A A A A A
Bible Book List

Лука 7Macedonian New Testament (MNT)

Верата на еден римски офицер

(Матеј 8:5-13) Кога Исус го заврши Своето излагање пред народот, замина во Кафарнаум. Таму, еден римски офицер имаше слуга што му беше многу драг, а беше тешко болен, на умирање. Кога офицерот разбра за Исус, испрати кај Него неколку еврејски старешини, молејќи Го да дојде и да го исцели слугата. Тие дојдоа кај Исуса и почнаа мошне сесрдно да Го молат, велејќи: „Овој човек заслужува да му излезеш во пресрет. Тој го сака нашиот народ и ни изгради синагога[a].“

Исус тргна со нив. Кога наближи до куќата, офицерот испрати луѓе да Му порачаат: „Господине, не труди се понатаму, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив, ниту пак сум достоен да дојдам кај Тебе. Кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави! Зашто и јас сум човек што се потчинува на наредби, а имам и власт да им издавам наредби на војниците. Кога на еден ќе му речам ,Оди!‘ - тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘, и тој доаѓа. На мојот слуга ќе му речам ,Стори го тоа!‘, и тој го извршува.“ Кога го чу ова, Исус се воодушеви и на народот што одеше по Него му рече: „Навистина, кај никого во Израел не видов толку голема вера!“ 10 Кога оние што беа испратени се вратија дома, го најдоа слугата наполно здрав.

Воскреснување на момчето од Наин

11 Набргу потоа, Исус отиде во градот Наин[b]. Заедно со Него беа Неговите ученици и многуброен народ. 12 Штом се приближи до градските порти, пресретна погребна поворка; беше починал синот-единец на една вдовица. Во поворката имаше многу луѓе од градот. 13 Кога Господ ја забележа вдовицата, се сожали, и и рече: „Не плачи!“ 14 Потоа пријде до ковчегот и го допре. Луѓето што го носеа, застанаа, а Исус рече: „Момче, ти заповедам да станеш!“ 15 Покојникот стана и почна да зборува, а Исус и го предаде на мајката. 16 Страв ги обзеде сите и Му оддаваа слава на Бог, велејќи: „Голем пророк се појави меѓу нас! Бог дојде за да го спаси Својот народ!“ 17 Оваа вест за Исус се разнесе по цела Јудеја и по целата околина.

Пратениците на Јован Крстител

(Матеј 11:2-19) 18 За сето ова што го правеше Исус, Јован Крстител беше известен од своите ученици. 19 Тој повика двајца од нив и ги испрати кај Господ, за да Го прашаат: ,Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или друг да чекаме?‘ 20 Доаѓајќи кај Исус, тие Му рекоа: „Јован Крстител нe испрати кај Тебе, за да Те прашаме дали си Ти Месијата што треба да дојде, или друг да очекуваме?“ 21 Токму тогаш Исус исцелуваше многу луѓе од нивните болести, заболувања и од демонски духови, а и на голем број слепи им ги отвораше очите. 22 Исус им одговори на Јовановите пратеници: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го гледате и слушате: слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исчистуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосна вест[c]! 23 Благословени се оние што не се колебаат во однос на Мене!“

24 Штом Јовановите пратеници си заминаа, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Кога одевте кај Јована, во пустината, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот? 25 Што излеговте да видите: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати! 26 Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви велам, видовте и повеќе од пророк! 27 Зашто, Јован е тој за кого Бог во Светото Писмо вели[d]: ,Еве, испраќам Свој гласник, како претходница за Тебе; тој ќе го подготви патот пред Тебе.‘

28 Ви велам дека меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител, но и покрај тоа, и најмалиот во Божјото царство е поголем од него.“

29 Сиот народ што го слушаше - вклучувајќи ги и собирачите на данок[e] - Му се покоруваа на ова Божјо барање и се крштаваа кај Јован Крстител. 30 Само фарисеите и вероучителите[f] го отфрлија Божјиот план, кој беше за нивно добро, и одбија да се крстат кај Јован.

31 Исус продолжи: „Со што да ја споредам оваа генерација? 32 Тие се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите:

,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте.

Потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘

33 Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој постеше и не пиеше вино, а тие велеа: ,Демони има во него!‘ 34 Потоа дојдов Јас, Синот Човечки[g], кој нормално јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е ненаситник и пијаница, другар на собирачи на данок и на грешници!‘ 35 Меѓутоа, Божјата мудрост се потврдува преку животите на оние што ја прифаќаат.“

Исус во домот на фарисејот Симон

36 Еден фарисеј Го покани Исуса на вечера во својот дом. Тој дојде во куќата на фарисејот и седна на трпезата. 37 Одеднаш, се појави една жена, позната грешница. Таа беше разбрала дека Исус е на гости кај фарисејот, и дојде носејќи едно шише од алабастер полно со скапоцениот мирис. 38 Клекна зад Исус, до Неговите нозе, и плачејќи почна да Му ги мие нозете со своите солзи, да ги брише со својата коса, да ги бакнува и да ги мачка со скапоцениот мирис.

39 Фарисејот, гледајќи го ова, си помисли за Исус: „Да е Овој вистински пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што го допира; би знаел дека е грешница!“ 40 А Исус му рече: „Симоне, да те прашам нешто!“ „Кажи, Учителе“ - одговори тој. 41 „Двајца луѓе му должеле пари на некој човек. Едниот му должел петстотини сребреници, а другиот педесет. 42 Бидејќи не можеле да му платат, тој им ги простил долговите на обајцата. Што мислиш, кој од двајцата ќе има поголема љубов кон него?“ 43 „Мислам, оној на кого му е простен поголем долг“ - одговори Симон. „Правилно процени!“ - Му рече Исус, 44 па, свртувајќи се кон жената, Му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Кога дојдов во твојата куќа, ти ни вода на нозете не ми полеа, а таа со солзи ми ги изми и со својата коса ми ги избриша. 45 Ти не ме доброса со бакнеж, а таа, откако Сум влезен, не престана да ми ги бакнува нозете! 46 Ти не ми капна мирис на главата, а таа нозете ми ги намачка со скапоцен мирис. 47 Затоа, ти велам: големиот број нејзини гревови и се простуваат, зашто таа покажа многу љубов спрема Мене. А на кој му е малку простено, тој само малку љубов покажува.“ 48 Потоа и рече на жената: „Гревовите ти се простени!“ 49 Луѓето што седеа со Него на трпезата почнаа да си шепотат: „Кој е Овој што и гревови простува!?“ 50 А Исус и рече на жената: „Оди си спокојно; твојата вера те спаси!“

Footnotes:

  1. Лука 7:5 Појаснување има во Лк. 4:15.
  2. Лука 7:11 На хебрејски: На’им.
  3. Лука 7:22 Или Евангелие; на грчки: Евангелион = Радосна вест.
  4. Лука 7:27 Цитат од Книгите на пророците Исаија (40:3) и Малахија (3:1).
  5. Лука 7:29 Појаснување за нив има во Лк. 5:27.
  6. Лука 7:30 Појаснување за нив има во Лк. 5:17.
  7. Лука 7:34 Види ја фуснотата за 5:24.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes