A A A A A
Bible Book List

Лука 2Macedonian New Testament (MNT)

Во тоа време римскиот император Август издаде заповед за прв попис на населението во неговата земја.

Во времето на тој попис управник на Сирија беше Квиринеј. Тогаш секој отиде да се запише во местото на своето потекло.

Така и Јосиф, кој беше потомок на царот Давид, тргна од галилејскиот град Назарет во јудејскиот град Витлеем, родното место на Давид. Јосиф отиде таму да се запише заедно со својата бремена свршеница, Марија. Додека беа таму, нејзе и дојде времето да се породи. И роди Син, нејзино Првороденче, Го пови и Го положи в јасли, бидејќи за нив немаше место во ноќевалиштето.

Пастирите и ангелите

Во истиот тој крај, имаше пастири кои ноќеваа во полето, чувајќи ги своите стада. Одеднаш им се јави ангел Господов и славата Господова ги осветли, од што тие многу се исплашија. 10 Но ангелот им рече: „Не плашете се! Ви носам радосна вест, што ќе ги зарадува сите народи. 11 Денес, во Давидовиот град, во Витлеем, ви се роди Спасителот - Месијата[a], Господ. 12 Доказ за ова ќе ви биде следното: во јаслите ќе најдете Новороденче во повој.“

13 Вчасот, на ангелот му се придружија голем број ангели од небото, кои Го славеа Бога пеејќи:

14 „Слава на Бог во небесата,

а на Земјата мир за луѓето

над кои почива Неговата благонаклоност[b]!“

15 Кога ангелите се вратија на небото, пастирите си рекоа еден со друг: „Ајде да појдеме до Витлеем и да ја видиме оваа случка со која нe запозна Господ!“ 16 Отидоа брзајќи и ги најдоа Марија и Јосиф со Новороденчето кое лежеше во јаслите. 17 Откако Го видоа, на сите им раскажуваа за сето она што им го беше рекол ангелот за Детето. 18 Сите што го слушаа ова од пастирите, се восхитуваа, 19 а Марија ги запамети сите тие зборови и често размислуваше за нив. 20 Потоа пастирите се вратија, пеејќи Му славопојки на Бог за сето она што го слушнаа и видоа, зашто сe беше точно така како што им кажа ангелот.

Посветувањето на Исус во храмот

21 На осмиот ден, при обрежувањето, на Новороденчето Му беше дадено името Исус[c], како што Го беше нарекол ангелот уште пред да биде зачнат.

22 Кога помина времето на нивното исчистување, согласно со Мојсеевиот Закон, Јосиф и Марија Го донесоа Детето во Ерусалим за да Го посветат пред Господ, 23 како што е пропишано со Законот Господов: ,Секое првородено машко дете да Му биде посветено на Господ[d].‘ 24 Отидоа да принесат и жртва: две грлици или две гулапчиња, како што се бараше според Господовиот Закон[e].

25 Во тоа време, во Ерусалим живееше еден човек по име Симон. Тој беше добар и богобојазлив, исполнет со Светиот Дух, и Го очекуваше Месијата Кој ќе го избави Израел. 26 Симон беше добил уверување од Светиот Дух дека нема да умре додека не Го види Месијата, ветен од Господ. 27 Поттикнат од Светиот Дух, Симон дојде во храмот токму кога родителите Го донесоа Детето Исус, за да Го посветат, согласно со она што беше пропишано со Мојсеевиот Закон. 28 Симон Го зеде Детето в раце и упати благодарност кон Бог, велејќи:

29 „Господе, сега можам спокојно да умрам

зашто Ти го одржа Своето ветување.

30 Моите очи Го видоа Спасителот,

31 Кого Ти Го испрати за сите народи.

32 Тој е Светлина што на народите ќе им го открие Бога

и ќе Му донесе слава на Твојот народ, Израел!“

33 А Јосиф и Марија се восхитуваа од овие зборови искажани за Исус. 34 Тогаш Симон ги благослови, и и рече на Марија, мајката на Детето: „Ова Детенце е избрано од Господ да собори и да подигне мнозина во Израел; ќе биде знак против кој луѓето ќе зборуваат, 35 откривајќи ги така своите тајни мисли. А тебе, тагата како меч ќе ти ја прободе душата.“

36 Таму беше и една многу стара пророчица, по име Ана, ќерка на Фануел, од Ашеровото племе. По своето моминство, таа живеела во брак седум години, а потоа останала сама; сега имаше осумдесет и четири години. 37 Таа беше постојано во храмот и Му служеше на Господ и дење и ноќе, постејќи и молејќи се. 38 Токму кога Симон разговараше со Јосиф и Марија, таа пријде и почна да Го слави Бога и да им зборува за Исус на сите што очекуваа да се појави ветениот Цар, Кој ќе го избави Ерусалим.

Враќањето во Назарет

39 Кога Јосиф и Марија извршија сe што беше пропишано според Господовиот Закон, се вратија во својот град, Назарет, во покраината Галилеја. 40 Таму Детето растеше и закрепнуваше; беше полно со мудрост, а Бог Му беше особено благонаклонет.

12

-годишниот Исус во храмот 41 Родителите на Исус одеа секоја година во Ерусалим, за време на празникот Пасха. 42 Кога Исус имаше дванаесет години, тие отидоа со Него на празникот, како и обично. 43 По празникот, тие тргнаа дома, а Исус остана во Ерусалим без знаење на Неговите родители. 44 Мислејќи дека е некаде меѓу патниците, тие патуваа цел ден, барајќи Го меѓу роднините и пријателите. 45 Бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат таму. 46 По три дена Го најдоа во храмот, каде што седеше со еврејските учители, ги слушаше и им поставуваше прашања. 47 Сите што Го слушаа беа одушевени од Неговите умни одговори. 48 Кога Го видоа, Неговите родители се изненадија, а мајка му Му рече: „Зошто ни го направи тоа, чедо мое!? И татко ти и јас се изнамачивме барајќи Те!“ 49 Тој им одговори: „Зошто сте Ме барале? Зар не знаевте дека Јас треба да бидам во служба на Мојот Татко[f]!?“ 50 Но тие не го разбраа Неговиот одговор.

51 Потоа Исус се врати со нив во Назарет и им беше послушен. Мајка му грижливо ги редеше во своето срце сите овие случки. 52 Исус растеше и напредуваше во мудрост, здобивајќи се со благонаклоност и кај Бог и кај луѓето.

Footnotes:

  1. Лука 2:11 Односно, Христос - грчки еквивалент за хебрејскиот збор Месија (Машија), што значи посебен Божји помазаник, пратеник.
  2. Лука 2:14 Во некои ракописи стои: ...на Земјата мир, а меѓу луѓето добра волја.
  3. Лука 2:21 На хебрејски: Јешуа = спасение, спасител; нашето име Спасе е соодветно.
  4. Лука 2:23 2. Мој. 13:2.
  5. Лука 2:24 3. Мој. 12:8.
  6. Лука 2:49 Игра на зборови: Исус овде мисли на небесниот Татко, т.е. на Бог. Во некои ракописи, овој ред гласи: „Зар не знаевте дека Јас треба да ја извршувам работата на Татко ми!?“
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes