A A A A A
Bible Book List

Лука 22Macedonian New Testament (MNT)

СТРАДАЊАТА И СМРТТА НА ИСУС

Заговор против Исус

(Матеј 26:1-5; Марко 14:10:11) 22 Се приближуваше празникот на бесквасни лебови, познат како Пасха. Свештеничките поглавари и вероучителите настојуваа да најдат начин да Го убијат Исуса, но се плашеа од бунт меѓу народот.

Јуда се согласува да Го предаде Исуса

(Матеј 26:14-16; Марко 14:10-11) Тогаш Сатаната влезе во Јуда наречен Искариот, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Тој отиде кај свештеничките поглавари и кај управителите на храмот да се договори како да им Го предаде Исуса. Тие се израдуваа и му ветија дека ќе му платат за тоа. Јуда се согласи и почна да бара погоден момент да им го предаде кога нема да има народ наоколу.

Подготовка на Пасхалната вечера

(Матеј 26:17-25; Марко 14:12-21; Јован 13:21-30) Дојде денот на празникот Бесквасни лебови, кога за пасхалната вечера се колеа јагниња. Исус ги испрати Петар и Јован со следниве упатства: „Одете и подгответе ја за нас пасхалната вечера.“ А тие Го прашаа, каде сака да ја подготват вечерата? 10 Тој им одговори: „Кога ќе влезете во Ерусалим, ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Следете го до куќата во која тој ќе влезе, 11 и кажете му на сопственикот на куќата: ,Учителот прашува каде е собата во која Тој со Своите ученици ќе ја прослави пасхалната вечера?‘ 12 Тој ќе ви покаже веќе наместена голема соба, на горниот кат; тука подгответе ја вечерата.“ 13 Тие отидоа и навистина најдоа сe како што им беше рекол Исус и ја приготвија пасхалната вечера.

Последната вечера

(Матеј 26:26-30; Марко 14:22-26; Коринќаните 11:23-25) 14 Кога дојде времето, Исус седна на трпезата со Своите апостоли, 15 и им рече:

„Имав голема желба да ја јадам со вас оваа празнична вечера, пред да почнат Моите страдања; 16 зашто, еве, ви кажувам, дека повеќе нема да ја прославувам пасхалната вечера, сe додека во целост не се исполни нејзиното значење во Божјото царство!“

17 Потоа Исус ја крена чашата, Му заблагодари на Бог и им рече на Своите апостоли: „Земете го ова вино и поделете го меѓу себе. 18 А, еве, ви кажувам дека по ова Јас повеќе нема да пијам вино[a] сe додека не се воспостави Божјото царство.“

19 Потоа Исус зеде леб, Му заблагодари на Бог, го раскрши на парчиња и им го раздели, велејќи им: „Ова го претставува Моето тело, кое се дава за вас. Правете го ова како спомен на Мене.“

20 Исто така, по вечерата им ја подаде чашата и им рече: „Оваа чаша со вино го претставува Божјиот нов завет, што ќе биде заверен со Мојата крв, која се пролева за вас. 21 Но еве ја веќе раката на Мојот предавник, кој вечерва седи со Мене на трпезава! 22 Да, Јас, Синот Човечки, ќе умрам како што Ми е определено, но тешко на оној што Ме предава!“ 23 Тогаш апостолите почнаа меѓу себе да се прашуваат, кој може меѓу нив да биде тој што ќе Го предаде?

Кој е најголем во Божјите очи?

24 Меѓу учениците на Исус настана расправија околу тоа кој од нив ќе биде на највисока позиција. 25 А Исус им рече: „Царевите на другите народи владеат над своите народи и сакаат да бидат нарекувани ,Народни добротвори.‘ 26 Но меѓу вас не смее да биде така! Напротив, најголемиот меѓу вас треба да се потчини како да е најмлад; водачот треба да ви служи. 27 Кој е поголем: оној што седи или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А еве, Јас Сум меѓу вас како слуга.

28 Вие останавте со Мене во текот на сите Мои искушенија. 29 И, еве, Јас ви давам царска чест, како што и небесниот Татко ми ја даде Мене. 30 Вие ќе јадете и ќе пиете на Мојата трпеза, во Царството Мое, ќе седите на престоли и ќе им судите на дванаесетте израелски племиња.“

Исус претскажува дека Петар ќе Го изневери

(Матеј 26:31-35; Марко 14:27-31; Јован 13:36-38) 31 Исус продолжи: „Симоне, Симоне! Еве, Сатаната побара дозвола да ве искуша сите. Тој ќе се обиде да ве просее, како што земјоделецот ја просејува пченицата. 32 А Јас се молев за тебе, Симоне, да не потклекнеш во твојата вера. Така и ти, кога повторно ќе се вратиш кај Мене, поткрепувај ги своите пријатели христијани!“

33 Петар одговори: „Господе! Јас сум готов да одам со Тебе и во затвор и во смрт!“ 34 Но Исус му рече: „Еве, ти кажувам, Петре, пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одрекуваш дека воопшто Ме познаваш!“

35 Потоа Исус ги праша Своите ученици: „Кога ве испратив на претходната мисија без ќесиња, без торби и чевли, дали бевте во скудност за нешто?“ Тие Му одговорија: „Не, за ништо!“ 36 Но овојпат ви велам: „Кој има ќесе или торба, нека ги земе со себе; и кој нема меч, нека си го продаде палтото и нека си купи меч. 37 Зашто, еве, ви кажувам дека за Мене мора да се исполни она што е претскажано[b] во Светото Писмо:

„Тој ќе биде осуден како да е злосторник!“ Тоа ќе се оствари за Мене сега.

38 Учениците Му рекоа: „Господе, имаме два ножа!“ А Тој им рече: „Доволно зборувавме за тоа!“

Исусовата агонија и молитва на Маслиновата Гора

(Матеј 26:36-46; Марко 32-42) 39 Потоа Исус си замина од горната соба и отиде, како и обично, на Маслиновата Гора. Со Него појдоа и Неговите ученици. 40 Кога стигна на тоа место, им рече: „Молете се да не потклекнете пред искушението!“ 41 А Тој се одвои од нив, на растојание колку што може да се фрли камен со рака и клекна да се моли:

42 „Небесен Татко! Ако сакаш, Те молам поштеди Ме од оваа страдалничка чаша! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата желба.“ 43 Тогаш Му дојде ангел од небото и Го бодреше. 44 Кога Го обзеде стравотна внатрешна борба, Тој уште поревносно се молеше, така што пот му капеше по земјата како капки од крв[c].

45 Станувајќи од молитва, Тој се врати кај Своите ученици и ги затекна заспани, премалени од големата тага. 46 Па им рече: „Зошто спиете!? Станете и молете се за да не потклекнете пред искушението!“

Исус е предаден и уапсен

(Матеј 26:47-56; Марко 14:43-50; Јован 18:3-11) 47 Уште додека Исус зборуваше, пристигна толпа народ, предводена од Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Јуда Му се приближи на Исус, за да Го бакне, во знак на поздрав. 48 А Исус му рече: „Јуда! Зар со бакнеж Го предаваш Синот Човечки[d]!?“

49 Кога учениците на Исус сфатија што се случува, повикаа: „Господе! Да се браниме со ножеви!“ 50 И еден од нив замавна кон слугата на Првосвештеникот и му го отсече увото. 51 Но Исус им рече: „Престанете!“ Потоа со допир му го исцели увото на човекот.

52 Потоа Исус им се обрати на свештеничките поглавари, на управителите на храмот и на старешините кои заедно беа дојдени да Го фатат: „Зар требаше да дојдете по Мене со ножеви и со стапови, како да Сум разбојник!? 53 Со вас бев секојдневно во храмот, зошто таму не Ме уапсивте? Но ова е вашиот миг и времето на мрачните сили.“

Петар се откажува од Исус

(Матеј 26:57-58, 69-75; Марко 14:53-54, 66-72) 54 Тие Го уапсија Исуса и Го одведоа во куќата на Првосвештеникот. А Петар Го следеше оддалеку. 55 На средината на дворот запалија оган и поседнаа наоколу. Им се придружи и Петар. 56 Една од слугинките го забележа крај огнот, се загледа во него и рече: „И овој човек беше следбеник на Исус!“

57 Но Петар почна да одречува: „Жено! Јас не Го ни познавам!“ 58 По извесно време, еден друг човек го забележа, па и тој рече: „И ти си еден од нив!“ Но Петар му одговори: „Не сум, човеку!“ 59 Измина уште приближно еден час, кога некој пак тврдеше, велејќи: „Несомнено, и овој беше со Исус, а и Галилеец е!“ 60 Но Петар и овојпат одговори: „Не знам што зборуваш, човеку!“ Во истиот миг, додека Петар уште зборуваше, запеа петел. 61 Свртувајќи се, Господ Исус погледна во Петар. Тогаш Петар се сети на Господовите зборови, што порано му ги беше кажал: ,Пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одречеш дека Ме познаваш!‘ 62 Тогаш Петар излезе оттаму и горко заплака.

Верските водачи Го судат Исуса

(Матеј 26:59-68; Марко 14:55-65; Јован 18:19-24) 63 Чуварите што го држеа Исуса, Му се подбиваа и Го удираа. 64 Му ги врзаа очите и Му говореа: „Погоди кој Те удри!“ 65 Му упатуваа и многу други навредливи зборови.

66 Кога се раздени, се состанаа народните старешини, свештеничките поглавари и вероучителите и Го изведоа Исуса пред еврејскиот Врховен совет[e]. 67 Тогаш Го прашаа: „Кажи ни, Ти ли си Месијата?“ Исус им одговори: „И да ви кажам, нема да Ми верувате! 68 И кога би ве прашал нешто, вие нема да Ми одговорите. 69 Но отсега Јас, Синот Човечки, ќе седам оддесно на Семоќниот Бог.“

70 А тие во еден глас Му рекоа: „Тогаш, значи, Ти тврдиш дека си Божјиот Син, зар не?“ Тој им одговори: „Да! Вие самите рековте дека Јас сум Тој“. 71 Тогаш, тие рекоа: „Зар ни треба поголем доказ од овој!? Самите чувме што рече!“

Footnotes:

  1. Лука 22:18 Или: од овој лозов плод. Види го написот за виното, кај 7:33-34.
  2. Лука 22:37 Во Книга на пророкот Исаија 53:12.
  3. Лука 22:44 Стиховите 43 и 44 ги нема во некои стари ракописи на Новиот завет.
  4. Лука 22:48 Синот Човечки е Исус. Види фуснота кај 5:24.
  5. Лука 22:66 Буквално: Санхедрин, или Синедрион. Иако биле под римска окупација, на Евреите им било дозволено да имаат свој Совет (Суд) за верски прашања.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes