A A A A A
Bible Book List

Евреите 11Macedonian New Testament (MNT)

Примери за голема вера

11 Што е вера? Тоа е сигурност дека она на што се надеваме навистина и ќе се случи. Вера е увереност во нешто што не си го видел. Бог со одобрување гледаше на нашите предци токму поради нивната вера.

Преку вера разбираме дека целата вселена била создадена преку Божјиот Збор, така што се што е видливо настанало од она што било невидливо.

Авел имаше вера во Бог и затоа неговата жртва беше подобра од онаа на Каин. Бог ја прифати неговата жртва и со тоа покажа дека Авел е праведен. Иако Авел е веќе одамна мртов, неговата вера продолжува да зборува.

Енох имаше вера во Бог и затоа не доживеа смрт: „одеднаш тој исчезна, бидејќи Бог го зеде[a]“. Но пред Бог да го земе, Енох доби уверување дека му беше угоден на Бог. А без вера не е можно да Му бидеме угодни на Бог. Секој што сака да дојде кај Бог, мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние што искрено Го бараат.

Ное имаше вера во Бог и затоа Тој го предупреди за она што се уште не се беше случило. Тој со побожна почит изгради ковчег[b] за да го спаси своето семејство. На тој начин, светот беше осуден, а Ное поради својата вера беше оправдан во Божјите очи.

Авраам имаше вера и затоа кога Бог го повика да замине од својата татковина во земјата која му беше ветена како наследство, тој Го послуша. Авраам тргна, иако не знаеше каде оди. Преку вера тој се досели во земјата која Бог му ја вети и живееше во шатори како туѓинец. Така живееја и Исак и Јаков, на кои Бог им го даде истото ветување. 10 Авраам постапи така, зашто тој очекуваше град со вечни темели, чиј архитект и градител е Бог.

11 И Сара имаше вера и затоа доби способност да зачне, иако беше неротка и во поодминати години. Таа[c] Му веруваше на Оној што и беше ветил. 12 Иако Авраам беше близу до умирачка, од овој единствен човек произлегоа толку потомци, колку што има ѕвезди на небото и неброени зрнца песок на морскиот брег.

13 Сите овие луѓе се сега умрени, но тие имаа вера, иако не го дочекаа она што им беше ветено, туку само оддалеку го видоа и го поздравија, истовремено признавајќи дека се само странци и привремени жители на Земјата. 14 А луѓе што така зборуваат покажуваат дека бараат место што ќе им биде татковина. 15 И не сметаа дека тоа е земјата од која произлегоа, зашто да мислеа така ќе најдеа начин таму да се вратат. 16 Напротив, тие копнееја за многу подобрата небесна татковина. И затоа Бог не се срами да биде наречен нивни Бог. Тој дури и град им изгради на небото!

17 И Авраам имаше вера во Бог и затоа, кога беше ставен на тест, го понуди својот син Исак како жртва. А токму на Авраам, кој беше готов да го жртвува својот син единец, Бог му беше ветил: 18 „Од Исак ќе произлезе твоето потомство[d]!“ 19 Авраам беше уверен дека Бог може и мртви да оживува, па во извесна смисла како да го доби својот син оживеан од мртвите.

20 Исак имаше вера во Бог и им вети благослови на Јаков и на Исав дури и за во иднина.

21 Јаков имаше вера во Бог и, пред да умре, ги благослови синовите на Јосиф. Потпрен на својот бастун, тој понизно се поклони[e]. 22 Јосиф веруваше дека Бог ќе ги изведе Израелците од египетското ропство и, пред да умре, тој порача да му бидат изнесени и коските, кога ќе си заминат од Египет.

23 Родителите на Мојсеј имаа вера во Бог кога три месеци го криеја. Тие видоа дека детето е убаво и не се плашеа од заповедта на фараонот. 24 Кога Мојсеј порасна, тој имаше вера во Бог и затоа одби да биде прогласен за син на фараоновата ќерка. 25 Тој претпочиташе да страда заедно со Божјиот народ, наместо кусотрајно да ужива во грешните задоволства. 26 Тој сфати дека е повредно да претрпи понижување заради Месијата, отколку да ги добие сите богатства на Египет; затоа, погледот му беше вперен кон идната награда од Бог.

27 Мојсеј имаше вера во Бог кога го напушти Египет и не се исплаши од царскиот гнев. Остана непоколеблив, како да Го гледаше Невидливиот Бог. 28 Тој имаше вера кога ја заповеда Пасхалната вечера и попрскувањето со крв, за да не бидат убиени нивните првороденчиња од страна на ангелот на смртта.

29 Израелскиот народ имаше вера во Бог кога мина преку Црвеното Море како преку сува земја, додека при истиот обид, Египќаните се удавија[f].

30 Израелците имаа вера во Бог кога седум дена ги обиколуваа ѕидините на Јерихо, додека тие не се урнаа[g].

31 И блудницата Рахава имаше вера кога ги прибра израелските извидници и затоа не беше погубена заедно со оние што не Му веруваа на Бог[h]

.

32 Треба ли уште да кажувам? Не би имал доволно време да расправам и за Гидеон, за Барак, за Самсон, за Јифтах, за Давид, за Самуил и за сите пророци. 33 Тие имаа вера во Бог и преку неа победуваа царства; и бидејќи постапуваа праведно, го добија она што Бог им го вети. Тие и лавовски усти затвораа, 34 пламени јазици згаснуваа, од меч се избавуваа ... Иако беа немоќни, добиваа сила и моќ пред кои бегаа непријателските војски.

35 Некои жени доживеаја да им воскреснат починатите. Многу од нив беа мачени, одбивајќи да се откажат од верата во Бог и да бидат ослободени, зашто беа уверени дека ќе им биде подобро со воскреснатите. 36 Други беа исмејувани, тепани и во окови затворани. 37 Некои беа до смрт каменувани или со пили пресекувани или со меч погубувани. Некои од нив имаа само кожувчиња од овча или јарешка кожа и беа принудени да живеат како да се скитници. Беа сиромашни, измачени и малтретирани. 38 Светот не ги заслужуваше овие добри луѓе, кои беа принудени да живеат во пустини, во шуми, во пештери и во јами.

39 Сите овие луѓе, благодарение на верата во Бога што ја имаа, станаа пример за пофалба; па сепак, не доживеаја да го примат она што им беше ветено. 40 Се заради тоа што Бог чуваше нешто подобро за нас и не сакаше тие да стигнат на целта без нас.

Footnotes:

  1. Евреите 11:5 1 Мој. 5:24.
  2. Евреите 11:7 Всушност, голем брод, за време на сеопштиот потоп. Види во 1 Мој. 6.
  3. Евреите 11:11 Во некои ракописи стои: Авраам Му веруваше...
  4. Евреите 11:18 Цитат од 1 Мој. 21:12.
  5. Евреите 11:21 Нејасно е дали им се поклони ним или Му се поклони (на Бог).
  6. Евреите 11:29 Случката е запишана во 2. Мој. 14:21-31.
  7. Евреите 11:30 Случката е запишана во Книгата на Исус Навин (Јошуа) 6:12-20.
  8. Евреите 11:31 Случката е запишана во Книгата на Исус Навин (Јошуа) 2:1, 9-14; 6:22-25. Јак. 2:25.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes