Add parallel Print Page Options

2) Исус ослободува од демони

(Мт. 8:28-34; Лк. 8:36-39) Исус и Неговите ученици пристигнаа на спротивниот брег на Галилејското Езеро, во пределот на градот Гераса[a]. Тукушто излезе од бротчето, откај гробиштата во пресрет му тргна еден човек обземен со демонски духови. Човекот живеел по гробниците и никој веќе не бил во состојба ни со синџири да го врзе. Честопати го врзувале со синџири и му ставале окови, но тој секојпат ги кинел синџирите и ги кршел оковите. Никој не можел да го скроти. Деноноќно престојувал на гробиштата и по ридовите, врескајќи и удирајќи се со камења.

Кога уште оддалеку Го забележа Исуса, се стрча кон Него и клекна на колена. Потоа со силен глас Му рече: „Исусе, Сине на Севишниот Бог, што сакаш да ми сториш!? Те заколнувам во Божјото име, немој да ме мачиш!“ Тој го рече ова затоа што Исус веќе му беше наредил на демонскиот дух да излезе од човекот.

Исус го праша: „Како се викаш?“ Човекот му одговори: „Се викам Легија, зашто во мене има цела легија демони!“ 10 Потоа Го молеше Исуса да не ги брка од тој крај.

11 Недалеку од нив, на ридот пасеше едно големо крдо свињи. 12 Демонските духови Го молеа Исуса: „Испрати нe кај свињите, да се вселиме во нив!“ 13 Исус им дозволи и демонските духови излегоа од човекот и влегоа во свињите. Целото крдо свињи, на број околу две илјади, јурна низ стрмнината право во езерото, при што сите свињи се удавија.

14 Свињарите се разбегаа и разгласија за ова по градот и по селата, така што народот излезе да види што се случило. 15 Кога дојдоа до Исус и го видоа човекот кој порано беше обземен од легија демони како седи облечен и со здрав ум, многу се исплашија. 16 Откако очевидците им раскажаа за она што се случи со човекот и со свињите, 17 луѓето Го замолија Исуса да си оди од нивниот крај.

18 Кога Исус се враќаше на бротчето, човекот кој дотогаш беше обземен од демони Го молеше и тој да тргне со Него. 19 Но Исус не му дозволи, туку му рече: „Оди си дома и кажи им на твоите роднини што стори Господ за тебе со Своето милосрдие.“ 20 Тогаш тој си замина и патуваше по пределот на Декаполис[b] и на сите им раскажуваше за она што Исус го стори за него. И секој што ќе чуеше се восхитуваше.

3) Исус исцелува и оживува

(Мт. 9:18-26; Лк. 8:40-56) 21 Уште еднаш Исус отплови на спротивната страна од Галилејското Езеро. Тукушто излезе на брегот, многуброен народ се насобра околу Него. 22 Тогаш Му пристапи началникот на тамошната синагога, по име Јаир, клекна на колена 23 и почна сесрдно да Го моли: „Ќерката ми е на умирање! Дојди, положи раце врз неа за да оздрави и да живее!“ 24 Тогаш Исус тргна со Јаир, а многуброен народ ги следеше, туркајќи се околу Него.

25 Меѓу народот имаше една жена која крвавела веќе дванаесет години. 26 Се намачила одејќи по лекари на кои го потрошила сиот свој имот, но напразно - состојбата уште повеќе и се влошувала.

27 Оваа жена слушала што се зборува за Исус. Крадешкум, таа се доближи до Исус одзади и се допре до Неговата облека. 28 Зашто, во себе си велеше: „Само да се допрам до Неговата облека - ќе оздравам!“ 29 Крвавењето веднаш и запре и таа почувствува дека нејзиното тело оздраве.

30 Во истиот момент и Исус почувствува дека од Него излезе исцелителна сила. Обраќајќи му се на народот, запраша: „Кој се допре до мојата облека?“ 31 Учениците Му одговорија: „Гледаш колку народ се турка околу Тебе и прашуваш кој Те допрел!?“ 32 Но Исус се сврте да види кој Го допре. 33 Жената, тресејќи се од страв и знаејќи што се случи со неа, клекна на колена пред Него и Му ја кажа целата вистина.

34 Исус и рече: „Ќерко! Ти оздраве врз основа на твојата вера. Оди си спокојна и здрава.“

35 Додека Исус зборуваше, пристигнаа некои од роднините на Јаир и му рекоа: „Ќерка ти умре; не додевај Му повеќе на Учителот!“ 36 Исус слушна што рекоа луѓето, но му рече на Јаир: „Само верувај Ми и не плаши се!“

37 Исус не му дозволи никому да дојде со Него, освен на Петар и на двајцата браќа Јаков и Јован, следбеници на Исус. 38 Кога стигнаа во куќата на Јаир, Исус забележа дека луѓето плачат и лелекаат на цел глас. 39 Влегувајќи внатре, Исус им рече: „Зошто плачете и лелекате? Девојчето не е мртво, туку спие!“ 40 Тие на тоа Му се подбиваа.

Исус нареди сите да излезат надвор, а внатре ги задржа само таткото и мајката на девојчето и тројцата Свои ученици кои Го придружуваа. Влегоа кај девојчето. 41 Исус го фати за рака и рече: „Талита, куми!“ Ова на арамејски јазик значи: „Девојче, стани!“ 42 Девојчето веднаш стана и одеше. Тоа имаше дванаесет години.

Сите беа вчудовидени! 43 Но Исус им нареди за ова никому да не кажуваат. Потоа им рече: „Дајте му на девојчето нешто да јаде.“

Footnotes

  1. Марко 5:1 Во други ракописи: Гадара или Гергеса.
  2. Марко 5:20 Декаполис значи Десет градови; предел источно од покраините Самарија и Галилеја.