Add parallel Print Page Options

За единство во црквата

Затоа ве молам, јас кој сум затвореник поради тоа што проповедам за Господ, да живеете живот достоен за луѓе што се повикани, одбрани од Бог. Да бидете понизни, кротки и трпеливи. Да се толерирате меѓусебно и да се сакате. Трудете се да ги зачувате единството, меѓусебната поврзаност и мирот што ви ги дава Светиот Дух.

Сите ние сме дел од едно исто тело, сите го имаме истиот Божји Дух, и кога бевте одбрани да бидете Божји народ, вам ви беше дадена една иста надеж. Постои само еден Господ, само една вера, само едно крштавање. Постои само еден Бог, Татко на сите. Тој е Господар над сите, дејствува преку сите и живее во сите.

Но Христос секого од нас го надарил со разновидна дарба, како што Тој милувал. Затоа Светото Писмо вели:

„Кога се вознесе во висините,

зеде со Себе многу затвореници

и им даде дарови на луѓето[a].“

Што значи тоа „кога се вознесе[b]“? Тоа подразбира дека Тој прво слезе до најдолните предели на Земјата[c]. 10 Тој што слезе е истиот Оној што се издигна високо над сите неба, а тоа е Христос, за да може да ја исполни целата вселена и да владее со неа.

11 Христос надарил некои луѓе да бидат апостоли, други да бидат пророци; некои да бидат евангелизатори, а други духовни пастири и учители. 12 Тие треба да ги обучат Божјите луѓе за извршување на Неговото дело - изградба на Црквата, духовното Христово тело, 13 се додека сите заедно не постигнеме единство во верата и во познавањето на Божјиот Син, со што ќе станеме целосно зрели според возвишените стандарди што ги постави Христос.

14 Не треба веќе да се однесуваме како малолетници, фрлани наваму - натаму од брановите, носени од сите ветришта на лажните човечки учења, кои итро ги водат луѓето во стапицата на измамата. 15 Треба да растеме, цврсто држејќи се до вистината, искажувајќи ја со љубов, доближувајќи се во секој поглед до Оној што е главата, до Христос. 16 Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина. Кога секој дел од телото си ја извршува својата функција, целото тело расте, самото себе се изградува и се исполнува со љубов.

Нова природа за богоугоден живот

17 Затоа ви велам и ве обврзувам пред Господ: не треба веќе да живеете онака како што живеат луѓето кои не знаат за Господ, водени од нивните празни умови. 18 Нивните умови се помрачени. Тие се отуѓени од животот што доаѓа од Бог, затоа што не го разбираат тоа, а не го разбираат бидејќи срцата им се закоравени. 19 Тие веќе не го разликуваат праведното од грешното. Лакомо се препуштаат на разни пороци и на секаков вид гнасни работи.

20 Но вие што сте запознаени со учењето на Христос, не сте учени така да живеете. 21 Слушнавте за Него и научивте дека вистината произлегува од Исус. 22 Затоа, отфрлете ја вашата стара природа и поранешниот начин на живеење, таа стара природа, докрај расипана, полна со похот и измама. 23 Сега сте духовно препородени, со нов начин на размислување. 24 Однесувајте се како нови луѓе, создадени да бидете слични на Бог: праведни, свети и искрени.

25 Веќе не треба ни да помислите да лажете, туку да ја зборувате само вистината[d], бидејќи сме органи на едно исто тело. 26 „Не гневете се во толкава мера та да грешите[e]!“ Гневот нека ви помине уште истиот ден! 27 Не оставајте простор Ѓаволот да дејствува!

28 Кој крадел, да не краде веќе; нека работи нешто чесно, нека заработува со своите раце, па да може да им дава и на оние што имаат потреба од помош.

29 Лоши зборови да не излегуваат од вашата уста! Зборувајте поучни работи, зборови од кои слушателите ќе имаат некаква полза. 30 Не ожалостувајте го Светиот Дух со своите постапки. Тој е вашиот гарант дека сте спасени и ве чува за денот на откупувањето. 31 Ослободете се од сета горчина, гнев и лутина. Немојте да викате еден на друг и да се навредувате. Ослободете се од се што е зло. 32 Бидете љубезни еден спрема друг и полни со милосрдие, простувајте си, како што и Бог ви прости преку Христос.

Footnotes

  1. Ефешаните 4:8 Псалм 68:18.
  2. Ефешаните 4:9 Или: се искачи, се воздигна.
  3. Ефешаните 4:9 Или: овде долу на Земјата, кај нас. Пределите околу Мртвото Море каде што се движел Христос и буквално се најниските предели на планетата Земја, повеќе од 300 метри под морското ниво.
  4. Ефешаните 4:25 Захарија 8:16.
  5. Ефешаните 4:26 Псалм 4:4.