веднаш!“

26 На царот му падна тешко, но не сакаше да си го прекрши ветувањето што го беше дал пред гостите. 27 Затоа тој веднаш го испрати џелатот да му ја донесе главата на Јован. 28 Овој отиде, му ја отсече главата на Јован во затворот и на послужавник и ја донесе на девојката, која и ја предаде на мајка си.

29 Кога учениците на Јован разбраа дека тој е погубен, го зедоа неговото тело и го погребаа.

Враќањето на апостолите

30 Апостолите повторно се собраа[g] кај Исус и почнаа да Му раскажуваат за делата и поуките што ги извршиле. 31 Но многу народ постојано доаѓаше и си заминуваше, така што апостолите немаа време ни да јадат. Затоа Исус им рече: „Дојдете, ќе отидеме на некое тивко место, па да можете малку да се одморите!“ 32 Тргнаа со бротче на едно такво место, 33 но голем број луѓе видоа во кој правец отпловија, па побрзаа пеш од сите краишта и први втасаа таму.

Исус нахранува над пет илјади души

(Мт. 14:13-21; Лк. 9:10-17; Јвн. 6:1-14) 34 Кога Исус излезе од бротчето, виде голема толпа народ, која прилегаше на стадо овци без пастир. Му падна жал за луѓето, па почна да ги поучува за многу нешта.

35 Во приквечерината кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна. 36 Пушти ги луѓето да отидат по околните села и земјоделски имоти, за да си купат храна!“ 37 „Дајте им вие нешто да јадат“ - им одговори Исус.“ Но тие му рекоа: „Да се купи леб за сиот овој народ, би ни требале повеќе од двесте денарии!“ 38 „Одете и проверете колку лебови имате“ - им рече Исус. Откако проверија, Му рекоа: „Имаме пет леба и две риби!“ 39 Тогаш Исус им даде упатства на учениците да ги поседнат луѓето на тревата, во групи. 40 Луѓето седнаа во групи од по сто и по педесет.

41 Исус ги зеде петте леба и двете риби, го поткрена погледот кон небото, ги благослови лебовите и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците кои им ги даваа на луѓето. На ист начин им делеше на сите и од двете риби. 42 Сите јадеа до наситување, 43 а учениците собраа и дванаесет полни кошници со парчиња што преостанаа од лебот и од рибите. 44 Оние што јадеа беа на број околу пет илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.

Исус чекори по вода

(Мт. 14:22-33; Јвн. 6:15-21) 45 Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротчето и да отпловат на спротивната страна, кон Бетцаида, додека Тој да го отпушти народот. 46 Кога го испрати народот, Исус се искачи на гората за да се моли.

47 Доцна вечерта, додека Тој сe уште беше сам на копното, бротчето се наоѓаше некаде сред езерото. 48 Ги виде Своите ученици како се мачат, веслајќи спроти ветрот. Околу четири[h] часот наутро, Исус се упати кон нив, одејќи по површината на езерото, со намера да им се придружи.

49 Кога учениците Го видоа како оди по водата, помислија дека е дух, па од страв почнаа да викаат. Сите Го видоа и многу се исплашија. 50 Но Тој веднаш им проговори: „Не плашете се, Јас сум! Смирете се!“ 51 Потоа влезе кај нив, во бротчето, и ветрот наеднаш стивна. Учениците останаа наполно збунети! 52 Умовите им беа заслепени и не го сфатија значењето на претходната случка со лебовите.

Исцелувања во Генисаретскиот крај

(Мт. 14:34-36) 53 Исус и Неговите ученици го препловија езерото и пристигнаа на брегот кај градот Генисарет. 54 Кога излегоа од бротчето, луѓето Го препознаа Исуса. 55 Се растрчаа по целиот крај, донесувајќи му болни на носила, откако ќе утврдеа на кое место се наоѓа Тој. 56 Во кое село, град или населба Исус ќе влезеше, на пазарите и по улиците, луѓето Му носеа болни и Го молеа да им дозволи барем да ја допрат Неговата наметка. И секој што ќе Го допреше, оздравуваше.

Footnotes:

  1. Марко 6:1 Се мисли на Назарет. Иако Исус се родил во Витлеем, Тој пораснал во Назарет.
  2. Марко 6:3 Или: Тој стана за нив камен на сопнување.
  3. Марко 6:8 Стап со кој си помагале при долгото одење пеш: за потпирање, за расчистување на патот и за одбрана од змии, кучиња и слично.
  4. Марко 6:13 Меѓу другото, Евреите го користеле маслиновото масло и како лек. Понекогаш, во Библијата мачкањето со маслиново масло (помазание) означува исцелување на натприроден начин, т.е. со Божја интервенција. Во Новиот завет види Писмо од Јаков 5:14.
  5. Марко 6:14 Ирод Антипас, наследникот на Ирод Велики.
  6. Марко 6:20 Во некои новозаветни ракописи пишува: и честопати постапуваше онака како што ќе кажеше Јован.
  7. Марко 6:30 Се вратиле од мисијата на која ги беше испратил Исус (види 6:7, 12-13).
  8. Марко 6:48 Буквално: околу четвртата ноќна стража. Види фуснота кај Мт. 20:3.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes